fbpx

Списанија за алтернативна медицина ја промовираат Русија на Балканот

Наспроти обидот да се создаде слика на земја во која има одлично здравство, Русија има една од најлошите статистики во оваа сфера. Животниот век таму е значително понизок од оној во развиените земји

-

Еден метод за ширење на руското влијание на Балканот е преку списанијата за алтернативна медицина. Додека весникарството во сите балкански земји е во стрмоглав пад, бројот на списанија со наслови како „Руски доктор“, „Руски тревар“, „Руска енциклопедија на здравјето“ се зголемува од 2015 година досега. Најмалку пет од нив потекнуваат од Србија и се распространуваат преку трафиките во соседните земји, а главната цел им се постарите генерации.

Додека перцепциите за Русија во регионот може да зависат од главните политички трендови или од пропагандата на некоја држава, влијанието на овој вид медиуми е неусетно и долготрајно.

На трафиките, овие списанија ја зголемуваат видливоста на руските симболи и пренесуваат пораки од типот „Руските совети се клучни за вашето здравје“. Графичкиот дизајн на овие списанија вклучува користење на боите на руското знаме или минијатурна верзија на знамето на речиси секоја страница.

Друга многу застапена практика на овие списанија е преголемата употреба на придавката „руски“. Секој вообичаен совет за здравјето што може да се добие од кој било лекар во светот се квалификува како „руски совет“. На пример: „Руската школа за долговечност“ заклучува дека треба да се пешачи за да бидеме здрави. „Рускиот спас за варикозни вени“ вклучува јадење лук и зеленчук. Има дури и „Руски хороскоп“, којшто е ист со обичниот хороскоп.

Честопати на насловните страници се наоѓаат фотографии на главниот политичар, истовремено промовирајќи го култот на неговата личност и користејќи го него како јадица за читателите. На пример, едно списание објави наслов „Ексклузивно: Терапијата на Владимир Путин со габи“, а текстот внатре, исто така придружен со фотографија од рускиот претседател, всушност зборува за придобивките од лекувањето со габи коишто ги откриле експерти од руските лаборатории. „Зошто Путин користи малахит“ е насловот на еден текст за лекувањето со кристали.

Содржината во овие списанија главно потекнува од Русија, и е во распон од совети на лекари, рецепти за некои јадења, како боршч, до прмовирање на руските тревари и духовни исцелители, кои пронашле „чудесни“лекови за продолжување на животниот век, лекување на ракот, на кардиоваскуларни болести и речиси секое друго заболување.

Во земјите со послаби системи за здравствена грижа, овие списанија нудат одредена „ескапистичка“ занимација за мнозинството што не може да си ги дозволи скапите приватни здравствени услуги.

Два големи издавачи од Русија стојат зад овие магазини, што се продаваат и во БиХ, Црна Гора, Македонија, Хрватска и Словенија. Color Media, позната и како Color Press Group нуди најголем избор на вакви магазини – од „Руски доктор“ и неговите специјални изданија „Бољи живот“ и „Еликсир: Чајеви и мелеми“ до „Руска енциклопедија здравља“.

Вториот голем издавач е српската медиумска куќа Novosti, која го издава списанието „Ruski travar“, кое е со помал формат, но со многу сличен графички дизајн и содржини.

Главната публика за која се наменети овие списанија се постарите граѓани и жените. Тоа се гледа од изборот на фотографиите, на кои главно се гледаат побелени коси, како и од изборот на темите и од рекламите, кои се посветени на состојбите сврзани со стареењето. И цените се прилагодени на главно посиромашната највозрасна популација – „Руски доктор“ на македонски се продава за 40 денари, а српската верзија за 20 денари.

Но наспроти обидот да се создаде слика на земја во која има одлично здравство, Русија има една од најлошите статистики во оваа сфера. Животниот век таму е значително понизок од оној во развиените земји. Според податоците од Светската банка, во 2016 година, просечниот животен век во Русија изнесувал 71,6 години, наспроти 82,3 години во Франција и 83,9 години во Јапонија – што е над 12 години повеќе отколку во Русија.

Медицинско истражување спроведено во 2014 покажа оти веројатноста маж во Русија да почине пред својот 55. роденден е 25 отсто, што се должи на два фактори: алкохолизам, како главна причина, и пушење, како споредна.

Балканските земји, вклучително Северна Македонија и Србија, исто така заостануваат зад Европската Унија според унапредувањето на здравјето, но сепак се многу подобри од Русија.

Според погоренаведените податоци од Светска банка од 2016 година, во Србија просечниот животен век изнесувал 75,2 години, а во земјава состојбата е малку подобра – 75,7 години. Земјите од поранешна Југославија што се придружија на ЕУ имаат уште подобра ситуација – во Хрватска просечниот животен век е 78 години, а во Словенија 80,8 години, односно девет години подолго отколку во Русија.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Германија добива онлајн регистар на донори на органи

Германскиот онлајн регистар на донори на органи вчера беше отворен со две години задоцнување. Министерот за здравство Карл Лаутербах оцени дека тоа придонесува за транспарентност и поголема подготвеност на...