Наместо со уплатници во банка, услугите на УКИМ студентите ќе ги плаќаат онлајн

Сепак, додека се усоврши системот и додека се овозможи вработените на студентски прашања во реално време да гледаат кој колку пари и кога уплатил, тие не прифаќаат скриншот како доказ за извршена уплата и бараат хартиена уплатница

Фото: Мета.мк

Екипа од професори и асистенти на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ направија систем со кој се овозможува студентите да ги плаќаат услугите на факултетите онлајн, наместо со уплaтници во банка, како што беше досега.

Ова функционира засега на само пет факултети при УКИМ, но допрвo ќе следуваат обуки за вработените во студентски прашања, кои ќе учат како треба да работат согласно новиот начин на плаќање. Инаку, ваква можност има и на некои од останатите државни универзитети во земјава, а прв кој овозможи онлајн плаќање, беше универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.

За ризиците од тоа да не се евидентира некоја извршена уплата, за придобивките од системот и за проблемите со кои се соочуваат студентите, зборуваме со проф. д-р Иван Чорбев од Фалкултетот за информациски науки и компјутерско инжинерство, како и со студентката Анета Јованоска од Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ).

„На УКИМ повеќе од 10 години постои интегриран информациски систем за евиденција на студентите, тоа е „I know“ системот. Она што ни недостигаше е да се стави во функција делот за онлајн плаќања на услугите, па од пред една година и тоа го довршивме и го ставивме експериментално во функција од оваа академска година“, вели Чорбев.

Досега се наплатени повеќе од 550.000 евра 

Тој објасни дека имало повик до банките да понудат најниски провизии за студентите, по што била избрана банка која понуди најповолни услови. Таа интегрирала е-comerce решение и студентите за семестралните уплати можат да плаќаат онлајн со кредитни, односно дебитни картички.

„Во првата година започнавме внимателно, најпрво со ФИНКИ, во соработка со помал број студнети. Потоа се охрабривме и се прошириме на пет факултети – ФЕИТ, Ветеринарен факултет, Фармација, Економскиот факултет. Веќе имаме повеќе од 10 илјади реализирани трансакции, односно повеќе од 550 илјади евра. Сега го дебагиравме доволно системот и го тестиравме и сега сме охрабрени во овој начин на плаќање да се вклучат сите 23 факултети и интитути, со што секоја единица на универизтетот ќе може да ја употребува онлајн уплатата“, појаснува професорот.

Бенефициите од онлајн плаќањата според него се бројни, провизиите се пониски, а и многу е полесно да се извршуваат уплатите од дома или од странство, наспроти да мораат студентите да одат да чекаат ред на некој шалтер. За процесот на дигитализација на универзитетот, тој вели дека има силна поддршка од ректорката Билјана Ангелова, која исто така се залага за унапредување на процесите со дигитални технологии.

Вработените во реално време имаат увид во сите уплати 

Вработените во студентската служба во реално време имаат извештаи за сите направени уплати по студент. Но, тие ќе мораат да посетат обуки, кои ќе им помогнат во работата.

„По завршувањето на обуките на сите вработени, ќе им биде појасно дека не мора никакви докази да се приложат за уплатата, оти системот кој се користи во реално време покажува точно кој кога направил уплата. Сега довршуваме модул за синхронизација во онлјан уплатите со сметководствените софтвери кои факултетите ги имаат. Никаква потврда нема да е потребна на студентите дека платиле, бидејќи самите системи ќе ги вметнат засписите“, појасни професорот Чорбев.

На прашањето дали може сепак да се случи некој студент да уплати пари за некоја услуга, а тоа плаќање нигде да не се евидентира, Чорбев вели дека ризикот за такво нешто речиси и да не постои.

„Направени се сите напори да нема такви сценарија, имаме директна комуникација со банката чиј систем за електронско плаќање систем е интегриран со нашиот. И во првите почетни фази кога имаше одредени неконзистенстности, секогаш кога имаше вишок или помала трансакција од потребната, ние бевме на дневна основа во комуникација со нив. Сега нема да се случи ниеден факултет да биде во позиција да се изгуби трансакција“, објаснува Чорбев.

Вработените во студентски не признаваат скриншот како доказ

Додека се усоврши системот и додека се овозможи вработените на студентски прашања во реално време да гледаат кој колку пари и кога уплатил, тие не прифаќаат скриншот како доказ за извршена уплата и бараат уплатница.

Во врска со онлајн плаќањата на УКИМ и за искуствата со овој начин на плаќање, Мета.мк поразговара со Анета Јованоска, студентка на ФЕИТ.

„Нa ФЕИТ има опција за онлајн плаќање. Ги имам платено ЕКТ кредитите за овој семестар, со тоа што кредитите се плаќаат во „I know“ системот, но сите услуги како на пример, плаќањето за информативни културни и спортски активности, мора да се плати физички, во банка, како и претходно. Службите на студентски прашања не прифаќаат само скриншот како доказ за платена услуга, туку тоа мора да се испринта“, вели Јованоска.

Како доказ, студентите на ФЕИТ приложуваат интерен лист во кој стои дека имаат платено онлајн, но во исто време и вработените во студентска служба имаат увид во „I know“ системот и на тој начин гледаат дали студентите имаат платено.

„Прифаќаат дигитално плаќање, но мора да имаме и доказ во хартиена форма. Кога плаќав за семестар, само скриншот направив дека процесот е реализиран во банка, но ме вратија од служба, ми рекоа дека во банка морам физички доказ да обезбедам, да покажам физичка уплатница. Морав да го направам тоа“, вели Јованоска.

Опцијата за онлајн плаќање, веќе ја имаат студентите на Државниот тетовски универзитет, „Гоце Делчев“ во Штип. На Битолскиот универзитет „Св. Климент Охридски“ иако има ваков систем, тој не функционира.