fbpx

Вистиномер: Не е точно дека Владата го разгледувала предлогот вакцината против ковид-19 да стане задолжителна

-

Од Министерството за здравство демантираа дека се размислува вакцината против ковид-19 да стане задолжителна. По завршувањето на седницата, Владата информираше дека е усвоен предложениот План за задолжителна имунизација за 2022 година, а  во него не е предвидено вакцината против ковид-19 да се воведе како задолжителна, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Пост на Фејсбук пласира вест дека Владата на седница одржана на 11.01.2022 година на дневен ред ставила точка вакцината против ковид-19 да стане задолжителна во Македонија. Ова не е точно.

На последната седница на Влада, да ставиш точка на дневен ред задолжителна имунизација (SARS CoV 2) другите се регулирани, значи дека некој дебело те потплатил и треба дрш недај да го протуркаш тоа на одење. Не сакам ни да помислам дека можат и децата да ги опфатат, се вели во постот што го анализираме.

Лага е дека Владата го разгледувала воведувањето на вакцината против ковид-19 за задолжително. Имено, Владата на вчерашната седница (11.01.2022) ја разгледуваше Предлог-програмата за задолжителна имунизација на населението за 2022 година, предложена од Министерството за здравство.

Од Министерството за здравство во изјава за А1 он велат дека се работи за програмата за редовна имунизација на населението.

По веста дека Владата ќе ја разгледува програмата за задолжителна вакцинација за 2022 година, на прашањето на Инфомакс дали вакцината против ковид-19 ќе биде задолжителна, од Министерството за здравство изјавиле дека таа е право на избор на секој граѓанин.

Станува збор за програмата за редовна имунизација. Вакцината за ковид-19 е право на избор на секој граѓанин и не е во редовниот имунолошки календар, велат од Министерството.

По завршувањето на седницата Владата информираше дека е усвоен предложениот План за задолжителна имунизација за 2022 година. Во него не е предвидено вакцината против ковид-19 да се воведе како задолжителна.

Владата денеска ја донесе Програмата за задолжителна имунизација на населението во Северна Македонија за 2022 година која се носи секоја година и која ја опфаќа вакцинацијата на лица на одредена возраст, која се спроведува континуирано, во текот на целата година против: акутен вирусен хепатит Б (Hepatitis B), туберкулоза (Tuberculosis), заболувања предизвикани од хемофилус инфлуенца тип Б (Hib), дифтерија (Diphtheria), тетанус (Tetanus), голема кашлица (Pertussis), детска парализа (Poliomyelitis acuta), мали сипаници (Morbilli), заразни заушки (Parotitis epidemica), црвенка (Rubeоla), инфекции предизвикани од хуман папилома вируси (HPV), инфекции предизвикани од ротавируси и инфекции предизвикани од Streptococcus pneumoniae за сите лица на одредена возраст согласно Календарот за имунизација.
Во Програмата е приложен Календарот за имунизација на деца од 0 до 18 години и Календарот за catch-up имунизација за нередовно вакцинираните деца од 5 до 18 година, како и планот за обезбедување годишни потреби на вакцини за задолжителна имунизација и вакцини по епидемиолошки индикации, извести Владата.

Здравствените власти во Македонија имаа обид да воведат задолжителна вакцинација за вработените во здравствениот сектор, а планираа и да се воведе задолжителен вакцинален сертификат, негативен ПЦР тест или доказ за прележаност за вработените во јавниот сектор. Ваквите обиди пропаднаа по мноштвото реакции на синдикатите. Владата се откажа од овие две мерки, а причината е во тоа што се наишло на проблем како ќе се казнува ако некој не се тестира и како ќе се спроведе оваа мерка, соопшти тогаш министерот за здравство, Венко Филипче.

Здравствените власти сега со друга мерка се обидуваат да го зголемат вакциналниот опфат. Секој матичен лекар што ќе постигне 70 проценти од неговите пациенти да се вакцинирани против ковид, ќе добие 30 денари бонус по пациент. Парите на матичните лекари ќе им бидат исплатени до почетокот на летото.

Во Северна Македонија е рано да се воведе задолжителна вакцинација, изјави министерот Филипче пред еден месец.

Во Македонија постои Програма за задолжителна вакцинација и таа редовно се разгледува и усвојува на Влада секоја година. Во Програмата за задолжителна имунизација за 2021 година, на пример, беше содржан план за обезбедување на годишни потреби на вакцини за задолжителна имунизација и вакцини по епидемиолошки индикациии.

Од Министерството за здравство демантираат дека се размислува вакцината против ковид-19 да стане задолжителна. Владата не разгледувала таков предлог. Имајќи го предвид сето ова, можеме да заклучиме дека постот што го анализираме пласира невистинa, пишува „Вистиномер“.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Забраната за примање невакцинирани деца во градинка во време на епидемија, не е дискриминација

Со објавата се шири паника и се обвинуваат здравствените власти, иако станува збор за стандардно постапување кое поради недоволен вакцинален опфат беше применувано и во 2019 година, кога имаше...