fbpx

За вакцини против сезонски грип досега се пријавиле повеќе од 47.000 граѓани

Иако беше најавено дека пријавените ќе бидат информирани преку смс за точното време на вакцинирање, сепак граѓани реагираат дека иако се пријавиле на време електронски, не добиле смс-порака со известување за точниот термин за вакцинација

-

За бесплатна вакцинација против сезонски грип, согласно податоците од системот „МојТермин“, досега се пријавиле повеќе од 47.000 граѓани, информираат за Мета.мк во Министерството за здравство. Електронското пријавување на веб-страницата vakcinacija.mk започна на 9 октомври.

„Со бесплатна вакцинација се опфатени ризичните групи население – возрасни лица (над 65 години), лица со хронични заболувања, здравствени работници, бремени жени, децата на возраст од 6 месеци до 5 години, како и лица сместени во установи за социјална заштита на стари лица и лица вработени во установи за социјална заштита на стари лица“, потсетуваат во Министерството за здравство.

Иако беше најавено дека пријавените ќе бидат информирани преку смс за точното време на вакцинирање, сепак граѓани реагираат дека иако се пријавиле на време електронски, не добиле смс-порака со известување за точниот термин за вакцинација. Наместо тоа, телефонски биле исконтактирани и усно им бил соопштен датумот и часот кога треба да се појават на вакцинален пункт за да примат вакцина. На прашањето до надлежните од Министерството за здравство зошто е ова така, Мета.мк не доби одговор.

Вакцинацијата се спроведува на територијата на целата држава во центрите за јавно здравје и во дел од здравствените домови во Скопје. Дополнително, центрите за јавно здравје обезбедуваат и вакцини за комерцијална употреба.

За да се обезбеди заштита кај поголем број лица од сезонскиот грип, Министерството за сезоната 2023/2024 година ја зголемило количината на набавени вакцини.

„Сега се набавени 60.000 дози четиритипни вакцини против сезонски грип наменети за бесплатна вакцинација“, додаваат оттаму.

Вакцинацијата против сезонски грип е најефикасна мерка за превенција на грип, која спречува појава на потешки форми, компликации и смртен исход особено кај ризичните групи.

Мета.мк минатата недела објави дека бројот на лица со грип и заболувања слични на грип во текот на еднонеделен период од месец октомври годинава е покачен за дури 41,6 отсто, споредено со изминатите 13 сезони. Тоа беше наведено во извештајот за состојбата со грип во државата, кој го објави Институтот за јавно здравје.

„Во споредба со 42 недела од минатата сезона, се регистрира зголемување од 96,3 отсто. Заклучно со оваа недела, пријавени се вкупно 151 случаи на грип. Освен тоа, се следи и состојбата со сериозни акутни респираторни инфекции, па така оваа недела пријавени се вкупно 32 вакви случаи, во Скопје и Штип. Најголем број на овие случаи се пријавени од Институт за белодробно заболување кај децата – Козле, а во однос на возрасната дистрибуција, најголем број од случаите се деца на возраст до 4 години“, наведено е во соопштението на ИЈЗ.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Португалската влада го отфрли предлогот на претседателот за репарации за ропството

Португалската влада го отфрли предлогот на претседателот на државата дека треба да „плати“ за ропството и другите злосторства од колонијалната ера, велејќи дека нема планови за репарации, а наместо...