Министерот за здравство Венко Филипче, денеска ја посети Општата болница Велес и им честиташе на раководството и на вработените на успехот да бидат првата општа болница што добила акредитација на три години од Агенцијата за квалитет и акредитација на здравствените установи.

-Оваа акредитација значи квалитет и безбедност во здравствената заштита, која ги развива, ревидира и унапредува стандардите на здравствена заштита во здравствените установи, прави проверка на имплементацијата на стандардите и дава стручна помош на здравствените установи за успешна подготовка до постапката на надворешно оценување и следење на одржувањето и унапредувањето на здравствената заштита после акредитацијата. Исто така, во следниот период ќе почне постапката за проектирање и реконструкција на инфективното одделение во оваа болница – истакна министерот Филипче.

Општата болница во Велес по пуштањето на Ургентниот центар ќе стане Регионален ургентен центар со целосна дијагностика со што ќе се покријат сите потреби на пациентите од Велес, од околината и поширокиот регион на Повардарието. Кон средината на минатата година ставен е во функција апаратот за компјутерска томографија, а во следниот период ќе се набави и дополнителна опрема, објаснуваат од Министерството за здравство.

Министерот Филипче најави проект за обезбедување нови лекари во регионите каде има недостиг на овој кадар, како и  враќање на гинеколошките диспанзери.

– Планираме проширување на интеграциите на лекарите од болничкиот сектор посебно за регионите кои се соочуваат со недостиг на лекари во примарно ниво. Истовремено, работиме на проширување на дејностите на одредени здравствени домови, а во насока на враќање на гинеколошките диспанзери – рече Филипче.

Тој зборуваше и за замислата за воведување јавно-приватно партнерство во здравството, што во изминатиов период добива само критики.

– Дозволете во оваа прилика да го објаснам и моделот на јавно приватно партнерство кое планираме по широка јавна дебата да го имплементираме онаму каде што ќе покажат студиите дека е потребно и можно во здравствениот сектор. По изборниот процес ќе следат повеќе физибилити студии кои ќе ни го покажат патот во кои дејности е можен ваков модел, каде можеме да ги подобриме здравствените услуги и услови, како и да креираме заштеди. Целта е приватниот партнер да влезе како инвеститор во нашиот здравствен систем, со цел да нема непотребни трошоци и долгови и да се фокусираме кон здравствен систем што купува услуги таму каде што е најевтино и најквалитетно за пациентите – рече министерот за здравство.