Контраспин: Спорот помеѓу Словенија и Хрватска нема врска со проблемите меѓу Бугарија и С. Македонија

Милошоски со оваа изјава направи извртување на вистината, т.е. спин, пред сè поради тоа што овој т.н. европски модел каков што го нарекува, воопшто не наликува ни најмалку на спорот помеѓу Софија и Скопје

Фото: Веб-страница на ВМРО-ДПМНЕ

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски ја извртува вистината т.е. спинува кога вели дека неговата партија може да понуди европски модел за решение на проблемите помеѓу Скопје и Софија по примерот на спорот помеѓу Словенија и Хрватска, кој бил разрешен со помош на Брисел. Едниот тип проблеми, оние помеѓу Скопје и Софија воопшто немаат допирни точки со другиот тип проблеми што постоеја и сè уште се живи помеѓу Љубљана и Загреб, зашто тој спор кој сè уште трае, е пред сè територијален, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Пратеникот и поранешен министер за надворешни работи Антонијо Милошоски даде изјава во која може да се детектира спин:

Спин: …Aко зборуваме веќе за Уставот, за блокадата, за Бугарија што СДС лекомислено го прифати да биде дел од преговарачката рамка, ВМРО-ДПМНЕ може да понуди еден европски модел а тоа е моделот на Словенија и Хрватска и тие две земји едната членка на ЕУ другата аспирант за членство имаа одреден проблем но тој проблем кој постоеше помеѓу Словенија и Хрватска со помош на Брисел помогна за зачленување на Хрватска во ЕУ.

[ Извор: ВМРО-ДПМНЕ – Милошоски: Паролата…. – датум: 01.02.2024]

Контраспин: Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски се обидува во јавноста да понуди одговор на прашањето како натаму С. Македонија да продолжи со европската интеграција доколку нема промена на Уставот за да се внесат Бугарите како малцинство во земјата, па во таа насока вели дека неговата партија ќе понуди европски модел по примерот на спорот меѓу Словенија и Хрватска кој бил разрешен со помош на Брисел.

Милошоски со оваа изјава направи извртување на вистината, т.е. спин, пред сè поради тоа што овој т.н. европски модел каков што го нарекува, воопшто не наликува ни најмалку на спорот помеѓу Софија и Скопје.

Но, освен за тоа што спорот меѓу Љубљана и Загреб не е ист, бидејќи станува збор за територијален спор и тоа најмногу во дел од Пиранскиот залив во Јадранско Море, треба да се напомене и фактот дека тој спор сè уште не е решен.

Иако постоеше арбитражна постапка која се водеше со години (од 2009-2017 година), иако постоеше и тужба на Словенија до Судот на ЕУ во Луксембург во 2020 г., којашто Судот не ја прифати и се претстави како ненадлежен, спорот траеше и во минатата, 2023 година и нема нови вести дека има решение за територијата во Пиранскиот залив, а рибарите од двете земји и натаму имаат проблем со казни што им ги пишува словенечката или хрватската полиција.

Хрватска прифати арбитража како средство да ја избегне блокадата на Словенија за прием во ЕУ во 2013 година, а не ја признава одлуката на Aрбитражниот суд, додека за Словенија таа одлука од 2017 година е конечно решение. Но, спорот и натаму де факто постои, иако и двете земји членки на ЕУ соработуваат за стотици други прашања во рамките на ЕУ.

 

Како се решава „идентитетски“ спор?

Спорот или проблемите во односите меѓу С. Македонија и Бугарија се од сосема друга природа. Суштината на долго заладените односи наоѓаат корени уште од Втората светска војна и улогата на Бугарија на територијата на тогашна Македонија, па потоа, по десетгодишен период на затоплување, следуваше повеќе децениско заладување, кое со извесни прекини траеше сè до 2017 година, кога беше потпишан  Договорот за пријателство добрососедство и соработка меѓу двете земји.

И оттогаш, повторно падни – стани во односите. Изјави и декларации од Софија дека е спорен идентитетот, т.е. постоењето на Македонците пред 1944-45 година, бил спорен јазикот, подалечната и поблиската историја, правата на Бугарите во земјава, итн. Овие проблеми или спорови – иако за дел од нив има механизам за решавање во самиот Договор од 2017 г., иако како она со проблематизирање на јазикот е преувеличено и без последици за С. Македонија – не можат ниту од далеку да се споредуваат со спорот меѓу Словенија и Хрватска.

Моменталната состојба е следна, С. Македонија има Преговарачка рамка со ЕУ од 2022 година и ќе ги отпочне практично поглавјата од преговорите само доколку најнапред направи промена во Уставот на РСМ со кој ќе овозможи запишување и на Бугарите како малцинство (Точка 11). Внатре во преговарачката рамка се вклучени и два договора, чие имплементирање ќе се следи паралелено со одвивање на преговорите – оној со Бугарија и оној со Грција од 2018 година (Точка 14).

Договорот со Бугарија може да се прекине еднострано со однапред најавена таква постапка од едната страна. Оној со Грција е малку потежок за раскинување бидејќи е и меѓународен договор.

Оттука се наметнува прашањето, што може Брисел, т.е. ЕУ да направи и да се почне некаква постапка за помирување или решавање на спорот меѓу Софија и Скопје. И дали и кога Бугарија ќе се согласи да започнат преговори со С. Македонија, без промена на Уставот? И дали сè уште Македонците се под закана за својот идентитет ако се донесе решение за промена на Уставот? И каква врска имаат спорот меѓу Љубљана и Загреб со овој меѓу Софија и Скопје?….

Поради се погоре наведено може да се оцени дека зборовите на Милошоски дека ВМРО-ДПМНЕ може да понуди еден европски модел, а тоа е моделот на Словенија и Хрватска.., како решение на проблемите меѓу Бугарија и С. Македонија, се извртување на вистината, т.е. спин. Ниту примерот што го наведува е пример со којшто е постигнато решение, ниту пак споровите имаат каква било сличност.

Пишува: Теофил Блажевски