Американски јутјубер се соочува со затвор поради уривање на авион за да собере прегледи

Џејкоб немал намера да стигне до својата дестинација, туку планирал да се отфрли од својот авион за време на летот и да се снима како со падобран се спушта на земјата, додека неговиот авион се урива

Photo by Olli Karola on Unsplash

Јутјуберот Тревор Џејкоб, кој намерно урна авион поради прегледи, ќе се изјасни за виновен за попречување на федерална истрага со тоа што го исчистил местото на несреќата, пренесува Би-би-си, повикувајќи се на информации од обвинители во САД.

Во соопштението на американското Министерство за правда пишува дека во ноември 2021 година, Џејкоб го напуштил аеродромот во Санта Барбара, Калифорнија на соло лет со камери поставени на неговиот авион. Заедно со камерите, Џејкоб со себе зел падобран и селфи стап.

Според соопштението, Џејкоб немал намера да стигне до својата дестинација, туку планирал да се отфрли од својот авион за време на летот и да се снима како со падобран се спушта на земјата, додека неговиот авион се урива.

Авионот се урнал во шумата Лос Падрес, 35 минути по полетувањето. Јутјуберот пешачел до местото за да ја собере снимката од уривањето.

29-годишниот јутјубер објави видео од авионско уривање во декември 2021 година, навестувајќи дека се работи за несреќа. Видеото досега има над 2,9 милиони прегледи.

Во договорот за признавање на вината, тој рекол оти го снимал видеото како дел од договор за спонзорство на производ.

Поради ова, може да се соочи со затворска казна до 20 години.

По уривањето на авионот и пријавувањето на несреќата, Џејкоб со хеликоптер се вратил на местото на уривањето и ги извадил остатоците од авионот, по што ги уништил.

Минатата година му била одземена пилотската дозвола, а на суд се очекува да се појави во текот на наредните недели.