„Политика“: Груевски ги раскарува Америка и Русија


       
Белград, 19 ноември, 2018 - 13:32 (META) 

Додека официјално се тврди дека избеганиот поранешен македонски премиер Никола Груевски е во Будимпешта, во некои инаписи се шпекулира и дека отпатувал во Русија или во Турција, пишува денеска српскиот провладин дневен весник „Политика“. Во написот се потенцира дека и Русија и Турција одржуваат дипломатски односи со Скопје, но се судираат околу прозападната политика што ја спроведува премиерот Зоран Заев.

Под наслов „Груевски ги раскарува Америка и Русија“, најстариот дневен весник во Србија пишува дека „Русија никако не го прифаќа приклучувањето на Македонија во НАТО, а Турција не се слага што Македонија потклекнала пред грчкото барање за промена на името на државата“. „Политика“ оценува и дека на Заев ќе му бидат потребни „многу, не само политички, туку и правни докази, за на народот и на меѓународната јавност, посебно на Исток, да им објасни дека Груевски не е политичка жртва на ,црвеното американско владеење во Скопје’, како што тврди ВМРО-ДПМНЕ, туку дека избегал кога требало да оди в затвор“.

„Заев моментално е единствениот оптимист дека Груевски ќе биде вратен во Македонија. Останува отворено прашањето, ако навистина е во Русија, како Заев ќе го добие, а ако е во Будимпешта, тогаш премиерот Виктор Орбан сосема сигурно е во политички незгодна ситуација во однос на русија, а правно и политички во однос на ЕУ“, заклучува „Политика“.

Наспроти пишувањата на овој весник, Груевски беше правосилно осуден на затворска казна од две години во судскиот процес „Тенк“. Рочиштата беа отворени за јавноста и медиумите известуваа за нивниот тек.

На пресудата неговите адвокати се жалеа, но безуспешно, бидејќи Апелацискиот суд ја потврди пресудата. Потоа кога беше издадено решението за да се јави в затвор, Груевски поднесе барање да му се одложи почетокот на издржувањето на казната, но и тоа му беше одбиено. Потоа Груевски исчезна.