Од идната година во програмата за рурален развој се внесува сосема нов фонд од половина милион евра за заштита на шумите. Ова денеска од Штип го најави министерот за земјоделство шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, како дел од мерките во борба против пожарите.

-Креиравме посебна мерка, која се однесува на заштита на шумскиот фонд, таа мерка до сега не постоеше. Сега ќе бидат дефинирани корисниците, ќе биде распишан јавен повик – рече Николовски.

Сепак, министерот не дефинираше какви мерки ќе поддржи овој фонд, со објаснување дека ќе бидат дефинирани со објавување на јавниот повик.

Николовски не одговори на новинарското прашање за штетите што пожарите оваа пролет ја предизвикаа врз шумите насекаде во државата. Само кажа дека тоа е во надлежност на Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување.

На прашањето дали планираат законски измени со поостри санкции за потпалувачите на стрништата, кои предизвикаа неколку поголеми пожари, министерот за земјоделство кажа дека е тоа работа на други институции, но од неговото министерство работат на закон за шуми.

-Се работи на една системска реформа на целокупниот систем во делот на шумарството. Она што е значајно, за оваа работа добивме средства од ИПА програмата за 2019 година во висина од 1,3 милиони евра, што токму ги тангираат овие прашања, во делот на пожарите, во делот на реформите што треба да ги спроведеме, во што е потребен синхронизиран одговор на повеќе институции – кажа Николовски.

Неодамна, од ЈП Македонски шуми соопштија податок дека само во март имало 128 пожари, од кои 51 се прошириле во шумите. Опожарена е вкупна површина од 2.817 хектари.