fbpx

Нема веќе „Руски доктор“ на македонски јазик, но српското издание кај нас е најевтино во регионот

Меѓу бројните реклами, во годинешното априлско издание на „Руски доктор“ може да се најде и реклама за вакцинација против ковид-19 на српското Министерство за здравство, чија кампања за подигнување на свеста кај населението се спроведува со поддршка на Светската здравствена организација и УСАИД

-

Списанието „Руски доктор“ веќе не се издава на македонски јазик, но овој печатен медиум, како еден од методите на ширење на руската мека моќ на Балканот, во Северна Македонија е присутен преку српското издание, кое може да се набави низ продажните места во земјава.

На просторите на поранешна Југославија, „Руски доктор“ има и хрватско и словенечко издание, но овие изданија не можат да се пронајдат на трафиките во Северна Македонија. Списанието за алтернативна медицина и понатаму го издава „Колор Медиа Интернешнл“ од Нови Сад.

Она што првично паѓа во очи во српското издание на „Руски доктор“ кое може да се купи во нашата земја е цената за еден примерок, која е убедливо најниска во однос на останатите земји на Југославија. Па така, „Руски доктор“ кај нас се продава по цена од 30 денари за примерок, што е пониска цена дури и од Србија, каде што се издава и печати. Списанието во Србија може да се купи за 90 српски динари (47 денари), во Црна Гора чини едно евро, додека во Босна и Херцеговина може да се купи за две конвертибилни марки (63 денари).

Покрај српското издание, во Хрватска тамошното издание на „Руски доктор“ се продава за две и пол евра, додека во Словенија примерок од списанието може да се купи за 1,80 евра.

Колор-изданието на „Руски доктор“ со 52 страници на српски јазик во земјава се продава по пониска цена од други печатени медиуми на македонски јазик, кои се печатат на приближно ист број на страници и квалитет на хартија. Па така, еден примерок на политички неделник на македонски јазик на трафиките се продава за 60 денари, односно двојно поскапо од „Руски доктор“.

Печатеното издание на „Руски доктор“ се продава под слоганот „Рускиот совет здравје вреди!“. Па така, во мартовскиот број на српското издание може да се прочита текст за извесен руски травар Александар Васиљев од Витебск, кој открива „драгоцени совети од неговата мајка на 72 години“ за совладување на крвниот притисок, додека лекар од итна помош од руската област Владимир дава совети за кожни заболувања.

И во априлското издание на „Руски доктор“ може да се најдат совети од доктори за руските методи на лечење за високиот притисок, како и од извесна руска „траварка со искуство“ А.Кремњева која нуди билки кои ги заменувале таблетите за висок притисок. Понатаму, извесна Јелена Петелина од рускиот град Пјатигорск пишува за тоа како комшиката го решила проблемот со колитис. Понатаму, на читателите им се нудат совети за изработка на руски масти и облоги за болни зглобови.

Извесен пензиониран шумар Јуриј Аљексејев од Вологодската област, со фотографија од гушкање на дрво, им упатува порака на читателите дека останал здрав благодарејќи им на дрвата, давајќи совети за тоа како граѓаните треба лековито да се дружат со дрвата:

Доближете се пополека, ставете ги дланките на ладната груба кора на дрвото, доближете го челото на стеблото, затворете очи и стојте така пет-десет минути.

Гушкање дрва како „рецепт“ за долг живот, текст во априлскиот број на списанието „Руски доктор“; Фото: Мета.мк

Неговиот додатен совет е дека поголема биоенергија дава дружењето со постари стебла од дрва.

Сепак, дружењето со дрва се чини дека не помага многу во продолжувањето на просечниот животен век на руското население. Просечниот животен век на граѓаните во Русија изнесува 69 години, додека македонските граѓани во просек живеат 73 години односно четири години подолго во споредба со жителите на Русија, покажуваат податоците на Светска банка за 2020 година. Ова практично значи дека Русија има полоша статистика за животниот век од македонското население, иако самиот слоган на списанието ги воспева советите на руската медицина.

Покрај текстовите, во кои предничат оние од алтернативната медицина, во српското издание на „Руски доктор“ можат да се забележат и реклами со големи ветувања за лекувања на дијабетес, зголемена простата, проблеми при менструација и други заболувања. Се рекламираат поединци кои ги лечеле неизлечивите хронични болести кај луѓето, а има и промотивен текст за руски чај преку кој на читателите им се гарантира дека засекогаш ќе бидат здрави, потенцирајќи ја информацијата од неидентификувани научници кои докажале оти многу народи во Сибир до својата длабока старост не знаеле за ракот како болест, ниту имале проблеми со простата.

Реклама за „лечење“ на хронични болести во априлскиот број на српското издание на списанието „Руски доктор“; Фото: Мета.мк

За да се огради од евентуални несакани дејствија, редакцијата на „Руски доктор“ со мали букви во делот на импресумот наведува дека „Color Media International и редакцијата на „Руски доктор“ не одговараат за содржината и вистинитоста на објавените рекламни пораки и преземени содржини од споменатите или огласуваните електронски локации. За квалитетот на производите и услугите кои се огласуваат во списанието „Руски доктор“ одговара нарачателот-огласувач“. На овој начин, списанието се оградува од евентуални поплаки од читателите или судски постапки за негативни последици од користењето на некои од производите или услугите што се рекламираат.

Меѓу бројните реклами, во годинешното априлско издание на „Руски доктор“ може да се најде и реклама за вакцинација против ковид-19 на српското Министерство за здравство, чија кампања за подигнување на свеста кај населението се спроведува со поддршка на Светската здравствена организација и УСАИД, а нивните логоа може да се најдат во објавената реклама.

Реклама во априлскиот број на српското издание на списанието „Руски доктор“; Фото: Мета.мк

Инаку, списанието „Руски доктор“ со години е присутно во нашата земја на продажните места, а од самите рекламни содржини, текстовите и фактот што се нуди како печатено издание, произлегува дека примарна таргет-публика на списанието се постарите лица во Северна Македонија.

Oд неколкугодишното присуство меѓу читателската јавност, може се забележи дека влијанието на списанието „Руски доктор“ е подолготрајно и може да го оквалификуваме како дел од руската мека моќ. Не навлегувајќи во намерите на неговото издавање, јасен е медиумскиот дискурс којшто се шири во броевите од ова списание, а тоа е глорификација на руската медицина, но и на алтернативните „рецепти“ за здрав живот, кои се несомнен обид да се шири позитивно, афирмативно влијание за Русија меѓу македонското население.

Мета.мк веќе во два наврати изминативе години пишуваше за содржината на изданијата на „Руски доктор“ во минатото. Уште една новина што може да се забележи во последните броеви на српското издание на списанието е отсуството на политизацијата на теми од здравството, кои во минатото водеа директно кон глорификација на рускиот претседател Владимир Путин и кон создавање на култ на личноста во нашата земја.

Списанија за алтернативна медицина продолжуваат да го промовираат култот на Путин во Македонија и во регионот

Списанија за алтернативна медицина ја промовираат Русија на Балканот

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Вучиќ кон Пикси откако автобусот се заглави во песок: „Тешки сме Драгане“

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека е договорено финалето на Лигата на Европа на УЕФА во 2028 година да се игра на Националниот стадион во Сурчин. Вучиќ на...