Вистиномер: Десет најголеми дезинформации за коронавирусот во 2021 година

-

Лажните вести ги преплавија социјалните мрежи, но и добар дел од медиумите во 2021 година. Ова се должи пред сè на пандемијата со коронавирусот која, иако трае речиси две години, сепак сè уште е главна тема за ширење дезинформации, особено на социјалните мрежи. И покрај тоа што десега во светот од ковид-19 заболеа милиони луѓе, а дел од нив  ја изгубија битката со болеста, сепак, на социјалните мрежи сè уште се шират дезинформации дека вирусот не постои, дека не е изолиран и дека е голема измама за некаков нов светски поредок. Во продолжение прочитајте ги најчестите и најсподелуваните измислици за коронавирусот во 2021 година, пишува „Вистиномер“ во својата ретроспектива.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Коронавирусот е измислен, не постои и претставува измама

Фото: Martin Sanchez на Unsplash

Во голем број на објави на социјалните мрежи сензационалистички и се разбира неточно, се пишуваше дека коронавирусот е измислен и дека всушност не постои, туку станува збор за измама. Ова претставува конспирациска теорија за којашто нема никакви докази, не постојат ниту едни научни студии коишто го потврдуваат ова. Напротив, овој вирус во светски размери и во нашата земја, одзема многу животи и го промени начинот на функционирање во сите општествени сегменти.

Вирусот беше идентификуван од кинеските власти на 7 јануари 2020 година. Со оглед на брзиот раст на бројот на заразени и нана починати во многу држави, СЗО прогласи пандемија.

Досега (20.12.2021) во светот заболеа 275.162.398 луѓе, а од нив починаа 5.373.012. Вкупната бројка на  Во нашата земја од почетокот на епидемијата ковид – дијагностицирани  се  221.411 лица, а починати се 7.825.

Сите овие бројки не се само статистика, туку вистински луѓе. Неможно е да се манипулира со толкав број на заразени доколку ковид-19 не постои. Постои и специфичен начин на којшто се детектира вирусот, а тоа е ПЦР тест.

Пандемијата со ковид-19 е и повеќе од реалност, а тоа на своја кожа го искусуваат илјадниците заболени на дневно ниво, а најмногу оние кои ги загубиле своите блиски поради оваа болест. Ширењето на вакви теории базирани на немедицински пристап, претставуваат опасност и се штетни за јавното здравје.

Кемтрејлс (авиони нè прскаат со ковид-19 и други хемикалии)

Кондензациски траги од авиони. Фото: Downtowngal на Wikimedia Commons

Една од најчестите и најраспорастранетите лаги за коронавирусот е дека тој се шири така што со него нè прскаат од авиони, а како доказ за тоа се белите траги што ги оставаат авионите на небото.

Теоријата на заговор за „кемтрејлс“, која е стара повеќе од две децении го претставува верувањето  дека патеката односно белата трага што ја создаваат авионите во воздухот се „хемиски патеки“, составени од хемиски или биолошки агенси за „злобни цели“. Ова, се разбира е неточно.

Во екот на пандемијата со коронавирусот, оваа теорија е масовно злоупотребена за да се инсинуира или дека од авиони го фрлаат вирусот или дека авионите не трујат со хемиски супстанци кои ги предизвикуваат симптомите на ковид-19.

Ваквите тврдења се категорично отфрлени од научната заедница. Нема никакви докази дека наводните хемиски патеки се нешто различно од нормалните, вообичаени траги од кондензација кои ги оставаат авионите кои летаат на голема височина под одредени атмосферски услови.

Светската здравствена организација официјално тврди дека ковид-19 е инфективна болест предизвикана од коронавирус. Научно е докажано дека тој се пренесува преку вдишување на респираторни капки од некој што е заболен, кои се исфрлаат преку кашлање, кивање, зборување и пеење. За да се инфицира лицето, вирусот мора да навлезе во устата, носот или очите што се случува кога лицата се во близок контакт помал од еден метар со инфицирано лице. Така што, невозможно е инфекцијата да се случи со пуштање на вирусот од авион и од огромна височина.

СЗО не дозволува обдукции

Генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејесус | Фото: СЗО, принтскрин од видео

Како дел од објавите кои имаа за цел да докажат дека коронавирусот не постои беа и оние кои тврдеа дека Светската здравствена организација (СЗО) не дозволува обдукција на починати од ковид-19.

СЗО не е институција која може да носи одлуки и да имплементира забрани. Тие даваат препораки, но не се институција која може да носи уредби со законска сила. Вистината е дека СЗО никогаш не рекла дека не смеат да се прават обдукции, туку дека треба да се преземат што повеќе мерки на заштита при таквите обдукции и препорачуваат тие аутопсии да се прават со голема внимателност. Но, не е вистина дека ги забранува. Напротив, обдукции се прават секаде каде што за тоа има потреба.

Директорот на Институтот за судска медицина, доктор Александар Станков за „Вистиномер“ изјави дека обдукциите на пациенти починати со ковид-19 не се забранети, но не се препорачливи таму каде што нема услови за нив. Сепак, како што тврди тој, во С. Македонија се извршени обдукции врз пациенти починати со ковид-19.

Коронавирусот е отров

Фото: Prasesh Shiwakoti (Lomash) on Unsplash

„Коронавирусот не е вирус, туку е отров“, тврдеа теоретичарите на заговор кои ширеа лаги дека локдаунот односно мерките за рестрикции нема ништо да променат затоа што се работи за отров, а не за вирус кој се шири меѓу луѓето.

Во светот на науката не постои сомневање дека станува збор за вирус и тоа официјално го тврди Светската здравствена организација.

Со тврдењето во постот, пак, се дава лажна насока на размислувањето дека некој ги труе граѓаните. Тоа не е логично, со оглед на тоа што лабораториите ширум светот откриваат нови и нови соеви на коронавирусот, што не би било можно доколку не постои иницијален вирус.

Коронавирусот е предизвикан од бактерија

Фото: CDC on Unsplash

Да се тврди дека ковид-19 не е вирус, туку бактерија, освен што не е точно е и неодговорно. Ова го разобличува и СЗО во посебната секција на нивната веб-страница наменета за побивање на митови за коронавирусот. Оттаму објаснуваат дека некои луѓе кои ќе се заразат со вирусот може да развијат бактериска инфекција како компликација и дека тогаш ќе бидат потребни антибиотици како начин на лекување, но тој пред сè е вирус.

Ова тврдење се прошири откако лажно се сподели информација дека во Сингапур била направена обдукција на починат пациент од ковид-19 и било констатирано дека не се работи за вирус, туку за бактерија која, изложена на зрачење, предизвикува згрутчување на крвта. Ваквите тврдења беа демантирани од министерството за здравство на Сингапур.

Светската здравствена организација (СЗО) констатира дека причина за ковид-19 е вирусот  SARS-CoV-2.

Коронавирусот се шири преку 5Г мрежата

Промотивна слика од кампањата за 5Г со кулата во Дизелдроф. Фото: Дојче Телеком.

Уште една во низата дезинформации за коронавирусот е дека тој се споделува преку 5Г мобилната мрежа, што апсолутно е надвор од секоја логика. Мобилната 5Г мрежа никако не влијае ниту на вируси, ниту на бактерии и не може да шири болести. Ковид-19 има и во земји каде што нема 5Г мрежи. Вистината е дека оваа болест се шири преку респираторни капки кога заразено лице кашла, кива или зборува, а не преку мобилни мрежи.

Во февруари СЗО соопшти дека не е откриено влијание на оваа мрежа врз јавното здравје.

И по многу направени истражувања, досега не е забележано ниту едно штетно влијание врз здравјето кое е предизвикано од изложување на безжичната технологија, се наведува во објаснувањето на СЗО.

 

Пандемијата е биолошка војна

Ковид-19 вакцината на Фајзер-БиоНТек фотографирани во Националниот воен медицински центар „Волтер Рид“, Бетесда, САД, 14 дек 2020 г. | Фото: Државен секретаријат за одбрана, САД CC BY 2.0, на Викимедија комонс

На социјалните мрежи, повторно без ниту еден доказ, се тврдеше дека пандемијата со коронавирусот претставува биолошка војна за да се промени човековиот поредок. Нема никакви докази дека актуелниот коронавирус кој се појави во 2019 година е намерно креиран од некого за да биде искористен како биолошко оружје. Впрочем, оваа пандемија не е прва во светот, човештвото памети и други пандемии предизвикани од вируси и во минатото.

Коронавирусот не е дефиниран вирус

Фото: Prasesh Shiwakoti (Lomash) on Unsplash

Во голем дел од лажните вести се тврдеше дека коронавирусот не е дефиниран вирус односно дека не е изолиран.

Коронавирусот за првпат се појави во Кина на крајот на декември 2019 година. Светската здравствена организација (СЗО) потврди дека генетскиот материјал РНК, на вирусот е изолиран на 7 јануари 2020 година. Ова е нов вирус кој претходно не е регистриран кај луѓето.

Во март минатата година СЗО прогласи пандемија на ковид-19.

Ковид-19 или SARS- CoV-2, претставува дефиниран вирус. Tој според својата геномска структура припаѓа на родот бета-корона вируси. Сите хумани бета-корона вируси (SARS-CoV-2, SARS-CoV, и MERS-CoV) имаат слични карактеристики, но имаат разлики во нивната геномска и фенотипска структура, што ја менува патогенезата, односно симптомите и знаците на заболувањето, како и неговата сериозност.

Постојат повеќе извори и научни студии кои докажуваат дека вирусот SARS-CoV-2 e изолиран, но исто така е направено и комплетно секвенционирање на геномот на вирусот. Тоа значи дека комплетниот генетски материјал на вирусот причинител на ова заболување е изолиран од пациент и е докажано неговото постоење, како и неговиот уникатен генетски материјал што тој го содржи.

Постојат и фотографии направени со електронски микроскоп на изолирани вирусни клетки од заболен пациент, со кои и визуелно се докажува постоењето на овој вирус, како причинител на ова заболување.

Се нудат пари семејството да потпише дека починатите се од коронавирус

Фото: Isaac Quesada on Unsplash

Во нашата држава се сподели информација дека болниците нудат пари на семејствата доколку потпишат дека блискиот починал од ковид-19. Се тврди дека сето тоа се правело за да се напумпаат бројките на починати од вирусот и да се плашат граѓаните. Но, ова е невистина. Семејствата не одредуваат што е причината на смртта на нивниот близок, тоа е работа на лекарите согласно дијагнозата и текот на хоспитализацијата, а во посебни случаи се прави и обдукција.

Пландемија, депопулација, светски заговор, лажен проект на Светска банка

Фото: Vladimir Fedotov on Unsplash

Во 2021 година се споделуваа и објави дека постои „пландемија”, односно некаков „план” за да се затворат граѓаните, да им се одземат слободите, да се контролираат, но и да се измамат за да веруваат во непостоечка пандемија. Во тој контекст се тврди дека пандемиите не се случајни туку, наводно, на секои 100 години има план за депопулација преку измислена пандемија, некаков проект за којшто Светската банка  „пресметала да заврши во 2025 година”.

На сите овие тврдења им е заедничко тоа што се полни со невистини, немаат никакви релевантни докази кои потврдуваат дека се точни и нудат податоци извадени од контекст, со цел да се претстави дека вирусот е испланиран и пуштен со специфична штетна намера, пишува во ретроспективата на „Вистиномер“.

Македонија и Србија испитуваат можности за гасно поврзување

Македонија и Србија ќе ги испитуваат можностите за спојување со гасен интерконектор, кој треба ќе биде една нова директна врска меѓу од Јужниот гасен коридор на ЕУ и Трансбалканскиот...