Португалското претседателство со ЕУ во понудениот предлог за решавање на спорот меѓу Северна Македонија и Бугарија, што во петокот во Скопје го презентираа министерот за надворешни работи на Португалија, Агуста Сантош Силва и еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеји, ќе води грижа да бидат вклучени очекувањата на двете страни, изјави денеска премиерот Зоран Заев.
„Како човек којшто го негува пријателството, дијалогот и дипломатските разговори за изнаоѓање на решенија на градење пријателство, очекувам дека меѓу претседателот Пендаровски и бугарскиот претседател Румен Радев ќе се изнајде исчекор за надминување на овој проблем кој дефинитивно ја кочи европската интеграција на целиот Западен Балкан, но и нашите европски перспективи. Јас верувам дека Бугарија ќе биде и понатаму силен поддржувач на Северна Македонија, но и на патот на европските интеграции на Западен Балкан. Дека европскиот дух што претседателот Радев го негува, но и нашиот претседател, ќе им биде доволен импетус да направиме исчекор и да продолжиме понатаму во нашата европеизација“, одговори денеска премиерот Зоран Заев, на новинарски прашања во врска со португалското претседателство со ЕУ и решавањето на спорот меѓу Северна Македонија и Бугарија, при положување цвеќе по повод Денот на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј.
Заев рече дека верува оти во Рим, македонскиот и бугарскиот претседател ќе изнајдат некаков исчекор во надминување на проблемот кој, како што потенцира, дефинитивно ја кочи, не само нашата, туку и европската интеграција на целиот Западен Балкан. Тој посочи дека нема детали за страната на Бугарија, односно за Софија, како го разгледува предметот, но според него, португалското претседателство и министерот Сантош Силва и неговиот тим, воделе грижа за двете страни и дека Португалија е детално упатена, навлезена и инвентивна за да се изнајде решение. Заев нагласи дека се земени предвид и бугарските позиции, но повтори дека македонски јазик и македонскиот идентитет се строго заштитени.