fbpx

Oдбележана 20-годишнината од загинувањето на претседателот Борис Трајковски

Tрајковски го загуби животот во авионска несреќа, што се случи на денешен ден во 2004 година, кога патуваше на Меѓународна конференција во Мостар

-

Претседателот Стево Пендаровски, по повод одбележувањето на 20-годишнината од загинувањето на претседателот Борис Трајковски и членовите на делегацијата во авионската несреќа во Босна и Херцеговина, денеска положи венец со свежо цвеќе на гробот на претседателот Борис Трајковски на гробиштата „Бутел“ во Скопје.

Претседателот Пендаровски положи венци со свежо цвеќе и на вечните почивалишта на загинатите членови на делегацијата: Димка Илкова – Бошковиќ, Ристе Блажевски, Миле Крстевски, Марко Марковски и Бранко Ивановски на гробиштата „Бутел“ во Скопје.

Фото: Кабинет на претседател на РСМ

Претставник на Кабинетот на Претседателот положи свежо цвеќе на вечното почивалиште на Анита Кришан Лозановска на гробиштата во Велес.

Претставник на Кабинетот, како дел од државната делегација, присуствуваше на церемонијата на одбележување на годишнината пред спомен – обележјето на местото на несреќата во Ротимље, Босна и Херцеговина.

Свежо цвеќе на гробот на поранешниот претседател положи и делегација на Владата на Република Северна Македонија, составена од заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, министерот за локална самоуправа, Ристо Пенов и заменик-министерката за правда, Викторија Аврамовска Мадиќ.

Покрај владините претставници, на овогодишното одбележување во Бутел присуствуваа и положија цвеќе сопругата на Трајковски, Вилма Трајковска со членови од семејството, делегација на Собранието на Република Северна Македонија предводена од претседателот на Собранието, Јован Митрески, делегација на Армијата на Република Северна Македонија, како и делегација на Сојуз на борци од НОАВМ предводена од Наум Бурески, потпретседател на Главен одбор на СБМ.

На спомен-обележјето кај Ротимље каде што се случи несреќата, свежо цвеќе положија и претставници од владината делегација составена од министерката за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска, и Каја Шукова, министерка за животна средина и просторно планирање, полковник Билјана Блажеска, претставник од Кабинетот на Претседателот на Република Северна Македонија, пратеници од македонското собрание, како и претставници од Армијата на Република Северна Македонија, ЕУФОР-БиХ.

Од име на Владата на Република Северна Македонија, а во чест и спомен на поранешниот претседател Борис Трајковски, пригодно обраќање имаше шефот на делегацијата, министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.

„Oва спомен-обележје не е само паметник на трагичниот миг. Ова е потсетник за сите генерации дека Македонија имала и има доблесни и решителни луѓе кои следејќи ја својата визија, својот сон, имаа храброст да гледаат во иднината. Денес нашата земја е членка на НАТО и на дофат ѝ е членството во Европската Унија. Визијата на Трајковски ме остава во уверување дека и сега тој не би се двоумел што е најисправно да се направи иако и самиот тој знаел дека луѓето со визија се осудени да бидат подоцна разбрани“, рече министерката Костадиновска-Стојчевска во своето обраќање.

Пред спомен-обележјето, заедно со македонската делегација почит оддадоа и високи претставници од Босна и Херцеговина и од градот Мостар.

Tрајковски го загуби животот во авионска несреќа, што се случи на денешен ден во 2004 година, кога патуваше на Меѓународна конференција во Мостар.

Покрај Трајковски, загинаа и портпаролот Димка Илкова Бошковиќ, советниците Ристо Блажевски и Анита Лозановска, претставникот на Министерството за внатрешни работи Миле Крстевски, телохранителите Аце Божиновски и Борис Велиновски, како и пилотот и копилотот на авионот.

Вечерва со почеток во 20:30 часот во Национална опера и балет ќе се одржи и комеморативен настан, на кој свое обраќање ќе има претседателот Пендаровски.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Електрификацијата на пругата кон Косово падна во заборав

Долгонајавуваната електрификација на пругата кон Косово не се случи ниту во овој мандат на Владата предводена од социјалдемократите. Веќе три години не сообраќа ниту патничкиот воз Скопје – Приштина...