Скриншот од видео на Роман Протасевич објавено на белоруската државна телевизија

Лидерите на Европската Унија договорија нови економски санкции против Белорусија, додека американскиот претседател Џо Бајден ги поздрави најновите санкции на ЕУ и најави дека САД ќе преземат слични мерки. Ваквиот епилог следи откако белорускиот режим на Александар Лукашенко во неделата пренасочи авион на „Рајанер“ што леташе од Атина за Вилнус да слета во Минск, поради наводна дојава на бомба во авионот, пренесува Гардијан.

Белоруските власти слетувањето во Минск го искористија за да го уапсат 26-годишниот новинар и блогер Роман Протасевич, кој бил патник во авионот. Иако не патувал за Минск, а авионот не било ниту предвидено да изврши трансфер на патници во белорускиот главен град, овој новинар и блогер што живееше во егзил и работеше на еден од последните независни извори на информации во Белорусија, од властите е префрлен во „Истражниот затвор 1“ во Минск.

Белоруските власти по апсењето на Протасевич објавија видео, во кое тој изјавува дека ќе соработува со иследниците и ќе признае дека ги организирал масовните протести во Минск, алудирајќи на минатогодишните протести што беа најголемиот предизвик за опстојување на власта за Лукашенко од доаѓањето на неговиот режим. Таткото на новинарот, Димитри Протасевич тврди дека неговиот син бил измачуван и принуден со насилство да даде изјава, поради чиешто признание може да добие казна затвор од 15 години. Заедно со Протасевич, од белоруските власти уапсена е и неговата девојка Софија Сапега.

„Можно е носот да му е скршен, зашто формата му е поинаква и има многу пудра врз него. Целата лева страна на лицето му е покриена со пудра“, вели Димитри Протасевич, коментирајќи го видеото на неговиот син објавено вчера, пренесува Дојче Веле сервисот на македонски јазик.

Меѓу најновите санкции што ги воведе ЕУ кон Белорусија е забраната за летање на белоруските авиокомпании кон земјите-членки на Унијата, но беше упатен и повик европските авиокомпании да не летаат над небото на Белорусија. Претседателката на Европската Комисија Урсула фон дер Лајен на Твитер напиша дека ЕУ ќе воведе и дополнителни економски санкции против Белорусија.

Американскиот претседател Џо Бајден пренасочувањето на летот на „Рајанер“ кон Минск и апсењето на белорускиот новинар го нарече срамен инцидент, кој е во спротивност со меѓународните норми.

„Ја поздравувам веста дека Европската унија повика на насочени економски санкции и други мерки и побарав од мојот тим да развие соодветни опции за да ги повика на одговорност виновниците, во тесна координација со Европската унија, другите сојузници и партнери и меѓународните организации“, изјави Бајден, пренесува Радио Слободна Европа на македонски јазик.