Инвестициите во Хрватска не дојдоа веднаш откако државата стана членка во Европската Унија, туку две години подоцна кога инвеститорите почувствуваа одредена стабилност, рече консултантката од Хрватска, Марија Туфекчиќ на дискусијата на регионалната конференција на тема „Предизвиците и искуствата за националната економија во пресрет на процесот на отпочнување на преговорите за влез на земјата во Европската Унија“, во организација на Сојузот на Ротари клубови на Република Северна Македонија.

„Инвестициите доаѓаат кога е стабилен правниот систем, кога нема измена на закони на годишна основа, кога данокот на додадена вредност (ДДВ) и другите даночни политики не се преиспитуваат на годишно ниво. Нагорниот тренд на странски инвестиции во Хрватска, почна по две години од влегувањето во ЕУ, кога тие почувствуваа некаква стабилност“, рече Туфекчиќ.

Добрата работа, според неа е, што за овие шест години откако Хрватска е членка на ЕУ, се основале три пати повеќе мали и средни претпријатија (МСП), отколку претходно.

„Се основаат претпријатија и се губи стравот од неуспех, претприемачкиот дух е поразличен. Денес 50 проценти од извозот им припаѓа на МСП, што не беше случај претходно, кога големи компании беа носители на извозот“, додаде таа.

Исто така, со реформата на банкарскиот сектор значително се намалиле каматите, а претприемачите имале подобар пристап и до други финансиски инструменти.

Во однос на миграцијата на населението, Туфечќиќ објави податок дека 80.000 лица се вселиле, а 230.000 ја напуштиле државата.

За поголема искористеност на ЕУ-фондовите, консултантката од Хрватска порача дека многу е важен капацитетот на институциите, бидејќи има строги процедури и правила.

Премиерот Зоран Заев рече дека по затворањето на крупните политички прашања, врвен приоритет е зајакнување и градење на силна економија, која ќе отвори можности и шанси за сите со цел значајно да се подобри квалитетот на живот на граѓаните.

„За да бидеме дел од тој напреден европски свет мора да поработиме на подигнување на стандардите и капацитетите. Очекувањата да добиеме препорака за почеток на преговорите се реални. Треба да знаеме сите дека не чека многу работа за која како Претседател на Владата ве уверувам дека сме подготвени и имаме капацитет да одговориме на сериозните предизвици и задачи кои се очекуваат од нас“, додаде Заев.

Економскиот советник на премиерот и професорот Ванчо Узунов смета дека државата овие години гради систем за подобра искористеност на ЕУ-фондовите но тој не е доволен.

За странските инвестиции вели дека со стабилизирање на правната регулатива, ќе има и нивен зголемен обем. Според него, позначаен проблем е што домашните компании не соработуваат доволно со странските инвеститори во земјата.