АРНО ги награди зелените идеи, една од нив е протеинска храна од леблебија и инсекти

Apico-Pro, која е една од наградените идеи, е иновативна алтернатива протеинска функционална супер храна на база на инсекти за здрав живот

Фото: АРНО

Здружението за социјални иновации „АРНО“ неодамна ги прогласи победниците од годинешниот натпревар „Зелени идеи“. Членовите на жири комисијата на натпреварот, во категоријата зелени идеи ги избра идеите „Дизајн на ташни со техника на плетење без создавање на отпад. Изработени од самохрани мајки“ на Натали Ристовска-ЈОВАНКА МАИСОН ДООЕЛ Скопје и „Дизајнерски шапки“ на Мирјана Јосифоска од ДПТУ МИР-ЈОС ДООЕЛ. За ембрионска победничка идеја беше избрана идејата на Благојче Нaјдовски „APICO-PRO SUPERFOOD“.

Како што информираат од здружението, во трите идеи постои силен бизнис модел за интеграција на локалните заедници, а во двете постоечки компании, видлива е заложбата за регенеративна економија.

„Жирито кое оценуваше беше во состав Марија Ѓошева-Ковачевиќ од „Земјоделски Институт – Скопје”, Миранда Ајдини од Стопанска комора на северо-западна Македонија, Робертина Брајаноска од Македонско еколошко друштво (МЕД), Глигор Михаиловски од Асоцијацијата за менаџмент и консалтинг-„МКА2000“ и Галена Канингам од „Македонија 2025“, наведено е во соопштението на здружението.

Наградите се вредносни ваучери за консултантски услуги од Асоцијацијата за менаџмент и консалтинг „МКА2000“, бесплатна регистрација на платформата Connect2MK и менторски услуги и/или учество во програма CESO SACO на „Македонија 2025“ и бесплатно двегодишно членство во Стопанска комора на северо-западна Македонија.

„Oваа година, на трите национални победници АРНО им додели промотивни пакети од еко садливи картички изработени од македонскиот зелени бизнис Визарт-поранешен победник на натпреварот. И годинава, како и лани, имаме победничка идеја поврзана со инсекти и протеинска храна, светскиот предизвик е тој, и еве наши локални решенија. Се радуваме што имаме македонски иноватори“, наведено е во соопштението.

Победничката Мирјана Јосифовска вели дека производите кои таа ги прави се создадени од остатоци од текстилен отпад од фабрики во земјава, со што се намалува текстилниот отпад и негативното влијание врз животната средина. Натали Ристовска, пак, кажа дека „Yova“ е првиот македонски етички моден бренд.

„Рачно изработуваме модни додатоци со техника на хеклање и без создавање на отпад. Се грижиме целиот животен циклус на еден производ да е етички и затворен, а тоа значи дека не само што се грижиме еден производ да има долг рок на траење, туку како, со што и под кои услови е направен и што се случува кога неговиот животен век ќе заврши“, рече таа.

Apico-Pro, пак, е иновативна алтернатива протеинска функционална супер храна на база на инсекти за здрав живот за целото семејство.

„Нудиме нов пристап и технологија за производство на Apico-Pro кој е комбинација од растителни протеини (локално произведена леблебија која е позната со векови на овие простори) и високо нутритивен прав од трутовски ларви кој се произведува со сушењето на ларвите во услови на вакум со замрзнување на ултра ниски температури, познато и како лиофилизација. Ме импонираше фактот дека мојата идеја беше прогласена за една од трите победнички. Сакам да отворам и стартап компанија преку која целата палета на производи кои ги презентирав на натпреварот ќе се најде на полиците на продавниците“, изјави Благојче Најдовски.