fbpx

За рекламирање на пописот биле потрошени седум милиони денари, а биле планирани два

За кампања за популаризација на пописот на население, потрошени се 7,3 милиони денари, што е повеќе од планираните за оваа намена во финансискиот план за попис во износ од 2,2 милиони денари, пишува во ревизорскиот извештај

-

Во текот на Пописот на населението, домаќинствата и становите, кој се спроведе во 2021 година, склучени биле договори за набавка на лаптопи, без да се спроведе соодветна постапка за јавна набавка. Набавена била софтверска апликација за самопопишување без надомест и без притоа да се утврди дали е тоа спонзорство или донација. Освен тоа, за кампања за популаризација на пописот потрошени се 7,3 милиони денари, што е повеќе од планираните пари за оваа намена во финансискиот план за попис во износ од 2,2 милиони денари.

Ова го констатирале државните ревизори во конечниот извештај за извршената ревизија на усогласеност „Попис на населението, домаќинствата и становите во РСМ 2021 година“.

Ревизорите констатирале недоследности во врска со набавката на стоки и услуги за потребите на пописот, меѓу кои набавката на софтверската апликација за самопопишување без надомест, без да се уреди дали станува збор за донација или спонзорство. Во постапките за јавни набавки, изјавите за непостоење на судир на интереси се потпишани само од оние членови во комисиите за јавни набавки кои учествувале во постапката.

Спроведена била и постапка за набавка на услуги за медиумска кампања со преговарање без објавување на оглас и без претходно обезбедување на позитивно мислење од страна на Бирото за јавни набавки. Набавени биле и средства за заштита од ковид-19 без спроведување постапка за јавна набавка.

„Формирани се стручни тела и работни групи без законско регулирање на дел од
истите, прецизно утврдување на бројот на членови, критериуми, услови и
висина на надоместоците. Финансиски план за пописот е донесен во март 2021 година од Бирото за попис, во износ од 522.751 илјади, иако исплатата за дел од активностите поврзани со пописот е почната уште во 2019 година. За констатираните состојби во врска со јавните набавки дадовме препораки за преземање соодветни мерки и активности за нивно надминување“, наведено е во извештајот на ревизорите.

Пописот на населението, домаќинствата и становите 2021 година е одговорност на раководството на Државен завод за статистика (ДЗС), застапувано од директорот Апостол Симовски, како и заменик директорот Иљми Селами.

„Во организацијата и спроведувањето на пописот учествува и Советот за статистика кој му дава мислење на директорот на ДЗС за содржината на методологијата за пописот и пописните обрасци, за организационо-техничките мерки за заштита на податоците од пописот. Констатиравме дека фирмата изработувач на апликацијата е управувана од лице кое во периодот од 25.05.2019 година до 23.09.2020 година е член на Советот за статистика, што може да влијае на неговите јавни овластувања и службени должности“, нотирано е во извештајот.

Она што исто така е наведено во него, е дека софтверската апликација не била евидентирана во деловните книги на ДЗС, што според ревизорите „влијае врз веродостојната на податоците во Извештај за спроведениот попис на населението, становите и домаќинствата, доставен до Владата“.

„Надоместокот за членовите на Бирото за попис и работните групи формирани
од Бирото за попис е пресметан врз основа на критериуми со определен број на бодови и тоа: за реализирана конкретна активност и за остварени дополнителни часови по редовното работно време и во деновите кога е викенд (саботи и недели), со утврдување на вредност за 1 бод. Критериумите не се уредени во наведениот правилник, како ни вредноста на бодовите, додека надоместоците се исплаќани врз основа на посебни решенија донесени од страна на директорот, што создава можност за субјективно определување на висината на бодовите, а со тоа и на висината на надоместоците“, пишува во извештајот.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.