fbpx

Втор загинат кај Бањска, косовската полиција убила еден од напаѓачите

Состојбата на северот од државата, поточно во атарот на селото Бањска и понатаму е тензична, криминалните групи одвреме навреме ги напаѓаат полициските единици на терен, велат косовските власти

-

Косовската полиција попладнево соопшти дека убила еден од напаѓачите кај селото Бањска во меѓусебните престрелки со добро вооружената група од околу 30 лица, за кои косовскиот премиер Албин Курти рече дека се одговорни за убиството на косовскиот полицаец и денеска ги повика да се предадат.

Со ова, бројката на загинати се зголеми на двајца во најновата ескалација на состојбата во северниот дел на Косово, откако претходно ноќва беше убиен косовски полицаец.

„Значителен број професионални напаѓачи, маскирани и униформирани во различни униформи, вооружени со тешко оружје, гранати, воени возила (зола), оклопни возила, користат различни приватни имоти и објекти, вклучително во и околу манастирот Бањска за да извршат движење, засолниште и позиција за пукање со оружје против полициски единици на косовската полиција“, се наведува во соопштението од косовската полиција.

Состојбата на северот од државата, поточно во атарот на селото Бањска и понатаму е тензична, криминалните групи одвреме навреме ги напаѓаат полициските единици на терен, велат косовските власти.

Граничните премини Јариње и Берњак на косовско-српската граница се затворени, при што косовската полиција ги повика граѓаните да го избегнуваат нивното користење и воопшто да ги избегнат движењата во овој реон.

По убиството на косовски полицаец кај селото Бањска во северно Косово, состојбата останува драматична. Спорадични пукања се слушаат и понатаму од правецот на ова село, а косовскиот премиер Албин Курти денеска објави дека нападите продолжуваат кај ова село и дека има најмалку 30 тешко вооружени лица кои пукаат кон косовската полиција. Курти додаде дека станува збор за професионалци, но кои се опколени од косовските сили и јавно повика овие тешко вооружени лица да се предадат.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.