fbpx

Списанија за алтернативна медицина продолжуваат да го промовираат култот на Путин во Македонија и во регионот

-

Мрежата на списанија кои го промовираат „брендот Русија“ и ликот на Путин во формат на совети за алтернативна медицина продолжува да функционира во повеќето држави кои настанаа по распадот на Југославија.  

„Мета.мк“ во април 2019 година објави анализа со која укажа на влијанието на две мрежи списанија, кои потекнуваат од Србија и кои се дистрибуираат и преку директен извоз во Босна и Црна Гора и/или преку локализирани изданија во Северна Македонија, Хрватска и Словенија на локалните јазици.  

Најпознатите се „Руски доктор“ на медиумскиот конгломерат „Колор медија плус“ и „Руски травар“ на издавачката куќа „Новости“, на кои се придружени низа други слични публикации. Судејќи според графичката опрема и ниската цена по примерок, нивната главна целна група се повозрасните граѓани, особено пензионерите, кои истовремено се важни како стабилен дел од гласачкото тело.  

Овие списанија продолжуваат комерцијално да ги експлатираат позитивните перцепции за Русија и нејзината култура кои од претходно беа присутни кај дел од балканското население, при што дополнитело придонесуваат да се зајакнат пропагандните позиции на Путиновиот режим.  

Така на пример, во најновиот, јануарски број на македонското издание на „Руски доктор“, ударна содржина на насловната страница е „ексклузивниот“ напис за „10-те тајни на Путин за здравје“ со кој како „тајни“ се претставени правилната исхрана, утринската гимнастика, но и занимавањето со спортови како скијање, хокеј, јавање и риболов кои во најголема мерка се надвор од финансиските можности на целната (пензионерска) публика.   

Насловната страница најавува  и „откритие“ „директно од Кремљ“, дека „Путин ја избира народната медицина“, со кое е најавено интервју со личен лекар на Путин, д-р Сергеј Миронов кое наспроти насловот покажува дека за рускиот претседател се грижи тим лекари преку „развиена медицинско-спортска програма“.  

Прикажувањето на 67годишниот руски автократ како младолик, мажествен и здрав спортист е една од основите постулати на пропагандниот наратив кој го претставува како владетел со „извонредна работна способност и одлични перформанси“ според цитат од Миронов.  

За жал, наспроти „вечно младиот“ популистички „вечен“ и „незаменлив“ претседател/премиер, фактите за Русија покажуваат дека поголем дел од нејзиниот народ искусува пад на квалитетот и на здравствениот систем и на другите услуги од државата.

Неодамна лондонски „Тајмс“ укажа дека една осмина од Русите преживуваат со помалку од 175 евра месечно и дека „нема знак дека јазот меѓу богатите и сиромашните ќе се намали во скоро време“.  

Финансиски недостапни за повеќето читатели се и омилените „напивки“ на Путин како шпанското црно вино и „специјалните коктели со големо количество мраз – 50 ml шампањ, капки лимонов сок, нане, сируп“. Инаку, алкохолизмот е една од најважните причини за висока смртност во Русија.  

Контраст меѓу пропагандата за внатрешна и надворешна употреба 

Со оглед на тоа што најголем дел од содржните на ваквите списанија се преземени од руски оригинали, веројатно преку лиценцирање, нивните содржини даваат и увид во тоа што им се сервира на руските читатели. 

Според податоците на Светската банка за просечен животен век по држави, Русија со 71,6 години е на самото дно на ниво на Европа, што е индикатор за недоволна достапност на здравствени услуги за целото население.  

Така, содржините за промоција на разни „народни лекови“ барем кај дел од публиката го оттргнуваат вниманието од квалитетот или (не)достапноста на услугите на јавното здравство, или нудат некаква утеха или „алтернатива“. Таа пропагандна тенденција е полезна не само за рускиот олигархиски режим, туку и за режимите на балканските држави кои на ист начин го имаат урнисано квалитетот здравствениот систем во нивните земји. 

Сепак, провлекувањето на дел од содржините наменети за руската публика укажува на еден контраст. За разлика од активностите на армиите на руски тролови кои ја шират антиваксерската пропаганда во земјите на ЕУ и НАТО, како и и нивните сојузници и кандидатки, интерно во Русија државата го промовира вакцинирањето. Така, меѓу другите податоци за здравјето на Путин, „Руски доктор“ наведува дека Путиновиот секретар за печат изјавил дека тој се вакцинира против грип. 

Дури и Руската православна црква, на чии ставови против обврзното вакцинирање се потпираат балканските активаксери, се има оградено во ситуации кога државата би прогласила епидемија. 

Комерцијална промоција на псевдонаука и лажни надежи за спас од смртоносни болести 

Покрај пропагандната функција, комерцијалните страници на ова списание се исполнети со огласи од различни локални и регионални гатачи и иселители кои нудат консултации за хороскоп или ветуваат чудесни лекови, меѓу другото и „лечење на било кој рак, со и без метастази“ од извесен „Доктор Цветин“ кој држи „прва интернет неуропатска клиника за космичка медицина на Балканот“. Тој тврди дека „во соработка со руски колега“ дијагностицира болести преку Viber или WhatsApp. 

Низ рекламите во списането се редат слични поими кои звучат научнички, но всушност немаат врска со медицината како „лековити билни бомбони нов вид ќелијска космичка храна“, информотерапија“, „квантова медицина“ од луѓе сликани со бели мантили или со титули од „академии“ – фирми кои не се ниту научни ниту медицински установи. 

Сомнителноста на кредибилитетот на огласите го потврдува и тоа што весникот дури два пати на третата страница ја има повторено следната „информација плус“ која гласи дека издавачот „Колор медија плус“ и редакцијата „не одговараат за содржините и вистинитоста“ на огласите, рекламите и промоциите…“ 

Во таа смисла „Руски доктор“ со исклучително ситни букви се обидува правно да огради од судски постапки нагласувајќи дека „за нивната вистинитост одговараат исклучиво оние кои се рекламираат, како и за квалитетот на производите  за соодветна болест одговорноста ја преземаат тие што ги препорачуваат како лек. Исто така, редакцијата и компанијата не се должни да даваат ниту објаснувања по писмен, електронски или телефонски пат.“  

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

(АНАЛИЗА) Јавен сектор: вработени по етнички клуч и според образование

Во четири министерства застапеноста на етничките Македонци изнесува 70 отсто од вкупниот број на вработени. Во седум ресори застапеноста на етничките Албанци е над 30 проценти, пишува Порталб.мк. Во...