fbpx

ВМРО-ДПМНЕ бара консултации за пописот, во спротивно нема да го поддржат неговото одржување

-

Од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека власта ја нема консултирано опозицијата за спроведување на пописот, предупредувајќи дека нема да го поддржат одржувањето на најавениот попис во април 2021 година. Од ВМРО-ДПМНЕ бараат пописот да биде статистичка, а не политичка операција, и да се спроведе со почитување на европските критериуми за попис пропишани од ЕУРОСТАТ, која е институција за вакви дејности во Европската унија.

„Таков попис кој би отстапувал од утврдените критериуми спроведувани од напредните европски земји, ВМРО-ДПМНЕ нема да го поддржи. Ако и овој попис пропадне, а се одвива без консултација со опозицијата повторувам се одвива без консултација со опозицијата, како и досега целосната вина ќе биде единствено на власта“ изјави денеска портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.

Инаку, Владата го испрати до Собранието предлог законот за попис, којшто треба да влезе во собраниска процедура. Со предложеното законско решение пописот е предвидено да се одржи во април 2021 година, а поради тоа што е испратен минатогодишниот текст на законот, од опозицијата веќе се изјаснија против ваквото законско решение.

Во меѓувреме, Државниот завод за статистика отпочна со подготовките за спроведување на попис, којшто за последен пат во земјава е спроведен во далечната 2002 година. Изминатово лето се спроведе пробен попис во неколку пилот општини, а набавени се и неопходните лап топ компјутери и софтвер за спроведување на попишувањето на населението.

Министерот за правда Бојан Маричиќ во одговор на новинарско прашање денеска изјави дека сме единствени во регионот, а и во Европа во која не е одржан попис веќе 18 години.

„Затоа, Владата остана на оној текст на законот што веќе го поднесе во Собранието претходно. Значи, ние мислиме дека изградивме еден систем во кој нема да има Државна пописна комисија, туку целиот процес ќе се одвива преку Заводот за статистика“, изјави министерот за правда Бојан Маричиќ.

Тој појасни дека во однос на оние одредби кои се однесуваат на роковите што веќе се истечени, бидејќи важеле во моментот кога е поднесен законскиот текст, Маричиќ истакна дека во соработка со пратениците, преку амандмани ќе се обидат да ги корегираат тие рокови за да може да функционира законот и кога ќе биде донесен тој, да биде спроведен пописот во април 2021 година.

Маричиќ додаде дека секое натамошно одолговлекување на процесот на разговори, преговори и повторно отворање на текстот на законот може само да доведе до ново одлагање на операцијата.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Русија не ја уништи армијата на Украина

Не е точно дека Русите ја уништиле украинската армија, таа уште ја брани територијата на својата суверена држава. Во објавата произволно се тврди дека биле испратени 300 милијарди долари и...