„Сајбер шејк“ дебата: Со растот на моќта на компјутерите, дипфејк ќе стане секојдневие

Со моќта на вештачката интелигенција, алгоритмите се усовршуваат. Потребни се кампањи со кои ќе се едуцира населението да внимава кога консумира вести, а во училиштата е потребна медиумска писменост - ова беа некои од главните заклучоци од вечерашната дискусија на темата на „Сајбер шејк“ настанот – дискусија за млади „Дипфејк или реалност“

Фото: Мета.мк

Дипфејк ќе стане секојдневние. Со раст на моќта на компјутерите и на вештачката интелигенција, алгоритмите се усовршуваат. Потребни се кампањи со кои ќе се едуцира населението да внимава кога консумира вести, а во училиштата е потребна медиумска писменост.

Ова се некои од главните заклучоци од денешната дискусија на темата на „Сајбер шејк“ настанот – дискусија за млади „Дипфејк или реалност“, кој се одржа вечерва во кафе и филм „Котур“. Пред младата публика се обрати заменичката-главна уредничка на Мета.мк, Мери Јордановска, професорот од ФИНКИ Иван Чорбев, како и Бојан Стојковски, главен уредник на порталот ИТ.мк. Настанот го модерираше новинарката од Мета.мк, Антонија Јаневска.

Професорот Чорбев потсети дека дипфејк е генерирање лажни мултимедијални содржини – видеа, фотографии, звук, но нагласи и дека многу видеа кои се шират во јавноста всушност се направени со фотошопирање.

„Војната во Украина, е пример каде што многу често и двете страни, од кои едната повеќе, пласираат фотографии на уништени згради од тенкови. Не е лесно да се потврди дали тој објект е навистина тој кој нè убедуваат дека е. Треба да се земат слики од Гугл Мапс (Google maps), па од Гугл Стрит Вју (Google Street View). Треба многу напор да се вложи за да се утврди автентичност на една фотографија, дали навистина ракета удрила во таа зграда“, рече професорот Чорбев.

Зборувајќи за тоа, како да се реагира за да одредена дипфејк содржина биде отстранета, тој кажа дека најважно е брзо да се реагира до платформата која ќе го отстрани тоа видео.

Фото: Мета.мк

„Актерите кога се жртви на „ривенџ порн“ (revenge porn), тешко влегуваат во трага на оној кој го создал тоа видео. Најчесто одат на опцијата видеото да биде отстрането што поскоро. Ако има ваков случај, со брза реакција на социјалните мрежи тие содржини се отстрануваат, тие всушност имаат законска обврска да постапат“, додаде Чорбев.

Новинарката Јордановска кажа дека за цела среќа, кај нас не е доволно развиена техниката „дипфејк“.

„Се плашам што ќе се случи кога ќе се развие дипфејк. Ние постојано сме жртви на лажни вести, дезинформации, на стари фотошопирани фотографии. Како да сме склони да си играме со овие нови алатки кои ни носат забава, но од друга страна, последиците можат да бидат огромни. Од проверката на факти често наидуваме на фотографии кои се фотошопирани, или пак, на стара фотографија направена да изгледа како нова“, рече таа.

Во однос на дипфејк содржините кои се однесуваат на порнографија, Јордановска кажа дека се прават со основна цел да се дискредитира една жена, да се прикаже дека е таа неморална и да се оцрни.

„Првичниот контекст на дипфјкот е некој да се уништи, да му се наштети. Тоа се пренесува и во политиката, посебно сега кога во ЕУ, САД, па и кај нас, имаме избори и овде оваа техника може многу да наштети“, потенцира Јордановска.

Стојковски, пак, во своето обраќање истакна дека во медиумите може да се забележи дека не е воопшто лесно да се препознае што е вистина, а што дипфејк.

„Имаше медиуми кои директно имаа објави од дипфејк видеа. Откако се дозна дека се дипфејк, ги тргнаа тие видеа, но некои ги оставија“, рече тој.

На дебатата учесниците имаа можност и преку квиз да го проверат своето знаење и подготвеност да препознаат лажни видеа, создадени со помош на вештачка интелигенција, кои масовно се шират на социјалните мрежи, па дури и на медиумите, а со цел да шират дезинформации. Она со што се согласија присутните, е дека е потребно децата од најмала возраст да учат за ова, а возразните да се едуцираат за лажни содржини, преку кампањи.

Во рамки на настанот имаше и квиз со прашања за дипфејк, од она што се зборуваше на дискусијата, а ИТ.мк додели три награди – прво место: 1.500 денари ваучер за нивниот ИТ маркет + Премиум членство за нивните содржини, второ место: Премиум членство за нивните содржини, како и трето место: Basic членство за нивните содржини.