!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Собранието ќе продолжи да работи по изборите, Џафери посака мирна и успешна кампања


       
Скопје, 23 септември, 2017 - 15:27 (META) 

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, по паузата во 15 часот, ја прекина 15. седница на која се расправаше за Законот за употреба на јазиците, а со тоа ја прекина и работата на Собранието до одржувањето на локалните избори на 15 октомври.

Џафери рече дека го исполнува ветеното дека за време на изборната кампања, која почнува в понеделник, Собраниетo нема да работи за да спречи какво било влијание врз гласачите од собраниската говорница.

– По шестдневна плодна и успешна дебата, решив да одиме на одмор. Како што најавив, Собранието работеше до почетокот на изборната кампања за локалните избори – додаде Џафери.

Тој, посака мирна и успешна предизборна кампања на сите учесници во неа. Однапред им честиташе на тие што ќе ги добијат мандатите и посака успешна и плодна работа по изборите.

По шестдневна дебата, 15.седница за Законот за употреба на јазици ќе продолжи по локалните избори.

– Како резултат на дебатата, произлезе дека од интерес на граѓаните, да не кажам на дел од граѓаните, е и потребата за носење и на соодветниот закон кој е во редовна постапка, за кој се надевам ќе продолжиме исто така со успешна и плодна конструктивна дебата – рече Џафери.

Расправата по оваа точка на претходните продолженија на седницата се одвиваше во тензична атмосфера, бидејќи пратениците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека законот е неуставен, дека е резулатат на политички договор на владејачката коалиција и дека нема аргументи за законот да е обележан со европско знаменце.

Од владејачкиот СДСМ, пак, велат дека предложениот закон за употреба на јазиците не е противуставен, туку е во согласност со членот 5 од Уставот на Република Македонија и ја унапредува употребата на сите јазици на немнозинските заедници и отвора шанса за изградба на едно општество за сите.