Премерот Зоран Заев и Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг | Фото: НАТО (nato.int)

Помош од 60 респиратори и друга неопходна медицинска опрема, вредна околу 1,4 милион евра, најави генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг по денешната средба со македонскиот премиер Зоран Заев во седиштето на алијансата во Брисел. Столтенберг потсети на помошта што сојузниците веќе ѝ ја пружија на Северна Македонија во справување со пандемијата и ја најави новата транша, како дел од залихите што НАТО ги обезбедува во пресрет на новиот бран на пандемијата.

– Помошта ќе вклучува 60 респиратори и друга итно потребна опрема вредна околу 1,4 милион евра. И тоа, секако, доаѓа дополнително од опремата и поддршката што веќе ја доставивме. Ова е солидарноста на НАТО на дело, рече Столтенберг.

Столтенберг наведе дека низ цела Европа се евидентираат зголемен број случаи на ковид, и дека ниедна земја сама не успева да го сузбие вирусот.

– Затоа НАТО веќе долго време планира и делува. Една од лекциите кои досега ги наушивме е важноста на воената поддршка на цивилните институции во справување со пандемијата, рече Столтенберг потсетувајќи на напорите на Алијансата во поддршка на цивилните медицински капацитети, координацијата, во транспорт на медицински материјал и лекови, обезбедување теренски болници.

Поддршката од НАТО, нагласи генералниот секретар, нема да биде ограничена само на пандемијата.

– Истовремено, безбедносните предизвици со кои се соочувавме пред пандемијата не престанаа. Одговараме на хибридните закани, вклучувајќи ги и дезинформациите насочени кон нашите институции, нашите вредности и нашите демократии. НАТО е тука да им помогне на сојузниците да се спротивстават на широкиот спектар хибридни напади. НАТО нема да дозволи оваа здравствена криза да стане безбедносна криза. Каков и да е предизвикот, заедно сме посилни и побезбедни, рече Столтенберг.

Премиерот Заев нагласи дека Северна Македонија е посветена на евроатлантската интеграијца како никогаш досега. Тој потсети дека земјата е домаќин на штабот на Мултинационалната бригада на Југоисточна Европа и на претстојниот Самит за стратегиски комуникации на НАТО. Премиерот истакна дека е во тек имплементација на обврските од пристапувањето кон нато, како усвојување на протоколи и функционални и оперативни стандарди.

– Со членството во НАТО, ги цементиравме демократските основи на нашата нација, со членството остваривме една од стратегиските определби и еден од највисоките приоритети во надворешната политика, рече Заев.

Двајцата ја истакнаа определбата на Северна Македонија за стабилно финансирање на одбраната и зголемувањето на буџетот за одбрана на 2 отсто од бруто-домашниот производ.