Се чека одлука за втора истрага за пожарот во Модуларната болница во Тетово

Во врска со патот кон праведна разврска за пожарот во Модуларната болница, членовите на семејствата и граѓаните, организираа неколку протести

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, во посета на модуларната болница за Ковид-19 во Тетово, каде во пожарот синоќа загинаа 14 од 26 пациенти. Фото: Кабинет на ПРЕТРСМ, 9 септември 2021

Иако поминаа седум месеци откако Јавното обвинителство во август 2023 година информираше дека Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција води уште една истрага за пожарот во модуларната болница, во кој изгореа 14 лица, од оваа институција за Порталб.мк нагласуваат дека Обвинителството е пред донесување на одлуката, но не наведуваат конкретен датум.

Обвинителството за Порталб.мк нагласи дека овој предмет е во фаза пред донесување на одлука од Јавното обвинителство.

„Надлежниот јавен обвинител ја обезбедил целата документација од Министерството за здравство, Министерството за труд и социјална политика и Проектната единица на Светската банка и ги презел сите потребни дејствија за да донесе мериторна одлука на јавното обвинителство“, соопштија од Обвинителството.

Јавното обвинителство и Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција од октомври 2023 година и во јануари 2024 година континуирано ги игнорираат новинарските прашања на Порталб.мк за овој случај.

Од друга страна, токму Обвинителството, по објавувањето на документарниот филм на ИРЛ „Убиство во Тетово“ во август 2023 година, постојано праќаше соопштенија за случајот.

За овој трагичен случај, семејствата на загинатите неколку пати за Порталб.мк изјавија дека ја изгубиле вербата во правдата на државата, но нивната надеж се уште не е згасната.

Членовите на семејствата се изјаснија дека доколку случајот заврши тука, ќе се обратат и до Судот во Стразбур, инаку познат како Европски суд за човекови права.

Документарниот филм „Убиство во Тетово“ од Лабораторијата за истражувачко новинарство (ИРЛ) повторно ја актуелизира трагедијата од пожарот во модуларната болница во Тетово во кој животот го загубија 14 лица.

Овој документарец откри дека постапките на обвинителите покреваат сомнежи дека истрагата била намерно саботирана за да се заштитат виновниците од гонење.

Истражувачкиот документарец открива корупција, злоупотреба на тендери, изградба на модуларната без стандарди и со несоодветни материјали, како и несогласно законските прописи, неправилно инсталирање на електричната енергија во модуларната од страна на компанијата „Брако“, за што беше информиран и поранешниот министер за здравство – Венко Филипче.

Во него се откриваат нецелосни истраги и одолговлекување на случајот од страна на Обвинителството предводено од обвинителот Љубомир Јовески, не ставајќи никого под одговорност за причините за пожарот, туку за други кривични дела.
Во врска со патот кон праведна разврска за пожарот во Модуларната болница, членовите на семејствата и граѓаните, организираа неколку протести.

На протестите се бараше отворање на судскиот процес за причините за пожарот, преиспитување и испитување на решенијата од претходната истрага во судот во Тетово, како и разрешување на главниот обвинител Љубомир Јовески заедно со главниот обвинител на Тетово, Бесир Алиу, и обвинителите Зорица Павловиќ, Деан Петрески, Ханефи Амет и други вклучени во оваа работа.

Демонстрантите побараа да се судат и казнат вистинските виновници, меѓу кои и политичарите кои спротивно на законот го доделиле тендерот за изградба на фирмата „Брако“, како што е поранешниот министер за здравство – Венко Филипче.

Страшниот пожар што ја претвори во пепел Модуларната болница во Тетово на 8 септември 2021 година, однесе 14 животи на пациенти кои се лекуваа од ковид-19, но и на членови на нивните семејства кои беа внатре, а 14 лица беа спасени пред објектот целосно да изгори. Иако за овој случај имаше судска постапка, обвинетите не беа обвинети за причините за пожарот туку за други кривични дела.

Поранешниот медицински директор на тетовската болница – Флорин Бесими и поранешниот економски директор – Артан Етеми се осудени условно на 1 година и 6 месеци затвор, што значи дека нема да бидат затворени доколку не сторат ново кривично дело следните 3 години. Докторот одговорен за КОВИД центарот – Бобан Вучевски е ослободен од обвиненијата. Во меѓувреме на тетовската болница ѝ се изрече казна од 1 милион денари.