fbpx

Урсула фон дер Лајен во Давос зборуваше за дезинформациите околу Украина, а не за „болеста Х“

Таа зборува за обединување на Европа, за дезинформациите околу воената инвазија на Русија врз Украина (кажува дека Русија губи и воено и политички и дипломатски), за употребата на вештачка интелигенција, за енергетиката во ЕУ, за обновливата зелена енергија, како и за глобалната геополитика, односно дека во исто време има повеќе конфликти во светот

-

Во видеото од целосното излагање на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, ниту еднаш не се споменува идна пандемија, туку таа зборува за дезинформациите кои се шират во врска со воената инвазија на Русија врз Украина, како и за дезинформациите кои го загрозуваат офлајн светот и покрај тоа што се пласирани онлајн. Нејзиниот говор во смисла на дезинформациите е дека стандардите што важат во општеството, исто така треба да важат и на интернет. Таа кажува дека најголем број на дезинформации имаше за Украина, а дека вистината е оти Русија губи и воено и политички и дипломатски, а ЕУ станува посилна и учи од лекциите особено во полето на енергетиката и вештачката интелигенција, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

ДВЕ ГОДИНИ СТРАВ ЗА УРСУЛА Еве што најмногу (ќе) ги измачувало: “Најголемата грижа за следните две години не е конфликтот или климата. Тоа се дезинформациите и погрешните информации”. 
Имајте предвид дека во нивниот кодиран, “политички коректен” говор, овие два термини, dissinformation & missinformation (исто понекогаш и hate speech и fake news) често се злоупотребуваат на штета на слободата на говор, онаа надвор од дозволените наративи, онаа која не можат да ја контролираат. Или забранат. Онаа што им ги урна плановите со пландемијата, на пример. 
Зошто токму наредните две години?
 Ве уверувам дека слободата на говор ги измачува многу повеќе од што изразуваат (во случајов, преку докажаната ковид-профитерка Урсула). Ги измачува до ниво на уплав, и тој уплав може да ги натера на драматичен, очајнички чекор. И да ги докусури. Човештвото е разбудено без преседан досега, па овој “форум” полека се претвора во бал на уплашени вампири. 
Во таа смисла, приказната за наводната идна Болест Х, која ете им била непозната, но т.н. Светска здравствена организација ете веќе прави симулации дека од неа можеле да умрат 150 милиони луѓе и да доведе до колапс на влади, сфатете ја пред се како притисок со ширење страв тие влади до мај да се согласат да ги предадат своите уставни ингеренции на СЗО, па само таа да решава за “пандемии”, локдауни и, секако, задолжителни вакцини. Всушност, за конечен крај на слободата на говор. И на сите други човечки слободи.
 Фаќаат логика двете години на Урсула? 
(Видео во коментар)
Во објавата постои погрешна интерпретација на говорот на претседателката на Европската комисија Урсула вон дер Лајен на форумот во Давос. Нејзиниот говор во целост може да се пронајде овде. Кога таа зборува дека наредните две години главните проблеми ќе бидат дезинформациите, таа споменува дезинформации за воената инвазија на Русија врз Украина, различните ризици за поларизација на општествата до коишто може да доведат дезинформациите. Таа зборува дека не е време за конфликт туку за градење доверба во ЕУ, за да се надминат предизвиците со глобалните промени, а тоа може да се направи кога приватните бизниси и владите ќе работат заедно и ќе создаваат ново сврзно ткиво. Споменува дека во светот годинава половина од глобалната популација ќе биде афектирана од изборни процеси.
Нашата слобода доаѓа со ризици. Секогаш ќе постојат оние што ќе сакаат да не извадат од колосек, на пример со дезинформации. И никаде на друго место немало повеќе дезинформации отколку за Украина. Така што дозволете да ви дадам некои вистински точни информации. Русија пропаѓа со стратешките цели, рече вон дер Лајен во својот говор во Давос. 
Таа се осврна дека воено, милитаристички Русија загубила половина од своите воени способности, Украина ги освоила назад половина од окупираните територии и Украина ја задржала својата независност и слобода. Додава дека Русија претрпува и економски и дипломатски загуби, дека е зависна од Кина, а дека Финска се приклучи кон НАТО, Украина е на патот на ЕУ, а Шведска наскоро ќе се приклучи кон НАТО. Таа упати апел за финансиска поддршка и оружје за Украина за да се одбрани. Меѓу другото, Вон дер Лајен рече дека ако во 2021 година една од четири единици енергија во Европа доаѓале од Русија, сега тоа е само 1 единица од 20, а Европа се свртела кон алтернативни начини за добивање енергија, благодарение на единствениот пазар кој овозможува реалокација на енергијата кајшто е потребна, како и префрлање на извори на обновлива енергија.
Го претворивме предизвикот на Путин во голема можност, поентираше таа, додавајќи дека клучна лекција од кризата е тоа дека да се потпрете само на една држава, една рута или една компанија доаѓа со ризици.
Таа рече дека од почетокот на нејзиниот мандат справувањето со дезинформации е во фокусот.
Со актот за дигитални услуги ги дефинираме одговорностите на големи интернет платформи за содржините што ги промовираат и ги пропагираат. Одговорност кон децата и ранливите групи кои се таргетирани со говор на омраза, но и одговорност кон нашите општества целосно. Зашто границите меѓу онлајн и офлајн се потенки и потенки. И вредностите што ги цениме офлајн треба, исто така, да се заштитени онлајн. Ова е уште поважно во новата ера на вештачка интелигенција, рече вон дер Лајен.
Во продолжетокот на нејзиниот говор таа зборува дека треба да се инвестира во добра употреба на вештачката интелигенција и повикува на единство, заедништво за да Европа се справи со предизвиците, како што тоа беше случај со справувањето со пандемијата.

Како што може да се види од целиот говор, ниту еднаш во него не се споменува „болест Х“, ниту пак, со справувањето со дезинформациите се ограничува слободата на говор. Според она што го истакнува претседателката на ЕК во својот говор, дезинформациите влијаат негативно општествата да се справат со глобалните проблеми, а од нив жртви се и децата и маргинализираните заедници. Таа додава дека она што е норма во однос на дезинформациите офлајн, треба да е и онлајн.

Во контекст на ковид пандемијата, евидентно беше ширење на бројни дезинформации, креирани за да се спречи населението да се вакцинира, да носи маски, да верува во здравствените политики, со што се доведува во опасност здравјето и индивидуално и колективно. Во објавата што ја рецензираме пишува дека „слободата на говор им ги урнала плановите со пландемијата“, што, исто така, е невистина, бидејќи пандемијата не беше ни планирана, ни организирана, ниту таков глобален заговор е можен. Дезинформациите во пандемијата беа поларизирачки во смисла на тоа дека најнапред се лажеше дека пандемијата не постои, па кога последиците од неа беа очигледни за сите, тогаш дезинформаторите се префрлија на наративот дека тоа е план за депопулација, што, исто така претставува дебанкирана дезинформација.

Она што го зборува Урсула вон дер Лајен на Форумот во Давос не е она што е презентирано во рецензираната објава. Таа зборува за обединување на Европа, за дезинформациите околу воената инвазија на Русија врз Украина (кажува дека Русија губи и воено и политички и дипломатски), за употребата на вештачка интелигенција, за енергетиката во ЕУ, за обновливата зелена енергија, како и за глобалната геополитика, односно дека во исто време има повеќе конфликти во светот. Тврдењето дека зборувала за „болест Х“, не е точно. Исто како што не е вистина дека подготовката за идни пандемии е обид владите да ги предадат своите уставни ингеренции на СЗО. Секоја влада добива препораки од СЗО, но начинот на имплементација се во рацете на владите, односно нејзиниот суверенитет не е одземен со следење на препораки, особено кога се работи за пандемии, односно катастрофи со глобални размери и последици кои го засегаат целиот свет. Во врска со изнесеното во објавата дека СЗО ќе одлучува за вакцини, вакциналниот календар во цела Европа е речиси идентичен, бидејќи се работи на усогласување на менаџирање на ризиците од болести. Слободата на говор, наспроти изнесеното, не се загрозува со грижата за јавното здравје, со дебанкирање на дезинформациите кои имаат токсични цели да дестабилизираат, да дезинформираат, да влијаат на носењето на одлуките на граѓаните базирано на лаги, да создаваат кризи и катастрофи на штета на јавното здравје како општествен приоритет.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистинита. Кога ќе се погледне видеото на кое зборува претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен, се доаѓа до заклучокот дека таа воопшто не ни спомнува „болест Х“, туку зборува за теми неповрзани со пандемии, а кои ја засегаат ЕУ.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Ако се знаеле грешките, тие требало да бидат исправени до изборите

Изјавата на потпретседателката на СДСМ, Сања Лукаревска, иако искрена и можеби вистинита за тоа каде се лоцирани грешките во СДСМ за лошиот резултат, сепак е недоследна. И од аспект...