ФИТР: Млади истражувачи од основни и од средни училишта ќе релизираат зелени проекти

Вкупниот буџет за овој предизвик изнесува 3 милиони денари

фото: Фонд за иновации и технолошки развој (ФИТР)

Шеснаесет основни и средни училишта од земјава ќе реализираат зелени проекти за зачувување и унапредување на животната средина и биодиверзитетот. Проектите се наградени во рамките на јавниот повик „Предизвик за млади истражувачи #5 – зелени проекти“, кој го спроведува Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР).

Како што информираа од ФИТР, од вкупно 57 пристигнати предлог-проекти, одобрени за финансирање се десет проекти на основните училишта „Сабедин Бајрами“ од село Камењане, „Александар Урдаревски“ од Чучер Сандево, „Страшо Пинџур“ од Карбинци, „Браќа Миладиновци“ од Струга, „Киро Глигоров“ од Скопје со два проекта, „Ванчо Прке“ од Делчево, „Чајла“ од Гостивар, „11 Октомври“ од Скопје и „Даме Груев“ од Струмица.

Покрај ова, одобрени се и шест проекти на средни училишта и тоа на гимназијата „Ведра“ од Скопје, „Киро Спанџов Брко“ од Кавадарци, ДСУ за рехабилитација и образование „Св. Наум Охридски“ од Скопје, гимназијата „Раде Јовчевски – Корчагин“ од Скопје, Приватното средно училиште „Јахја Кемал“ од Скопје и СУГС Сарај од Скопје.

Од ФИТР додаваат дека, при селекција на проектите, предност имале оние со интердисциплинарен карактер кои предвидуваат инклузивен пристап во формирање на тимовите, односно имаат еднаква родова застапеност, вклучуваат деца со различна етничка припадност, деца со посебни потреби, деца од различни возрасти и слично и се поднесени од училишта од рурални средини.

„Особено ме радува фактот што младите покажаа дека сакаат предизвик, сакаат да истражуваат и да креираат позитивни промени за општеството. Фондот како институција е секогаш на страна на креативните и иновативни идеи, и посветено работиме на создавање на можности за младите да ја покажат својата креативност, критичко мислење и да стекнат вештини кои создаваат вредност. Со денешните наградени училишта, досега преку Предизвикот за млади истражувачи имаме поддржано 139 училишта од целата држава, во која се опфатени преку 900 ученици и ментори“, изјави Фестим Халили, директор на Фонд за иновации и технолошки развој.

Во текот на следните 12 месеци проектните тимови ќе ги изработуваат истражувачките проекти од областите на природните и техничките науки.

Вкупниот буџет за овој предизвик изнесува 3 милиони денари, а максималниот буџет за поединечен предлог проект изнесува до 200.000 денари. За наставниците кои ќе ги водат тимовите на учениците ќе биде обезбедена награда во износ од 30.000 денари – средства наменети за набавка на дигитална опрема применлива во наставниот процес.