fbpx

Ципрас и Павлопулос разговараа околу спорот за името

-

Грчката влада загуби нови двајца пратеници на синоќешното гласање за дел од новите мерки договорени со европските партнери. Владиното мнозинство падна на 153 пратеници, ставајќи ја владата на СИРИЗА и на Независни Грци одново на стаклени нозе со минимална предност во Собранието.

Откако вчера изутрина од пратеничката група на СИРИЗА се повлече поранешниот владин портпарол, Гаврил Сакеларидис, левичарите го исклучија и пратеникот Статис Панагулис, кој не ги поддржа мерките за данокот за имот. Слична беше и судбината на пратеникот Никос Николопулос од Независни Грци, кој се спротистави на владините позиции.

Ден по гласањето што донесе нов удар на двомесечната коалициска влада, премиерот Алексис Ципрас имаше состанок со грчкиот претседател Прокопис Павлопулос за од него да побара поддршка и одржување единството за внатрешните проблеми, како и за прашањата од надворешната политика, како бегалската криза, спорот за името и отворените прашања со Турција.

Ципрас посочи дека со гласањето на мерките Грција се движи во насока на надминување на проблемите и на зајакнување на стабилноста. Забележа дека, сепак, покрај политичката и економската криза, Грција треба да види што ќе прави и со клучните прашања од надворешната политика.

– Во клучните теми како бегалската криза, кипарското прашање, грчко-турските односи, спорот за името, како и за внатрешните социјални проблеми, треба да постои политичко разбирање и единство – изјави Ципрас на средбата со Павлопулос, барајќи од него да се изјасни за овие прашања и да ја искористи својата позиција во одржување на единството на сите партии од политичкиот спектар за овие теми.

За прашањето за името, Павлопулос истакна дека е јасна грчката позиција и она што е веќе истакнато од грчка страна. Се воздржа од подетално објаснување, иако повеќепати грчкиот претседател настапи во понационалистичко светло, држејќи се до аргументот дека Македонија е грчка, став кој се разликува од позицијата на СИРИЗА и обидот за спроведување на мерки за градење на довербата со Македонија.

Сепак, интересно е што во овие моменти на политичка криза Ципрас најде време да разговара со Павлопулос за спорот за името, подгревајќи ја дилемата дали навистина под притисок на меѓународната заедница се работи поинтензивно на дијалогот меѓу Скопје и Атина за решавање на спорот за името.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Португалската влада го отфрли предлогот на претседателот за репарации за ропството

Португалската влада го отфрли предлогот на претседателот на државата дека треба да „плати“ за ропството и другите злосторства од колонијалната ера, велејќи дека нема планови за репарации, а наместо...