fbpx

„Жолт картон“ од Европската комисија

„Кога ЕК изразува „сериозна загриженост“, треба да се вклучи алармот. Токму тоа се кажува за надворешни влијанија врз Судскиот совет и судството и за измените на Кривичниот законик со кои застареа голем број предмети од поранешното Специјално јавно обвинителство“, вели Ристовска Јорданова во својата нова анализа

-

Во преден план на презентацијата на годинешниов пакет документи за проширувањето на Европската комисија беа токму новодојденците во тој пакет – Украина, Молдавија и Грузија. За нив продолжува забрзаната патека со предлози за почеток на преговорите, кои сепак се со одложено дејство и/или условени. Придодадена од Западниот Балкан е Босна и Херцеговина со можен условен предлог за почеток на преговорите. Последново не беше доволно да го смени впечатокот дека Западниот Балкан е во задниот план, пишува Малинка Ристовска Јорданова во својата најнова анализа за Порталб

Автор: Малинка Ристевска – Јорданова

Да се задржиме на Извештајот за Македонија. Ова е несомнено еден од најкритичните извештаи што државава ги добила откако Европската комисија го оценува нејзиниот напредок во реформите поврзани со ЕУ. Оценките за клучните области и поглавја од Поглавјето Темели се исклучително лоши.

За Поглавјето 23 Правосудство и темелни права констатирано е дека нема никаков напредок. Истото е оценето за двете области во ова поглавје – правосудство и борба против корупцијата.

Кога ЕК изразува „сериозна загриженост“, треба да се вклучи алармот. Токму тоа се кажува за надворешни влијанија врз Судскиот совет и судството и за измените на Кривичниот законик со кои застареа голем број предмети од поранешното Специјално јавно обвинителство.

За реформите на јавната администрација дадена е најниската оценка за напредок – 1 (на скала од 0 до 4) – „заслужена“ со донесувањето на новата Стратегија за реформа на јавната администрација. Меѓутоа, таа паѓа во сенка на „недоволната политичка поддршка, водство и надгледување на реформите“. Остануваат критиките за (не)квалитетот на процесот на донесување одлуки. Комисијата е и понатаму „загрижена“ за системот „Балансер“. Споредено со другите земји од Пакетот, Македонија сериозно заостанува во дигитализацијата на услугите, чиј број се смета за „симболичен“.

Алармот се вклучува и за темелните права – особено во однос на „страшната“ состојба во затворите, но и состојбата во полициските станици, во институциите за социјална грижа и во психијатриските установи. Комисијата предупредува дека овие состојби според јуриспруденцијата на Европскиот суд за човекови права, можат да се сметаат за повреда на Европската конвенција за човекови права за забрана на тортурата – нешто што е во темелите на едно демократско општество. Ова е „резултат“ на долги години непреземање систематски мерки и поткопување на системот во практиката. Напредокот во Поглавјето 24 Правда слобода и безбедност е оценет како „одреден“ (2 од 4), но повеќето препораки се повторуваат.

И напредокот во јавните набавки е само „ограничен“. Извештајот не пропушта да изрази загриженост за договорот со Бехтел и Енка, кој е изземен од постапката по Законот за јавни набавки, оценувајќи дека е во спротивност со „други прописи“ и со меѓународни обврски.

„Одреден“ е напредокот во економските критериуми, во коишто државата, според оценката за нивото на подготвеност стои добро во однос на другите кандидати, како и во поглавјето 32. Финансиска контрола. Единствен добар исклучок од генерално лошата слика за Поглавјето „Темели“ е Поглавјето „Статистика“, во кое се констатира „добар напредок“, што е особено важно во однос на резултатите од Пописот. Меѓутоа, власта веќе повеќе години ги игнорира препораките на Европската комисија за обезбедување човечки и финансиски ресурси за Заводот за статистика, кои можат да ја загрозат и оваа единствена светла точка во Кластерот „Темели“.

Отсуство на напредок е констатирано уште за неколку поглавја – Политика на конкуренција, Регионална политика и координација на структурни инструменти. Право на интелектуална сопственост, Право на трговски друштва, Слобода на движење на работниците.

Другите се движат меѓу оценките „ограничен“ и „одреден напредок“, со исклучок на Слободно движење на капиталот и Надворешна и безбедносна политика, каде напредокот е „добар“. Посебно загрижуваат со години отсуството на напредок во Политиката на конкуренција и Регионална политика и кординација на структурни инструменти – две поглавја од исклучително значење за користењето на средствата од ЕУ.

Кога сме кај средствата од ЕУ, само да го споменеме промовираниот План за раст, кој заслужува посебна анализа, и покрај тоа што првиот впечаток е дека е далеку под
очекувањата.

И да завршиме со она со што обично почнува Извештајот – демократските институции. За жал, се повторуваат (а и заоструваат) критиките од поранешните извештаи – нема напредок во ревизијата на изборното законодавство што требаше да се направи навреме пред избори, поларизацијата во Парламентот се продлабочува, се доцни со именување на клучни функции, европското знаменце се злоупотребува…

Уставните амандмани паѓаат во сенка на критиките за реформите. Се презентира фактографија за постапката по нив и се повторува дека државата презела обврска да ги спроведе.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Руско Министерство за одбрана: Соборени 68 украински беспилотни летала над Краснодар и Крим

Армијата синоќа пресретнала 68 украински беспилотни летала во јужниот руски крај Краснодар и Крим, соопшти руското Министерство за одбрана. Според тоа министерство, 66 беспилотни летала биле соборени над територијата на...