Лавров ги обвини ЕУ и САД за грубо мешање во внатрешните работи на Македонија


       
Москва, 7 декември, 2018 - 10:24 (META) 

Се случува грубо систематско мешање на САД и ЕУ во внатрешните работи на Македонија. Секојдневно нејзините граѓани беа убедувани да гласаат потврдно на референдумот за Преспанскиот договор на 30 септември годинава. Референдумот, како што е познато, не успеа. Во таква ситуација во Собранието на 19 октомври се протурка одлука за уставни измени со уцени и поткуп на пратениците од опозицијата. Во тоа непосредно учествуваа странски дипломати, а вклучувајќи го амбасадорот на САД, обвинува Сергеј Лавров, министерот за надворешни работи на Русија во интервју за грчкиот весник „Ефимерида тон синдактон“.

Во интервјуто објавено на денот кога грчкиот премиер Алексис Ципрас е во во официјална посета на Москва, Лавров го користи зборот Македонија, што грчкиот весник го означува со ѕвездичка и долу во фуснота објаснува дека Грција таа земја ја признава како Поранешна Југословенска Република Македонија.

Шефот на руската дипломатија посочува и дека притисоците во Македонија продолжуваат и сега, со обид да се истурка процесот на уставните измени во почетокот на 2019 година.

– Интересно е што таквото брзање е во функција единствено на задачата поставен од Вашингтон за форсирано внесување на Скопје во НАТО. Шпекулациите за неопходноста за одобрување на Преспанскиот договор поради забрзано придружување во ЕУ не можат да одговорат на критиките. Преговорите со Брисел за тоа би можеле, според искуството да се развлечат и на пар децении – вели Лавров.