fbpx

За новата методологија на ЕУ за проширување и нејзиното влијание врз преговорите

-

Обземени со прашањето, ќе почнат преговорите или не, запоставуваме некои теми кои се чинат неактуелни или технички. Такво е и прашањето за новата методологија на проширувањето. Во предлогот на преговарачката рамка за Северна Македонија и Албанија, која што постојано ja споменуваме, е всушност применета на новата методологија, иницирана од Франција и усвоена од Советот на ЕУ во март 2020 година. Точно е дека методологијата има најголемо влијание врз преговорите, но точно е и дека ќе се применува на процесот на проширување, воопшто.

Автор: Малинка Ристевска Јорданова

Ќе се обидеме што поедноставно да претставиме што во новата методологијата е ново.
Процесот досега беше структуриран во 35 поглавја. Поглавјата не се менуваат, но се групираат во т.н. кластери. Иако има некаква логика во групирањето, кластерите не секогаш чинат конзистентна целина.
Преглед на кластери со поглавја:

1. Темели
23. Правосудство и фундаментални права
24. Правда, слобода и безбедност
Фунционирање на демократските институции
Реформа на јавната администрација
Економски критериуми
4.Јавни набавки
18. Статистика
32. Финансиска контрола

2. Внатрешен пазар
1. Слободно движење на стоки
2. Слободно движење на работници
3. Право на основање и слободно движење на услуги
4. Слободно движење на капитал
6. Право на трговски друштва
7. Право на интелектуална сопственост
8. Политика на конкуренција
9. Финансиски услуги
28. Заштита на потрошувачите и здравствена заштита

3. Конкурентност и инклузивен раст
10. Информатичко општество и медиуми
16. Оданочување
17. Економска и монетарна политика
19. Социјална политика и вработување
20. Претпријатија и индустриска политика
25. Наука и истражување
26. Образование и култура
29. Царинска унија

4. Зелена агенда и одржлива поврзаност
14. Транспортна политика
15. Енергија
21. Трансевропски мрежи
27. Животна средина

5. Ресурси, земјоделство и кохезија
11. Земјоделство и рурален развој
12. Безбедност на храната, ветеринарство и фитосанитарна политика
13. Рибарство
14. Регионална политика и координација на структурни инструменти
33. Финансиски и буџетски одреби

6.  Надворешни односи
30. Надворешни односи
31. Надворешна, безбедносна и одбранбена политика

Одредниците, односно условите за отворање порано беа на ниво на поглавје, а сега ќе бидат на ниво на кластер. Се толкува дека вака ќе биде полесно, но не мора да значи – зависи од тоа какви и колку одредници ќе се постават.
Кластерот „Темели“ е многу посложен од она што порано беше пристап „Прво темелите“ (рано отворање на поглавјата
23 и 24), а задолжително прв се отвора. Сега во кластерот влегуваат и демократските институции и јавната администрација, економските критериуми и три други поглавја. Ако за поглавјето 23 проблем беше што има малку „цврсто право на ЕУ” (директиви, регулативи, итн.), а повеќе меѓународни стандарди, тоа уште повеќе може да се каже за областите демократски институции и јавна администрација. За овие области нема единствени „рецепти“ на ниво на ЕУ, ниту системи на оценување, кои рака на срце, на „мек начин“ сега се воспоставуваат со механизмот за следење на владеењето на правото во ЕУ. Порано се бараа планови за поглавјата 23 и 24, сега се бараат и за демократски институции и за јавна администрација (под името „патокази“). Натаму, внесувањето на економскиот критериум во Кластерот „Темели“ , носи специфична тежина. Ова особено се однесува на неговиот втор поткритериум – конкурентност на економијата, затоа што е јасно дека без посилна финансиска поддршка од ЕУ, не може да се постигне конвергенција со ЕУ.
Затворањето поглавја дефинитивно не е полесно. Исто како и порано, тоа е поединечно за секое поглавја, но сега не може да се затвори ниедно поглавје додека не се исполнат привремените одредници за поглавјата 23 и 24. Само да напоменеме – ниту Црна Гора, ниту Србија ги немаат исполнето привремените одредници за овие поглавја, а преговараат речиси 9, односно седум ипол години.
Од напредокот во поглавјата 23 и 24 (сега од целиот Кластер) зависи напредокот во другите поглавја, па и можна суспензија на преговорите. Со новата методологија се воведува и т.н. принцип на „повратност“ (реверзибилност) на процесот. Прашање е колку овие измени ќе бидат од практично значење, со оглед на тоа што Советот на ЕУ обично не прибегнува кон вакви мерки, туку главно го успорува (замрзнува) темпото на преговорите и праќа политички пораки со своите заклучоци.
Покрај оваа „негативна“ условеност, методологијата предвидува и „позитивна“, односно побрза интеграција во кластерите каде што има напредок, но ова не е конкретизирано.
Една промена ретко кој ја забележува- сега оценката и отворањето на кластерите се врзува со годишниот циклус на известување на Комисијата, за разлика од поранешното темпо на две меѓувладини конференции годишно, што само по себе влијае негативно на динамиката на преговорите.
Конечно, новата методологија декларира поголема улога на државите членки. И самото декларирање ги поттикнува државите членки да влезат во потфати што порано се чинеа резервирани за Комисијата, како што е оценката за напредокот. Ова е особено осетливо во нагласениот кластер „Темели“.
На крајот на краиштата, одлуката е секогаш политичка – на државите членки, па процесот е доволно еластичен за да се врамат и нови правила во постојните рамки. Така, иако за Црна Гора и Србија не се променија преговарачките рамки, се применува новата методологија, откако и двете земји се согласија на тоа: Црна Гора порано, Србија подоцна0- и не многу волно.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ОБСЕ/ОДИХР: Одредени портали се создаваат само за да добиваат државни пари за изборите

Изборите во Македонија беа добро организирани, но имаше остра реторика, а недостига и регулација во сферата на онлајн порталите. Ова е генерално оценката на набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР и на...