fbpx

Државата не може да го плати лекувањето на Леонид и Јани во странство поради закон стар 24 години

Кога прашав, еве кажете ми, каде тука јас да го лекувам мојот син, ми одговорија - дома. Ние живееме во стара куќа, со скали, дрвени подови, едноставно невозможно е да го носиме дома Јани, нему му е потребна медицинска нега, како што ја добива во Грција. Постојано молиме за пари и за донации, бидејќи живееме со 16 илјади денари, вели таткото на Јани, Васил Иванов

-

Точно 24 години (од 2000 година) е стар Законот за здравствено осигурување со кој се дава можност пациенти од земјава кои се осигурани да се лекуваат во странство на државна сметка ако се исцрпени можностите за лекување во државата. Со овој закон е утврдено дека Фондот за здравствено осигурување не можи да ги покрие трошоците за специјализирана медицинска рехабилитација.

Токму овој дел од законот е пречката за 18-годишниот Леонид Индов и 20-годишниот Јани Иванов да се лекуваат надвор од државата, иако нивните родители, а и конзилијарните мислења од лекарите потврдуваат дека сите можности за нивно лекување во земјава се исцрпени. Државата на двата случаи гледа како да станува збор за медицинска рехабилитација, а не за лекување, иако Леонид, по здобиените повреди лани во Грција, дише на респиратор и не може да ги движи долните екстремитети. Јани, пак, кој претходно бил велосипедист, има декубитарни рани и катетер и не ги движи екстремитетите по повредите здобиени во Грција во јули 2022 година.

Леонид и Јани се лекуваат со пари од донации

Леонид во моментов е на лекување во Виена, а парите се собираат преку донации, додека Јани веќе 14 месеци се лекува во Лариса, Грција, а неговите родители едвај крпат крај со крај.

За да биде ситуацијата уште поиронична, документите покажуваат дека актуелната заменик-министерка за здравство, Маја Манолева, како тогашна директорка на Клиниката за физикална медицина и рехабилитација во Козле, го потпишала конзилијарното мислење дека се исцрпени сите можности за лекување на младиот Јани во земјава и го упатува на лекување во странство. Фондот за здравство донел негативно мислење во однос на ова, бидејќи ФЗО не покрива „медицинска рехабилитација“.

Конзилијарно мислење за лекување во странство на 20-годишниот Јани

Манолева минатата недела, од позиција на заменик-министер за здравство, пак, тврдеше нешто спротивно од она што го потпишала во 2022 година. Таа изјави дека „треба да се испочитува здравствениот систем, пациентите да ги исцрпат сите можности кои тука ги имаме, и дури потоа да се упатат на лекување или на рехабилитација во странство“.

„Ние имаме здравствен систем кој во последните години во однос на апаратурата, во однос на опременоста е навистина напреднат, кој за одреден дел од пациентите кои претходно сме ги упатувале на лекување во странство, сега може да одговори и одговара“, рече Манолева, во однос на лекувањето на Леонид, кој ја има истата дијагноза како и Јани.

Инаку, лани во декември во болницата во Козле беше набавен апаратот за роботска рехабилитација, наменет за интензивна рехабилитациска терапија на пациенти со тешко до умерено оштетување на способноста за одење и функционална подвижност. Овие оштетувања во телесните функции и активности може да бидат предизвикани од различни болести, како невролошки заболувања, повреди на мозокот (поради мозочен удар или траума), повреда на ‘рбетниот мозок и церебрална парализа. Апаратот чинеше 940 илјади евра, но, како што пренесе Радио Слободна Европа, повикувајќи се на изјава од Клиниката, роботот уште не е во целосна употреба, но и кога ќе стане достапен за пациентите, прашање на стручна проценка е дали на него ќе можат да се лекуваат пациенти со повреди како Леонид или Јани.

Таткото на Јани: Живееме со 16 илјади денари, а во Грција плаќаме по 10.000 евра месечно

„Точно е дека во Козле навистина пред два месеца донесоа робот и имаат базен, но за вакви случаи тоа не помага. Мојот син има катетер и декубитарни рани направени додека лежеше на Клиниката КАРИЛ, и тој не смее да користи ниту робот ниту пак базен. Сè уште не се затворени раните, декубитетот беше голем колку тегла од 1 килограм“, вели за Мета.мк таткото на Јани, Васил Иванов.

Јани првично бил лечен во земјава, но кога веќе почнале да се отвораат рани по неговото тело, поради лежењето, тие решаваат да го носат во Грција, каде што лекувањето достигнува и до 10.000 евра месечно. Фондот за здравство не покрива никакви трошоци бидејќи сето ова влегувало во доменот на „медицинска рехабилитација“.

„Кога прашав, еве кажете ми, каде тука јас да го лекувам мојот син, ми одговорија – дома. Ние живееме во стара куќа, со скали, дрвени подови, едноставно невозможно е да го носиме дома Јани, нему му е потребна медицинска нега, како што ја добива во Грција. Постојано молиме за пари и за донации. Мојата сопруга остана без работа откако се случи ова, а моите примања се 16 илјади денари месечно. Уште месец до два максимум можеме да го држиме Јани во центарот во Грција, потоа сакале или не, мора да го вратиме дома“, вели Иванов.

Заменик-народниот правобранител Јован Андоновски денеска одговорајќи на новинарско прашање најави дека оваа недела ќе почне да се работи на иницијатива со која се предвидуваат измени на законски и подзаконски акти на Фондот за здравствено осигурување (ФЗОРСМ), кои ќе бидат во насока да се цени секој случај индивидуално, а не да се категоризираат предметите.

Тој посочи дека засега немаат никаква реакција од Фондот, во врска со најавената иницијатива.

„На таа иницијатива ќе почне да се работи оваа недела. Со неа предвидуваме измени на Законот и на подзаконските акти, особено на подзаконските акти на ФЗОМ коишто се застарени и антидатирани“, изјави Андоновски.

Во последниве две години, до Фондот за здравствено осигурување само двајца пациенти побарале да се лекуваат во странство за ваква дијагноза. Станува збор токму за Леонид и за Јани, но и на двајцата барањето им беше одбиено, и покрај конзилијарните мислења во кои по тројца лекари потврдуваат дека за нив се исцрпени сите можности за лекување во државата.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поминаа 23 години од масакрот кај Вејце

Денеска се навршуваат 23 години од масакрот кај Вејце, кога во 2001 година, од заседа беа убиени и масакрирани осум припадници на посебната единица при СВР Битола и припадници...