!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Москва: ЕУ, НАТО и САД продолжуваат бесрамно да вршат притисок врз Иванов


       
Москва, 3 март, 2017 - 17:27 (META) 

Надворешното мешање во внатрешните работи на Република Македонија добива екстремни форми, се вели во денешната изјава на министерството за надворешни работи на Русија, во кое се обвинуваат Европската Унија и НАТО дека вршат невиден притисок врз претседателот на Македонија.

– Еврокомесарот Јоханес Хан, високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Федерика Могерини, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, и други претставници на т.н. „просветлена Европа“, продолжуваат бесрамно да вршат невиден притисок врз македонскиот претседател Ѓорге Иванов, барајќи од него премиерскиот мандат да го даде на опозицијата, која ја прифати ултимативната „албанска платформа“ – велат од руското МНР.

Оттаму нагласуваат дека важно е да се „сфати дека мерките формулирани во Тирана подразбираат федерализација на Македонија, прераспределба на власта и на државните симболи и водат до подривање на уставниот поредок со крајна цел – дезинтеграција на државата“.

Кон поведението на европските претставиниците, како што оценува руското МНР, се приклучил и претседателот на „самопрогласената држава Косово, Хашим Тачи, кој недвосмислено ги повика македонските Албанци „да ги преземат работите во свои раце“ што води кон создавање „Голема Албанија“, која претендира на делови од неколку балкански земји, вклучувајќи ја и Македонија“.

– Ова е уште еден доказ дека вештачки создадениот косовски субјект е еден од главните извори на нестабилност и главен носител на конфликтен потенцијал на Балканот. Македонците треба сами, без мешање однадвор, да решаваат за својата судбина – велат од министерството за надворешни работи на Русија.

Инаку, со заострувањето на состојбата во Македонија и со протестите околу доделувањето на мандатот за состав на нова влада, зачестија реакциите на официјална Москва.