Судот потклекна на бескрупулозниот и отворен притисок на СДСМ, кој нема никаква врска со правдата и со почитувањето на законите, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на одлуката на Кривичниот суд да му одреди куќен притвор на битолскиот градоначалник Владимир Талески, кој е првоосоменичен во случајот „Транспортер“, што го отвори Специјалното јавно обвинителство.

„Само неколку часа откако СДСМ се закани и најави лични тужби против судиите, Кривичниот суд ја измени сопствената одлука и наместо обезбедување присуство, изрече мерка притвор“, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата, од чии редови е и градоначалникот Талески, велат дека одлуката на судот не е базирана на закони и на факти, туку била донесена под жесток политички притисок и дека нема никаква врска со реалната состојба.

„Сето ова единствено е поврзано со политичките игри на СДСМ и додворувањата на судството кое отсекогаш е мета и посакувана цел на СДСМ, но кога не им успева додворувањето и партиското лобирање почнуваат со заканите и со притисоците. Илузорно е да се смета дека Владимир Талески ќе ја напушти државата и ќе се даде во бегство, нешто за што не постои никаква индиција ниту здраворазумски факт. Ваквата одлука на Кривичниот суд има политичка намена, за кокетирање во јавноста од страна на СДСМ во отсуство на реални резултати и вистински дебакл на нивните антидржавни политики. Целокупното работење на градоначалникот Талески е базирано врз дословно спроведување на законот за јавни набавки. Ова е уште една срамна епизода од работењето и од дејствувањето на СДСМ“, велат од владејачката партија.