петок, 23 јануари, 2026
Meta.mk

Ќе пукаат ли „бомби“ во кампањата: СДСМ крие, во ВМРО-ДПМНЕ се индиферентни

СДСМ не кажува дали во изборната кампања ќе ги користи материјалите од незаконското прислушување, односно т.н. „бомби“, но од партијата категорично тврдат дека не постои никаква забрана за нивна употреба. Дилемата, пак, дали може и смее да се користат прислушуваните материјали постои кај речиси сите соговорници со кои разговараше „Мета“ на темата дали медиумите и политичките партии можат да ги користат „бомбите“ за време на изборната кампања. За адвокатите нема ништо спорно во нивно повторно објавување или користење затоа што, како што велат, „во правото, јавниот интерес е најбитен“.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека „медиумите на СДСМ/Сорос“ секојдневно ги објавуваат „бомбите“ и никогаш не престанале да го прават тоа.

– Ако се објават нови прислушувани разговори, тогаш треба да се праша Зоран Заев дали ги предал сите материјали на Специјалното јавно обвинителство, како што тврдеше. Што се однесува до тоа дали ќе ги користат старите „бомби“ во кампањата, тоа е нивна работа, што сакаат нека прават – вели Иво Котевски, директор на центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ.

Адвокатот Звонко Давидовиќ тврди дека никаде не постои забрана за објавување на материјалите од прислушувањето.

– Можеме да разговараме само за моралната димензија. Инаку, никаде нема закон за забрана на објавување на прислушуваните разговори. Во правото е познато дека јавниот интерес е над сè – вели Давидовиќ.

Како и дали ад хок телото за медиуми ќе реагира ако се објавуваат старите или нови „бомби“, неговите претставници сè уште немаат заземено став.

– Досега сме немале таков случај. Ние поднесуваме прекршочни пријави, а прислушуваните разговори се во кривичното законодавство. Треба да се договориме како би постапувале – вели Цветин Чилиманов, член на ад хок телото за медиуми.

Во Договорот од Пржино од 2 јуни 2015 година стои:

Објавувањето на дополнителни материјали од прислушувањето ќе запре. По враќањето на СДСМ во парламентот, сите материјали кои ги поседува СДСМ или кој било друг чинител ќе бидат предадени на јавниот обвинител за негово итно постапување.

На 7 октомври 2015 година, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ поднесоа предлог-закон за мораториум на „бомбите“.

Во Законот беше предвидено медиумите да ги тргнат од своите веб-страници сите текстови поврзани со материјалите од прислушуваните разговори и повторно никогаш да не смеат да ги објават и да ги користат. Во спротивно, според предлог-законот, кривично ќе одговараат, со казни затвор од најмногу четири години.

Сепак, по притисок на јавноста и на амбасадорите на САД и на ЕУ, на 20 октомври беше повлечен предлог-законот, а како што тогаш изјави амбасадорот на ЕУ, Аиво Орав, тоа било договорено меѓу партиите.

На 19 мај годинава, Собранието сепак го изгласа Законот за заштита на приватноста, попознат како закон за „бомби“, кој, пак, е со одложена примена од 1 јули 2017 година.

Иако постои дилемата кај сите дали смее да се преобјавуваат старите и да се објавуваат нови, сепак до 1 јули 2017 година за оваа тема важат правилата од Кривичниот законик.

…Казна затвор до една година за тој што со употреба на посебни уреди неовластено прислушува или тонски снима разговор или изјава што не му е наменета, за тој што ќе му овозможи на неповикано лице да се запознае со разговор или изјава која е прислушувана или тонски снимана и за тој што тонски ќе сними изјава што му е наменета, без знаење на оној кој ја дава, со намера да ја злоупотреби или да ја пренесе врз трети лица или тој што таквата изјава непосредно ја пренесува врз трети лица.

Македонка пронајдена мртва во својот дом во Лондон

Македонска државјка (36) со потекло од Велес била пронајдена мртва изминатиов вторник во нејзиниот стан во Лондон. Нејзината цимерка, исто така Македонка, им ја соопштила веста на нејзините родители во Велес. Таа не ја знаела причината за смртта. Кусо им кажала дека нивната ќерка е однесена на обдукција, од чии резултати ќе се утврди причината за смртта, објави „Дума“.

Станува збор за девојка која петнаесет години работела и живеела во Лондон. Таа често доаѓала во Велес. Последен пат неа ја видел нејзиниот татко, кој бил да ја посети во Лондон пред еден месец.

Денеска, пренесе порталот, Министерството за надворешни работи на Република Македонија немало информација за овој трагичен настан.

Оттаму соопштија дека оствариле контакт со Амбасадата на Република Македонија во Велика Британија и се очекуваат информации за трагедијата.

Лажна тревога на универзитетот во Бостон

Бостонскиот универзитет соопшти дека полицијата верува дека тревогата што денеска беше објавена во кампусот била лажна и оти е можно телефонскиот повик да бил од странство.

Бостонскиот универзитет претходно соопшти дека во кампусот има „голем број полицајци поради тревога“ и оти од луѓето се бара да го напуштат подрачјето.

Американските медиуми јавија дека нешто се случува во зградата каде се сместени универзитетската библиотека и филијала на „Бенк оф Америка“.

Бостонската полиција на „Твитер“ објави дека „се случува нешто загрижувачко“.

Полицајците ги провериле објектите и ништо не нашле.

Градоначалникот на Бостон, Марти Волш, изјави дека и покрај тоа што изгледало дека тревогата е лажна, полицијата морала сериозно да пристапи кон инцидентот. Тој додаде дека лажните тревоги се сè почести во САД.

Изјава на амбасадорите од ЕУ: Изборите се можност за нов почеток на Македонија

Изборите на 11 декември се можност земјата да направи нов почеток, да се обедини околу своите стратешки цели и да се врати на патот кон европската интеграција, се вели во заедничката изјава на амбасадорите на земјите членки на Европската Унија во Скопје.

„Ги охрабруваме политичките лидери, нивните партии и релевантните засегнати страни, преку изборниот процес да ја покажат својата посветеност на демократските вредности и на владеењето на правото, како и да покажат подготвеност за решавање на сите предизвици во земјата. Тоа ќе биде важен индикатор за почитување на демократските вредности“, стои во изјавата.

Амбасадорите на земјите членки на ЕУ ги повикуваат политичките лидери и членовите на партиите да ги спроведат изборите без заплашување и насилство и на начин кој нема да ги влоши политичките и меѓуетничките односи и да ја зголеми поларизацијата за време на изборната кампања.

„Сакаме да потсетиме на важноста од јасното одвојување на државата од партиските активности, пред, за време и по изборите. Ги повикуваме медиумите да им овозможат на граѓаните разновидни и објективни информации. Апелираме до сите државни институции да ја поддржат работата на Државната изборна комисија“, стои во изјавата.

Само фер кампања и веродостојни избори, се вели во изјавата, кои ќе бидат потврдени од меѓународните набљудувачи ќе им дадат на новата влада и на парламентот силен мандат. Главен приоритет, велат амабасадорите, ќе биде политичките актери да се вклучат искрено во спроведувањето на сите елементи од процесот од Пржино, а особено да се посветат на итните реформи.

„Треба да има правна и политичка одговорност за изработката и за содржината на прислушувањето како битен момент во затворање на едно поглавје од политичката криза, особено што сите политички партии се обврзаа на тоа. Секој глас е важен и затоа ги повикуваме сите граѓани да го искористат своето демократско право на глас и со тоа да ја обликуваат иднината на својата земја. Исто така, апелираме политички партии да ги прифатат резултатите од изборите“, велат во изјавата абмасадорите.

На крај тие велат дека Европската Унија ќе продолжи да ги поддржува сите демократски процеси и реформи кои ќе ја вратат земјата на патот кон европската интеграција.

СДСМ: Груевски и Мијалков извршиле државен удар

Никола Груевски, Сашо Мијалков и нивните соучесници извршиле државен удар со досега невидено кршење на правата и на слободите на граѓаните, реагираат од СДСМ по денешната прес-конференција на Специјалното јавно обвинителство, на која беше обелоденета нова истрага со име „Таргет“.

„Пропаднаа сите лаги на Никола Груевски за странски служби и за жолти комбиња. Јавноста сфати зошто Груевски со месеци бега од јавна и транспарентна судска постапка, како што ветуваше, и од соочување со граѓаните, за да даде одговор на прашањата кој, како и зошто прислушувал во Македонија. Ете кој го направил пучот. Ете кој прислушувал повеќе од 20.000 граѓани. Ова е обид за воведување целосна диктатура и поништување на правото на приватност преку следење на граѓаните“, стои во соопштението.

Во колкава параноја биле браучедите, прашуваат од СДСМ, „кои не верувале никому и ги прислушувале дури и најблиските соработници?“

„Како што слушнаа граѓаните, тие и дополнително им наредувале да преземаат незаконски дејства за кои ќе треба да одговараат. Од ова се гледа како Груевски и Мијалков незаконски ги следеле и ги прислушувале политичарите, бизнисмените, новинарите, граѓаните, како имале пристап до сите информации, знаеле сè за секого во државата, па им било полесно да ги украдат и изборите. За ова Груевски, Мијалков и сите други мора да одговараат. Правда мора да има!“, стои во соопштението од опозициската партија.

АХВ: Во Црна Гора не пристигнало старо замрзнато месо

Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Зоран Поповски, по телефонски контакт со црногорските ветеринарни власти, попладнево добил официјална потврда дека во Црна Гора, преку пристаништето во Бар, во изминатава недела воопшто не е извршен увоз на свинско месо за кое во одредени медиуми од регионов се шпекулираше дека е од резервите на НАТО и дека е постаро од триесетина години.

АХВ, како што соопшти попладнево, ги засили инспекциските контроли на граничните премини и во прометот пред добивањето на официјалната потврда за наводно увезеното замрзнато месо.

Претходно во текот на денов, Агенцијата за храна апелираше до медиумите и до граѓаните да не создаваат непотребна паника дека месо од ваквата пратка ќе дојде до македонскиот пазар.

„Месото, подготовките и преработките од месо кои се продаваат во Македонија се безбедни, без оглед дали станува збор за производи од домашно производство или од увоз. Увозот се врши исклучиво од одобрени земји и објекти, задолжително проследени со ветеринарно-здравствен сертификат кој ја гарантира безбедноста на пратката, а инспекциските служби на граничните премини вршат задолжителна контрола. Покрај задолжителниот преглед на документацијата, се врши и физички преглед на пратките, а при сомнеж се земаат и мостри за лабораториско испитување. За ваквите пратки не се дозволува увоз во земјава. Тие се ставаат под надзор додека не се добијат резултатите од направените лабораториски анализи со кои се потврдува нивната безбедност“, велат од АХВ.

Агенцијата воедно апелира, граѓаните и операторите со храна, доколку имаат сознанија дека небезбедно месо или кој било друг производ се наоѓа на домашниот пазар, да го пријават писмено или лично во АХВ, како и на бесплатниот телефонски број 0800 3 22 22 или на електронската адреса [email protected].

Средба Груевски – Орбан: НАТО и ЕУ се важни за Македонија

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, денеска во Будимешта се сретна со премиерот на Унгарија, Виктор Орбан.

– Со премиерот Орбан разменивме мислење околу перспективите на Република Македонија за членството во НАТО и во ЕУ. По изборите ќе продолжиме со напорите земјата што побргу да се приклучи кон овие организации. На средбата стана збор и за актуелните предизвици поврзани со политичката криза во државата и со нејзиното надминување, при што клучен момент се претстојните избори. Политичката криза треба да заврши што поскоро, а изборите се најдобрата можност за тоа и потоа заедно, со помош на нашите пријатели, да се фокусираме на понатамошниот развој и напредок на Република Македонија – изјави Груевски.

Орбан ги потврди одличните односи меѓу двете земји и истакна дека Република Македонија може да смета на поддршката на Унгарија.

– Имав средба со Никола Груевски со кого имаме долгогодишна соработка. За време на неговото премиерување, македонско-унгарските односи достигнаа исклучително високо ниво. Меѓу двете држави изградивме вистинско пријателство и заслугата за тоа е на господинот Груевски. Ова пријателство се темели на принципи. И Република Унгарија и Република Македонија имаат свое место во Европската Унија и во НАТО. Посакуваме на нашите македонски пријатели да се зачленaт во овие организации што поскоро. Нашата соработка е успешна и ние ги поддржуваме аспирациите на Република Македонија за ЕУ и за НАТО – истакна премиерот Орбан.

Жбогар: Очекувам фер кампања и веродостојни избори

Амбасадорот на Европската Унија, Самуел Жбогар, очекува фер предизборна кампања, која треба да почне в понеделник, на 21 ноември. Тој денеска од Тетово, каде се сретна со градоначалничката Теута Арифи, апелираше институциите веднаш да реагираат доколку се случи и најмал проблем за време на предизборието.

– Очекувам фер кампања, очекувам политичките партии да ги престават своите визии во врска со иднината на вашата земја. Од понеделник ќе почне кампања, дури ако нешто се наруши и ако кампањата не оди по вистински пат, самите институции во државата треба да го решат тоа. Ако произлезат вакви ситуации, треба да се погрижиме за тоа, ќе се смисли нешто, но како што вели изреката, кога ќе дојдеме на мостот, тогаш ќе размислиме како да го поминеме – изјави Жбогар.

Тој додаде дека иднината на земјата и нејзината евроатланската интеграција, зависат од овие избори, кои ќе бидат, како што рече, набљудувани од голем број меѓународните преставници. Нивната проценка, според Жбогар, за тоа како поминале изборите, целосно ќе се земе предвид од Европската Унија.

Евроамбасадорот рече дека новите случаи што ги отвора Специјалното јавно обвинителство, треба да се остават да се процесираат во самите судски институции.

– Ние не ги коментираме судските процедури, немаме коментар во врска со тоа. Но, сите политички партии се обврзаа да дадат подршка на Специјалното јавно обвинителство, таа институција треба да се остави да си ја работи својата работа, таа веќе и го прави тоа и мислам дека треба да ги оставиме работите да течат во самите судови – додаде евроамбасадорот.

Евроамбасадорот Жбогар, заедно со амбасадорот на Шпанија во земјава, Рамон Абароа Каранса, денеска ја посетија Општина Тетово, каде остварија средба со градоначалничката на Тетово, Теута Арифи, на која ѝ понудија финансиска помош за реализација на инфраструктурни и на комунални проекти за Тетово.

ДИК: ВМРО-ДПМНЕ прва, Левица последна на ливчето за изборите на 11 декември

ВМРО-ДПМНЕ ќе бидат први, ДПА втори, ДУИ –  трети, а СДСМ ќе бидат на четвртата позиција на ливчето на парламентарните избори на 11 декември, одлучи ждрепката што денеска се одржа во Државната изборна комисија.

Петти на ливчето ќе бидат Коалиција за промени и правда, шести се ПДП, седми – Унитети, осми – Либерална партија, деветти – ВМРО за Македонија, десетти се Беса и последни, единаесетти на ливчето се Левица.

В недела, информираат од ДИК, лидерите на политичките партии ќе потпишат и Кодекс за фер однесување за време на изборната кампања.

Дебата во Србија за предлогот за казнување за негирање геноцид

Белградскиот фонд за хуманитарно право (БФХ) денеска апелираше до пратениците на Србија да го променат предложеното законско решение за казнување за негирање геноцид затоа што тој во денешната форма дозволува да се негира геноцидот во Сребреница и други злосторства сторени за време на војната во Хрватска и во БИХ.

Во Собранието на Србија во вторникот почна расправата за измените на кривичниот законик, кој предвидува забрана за јавно одобрување и негирање на геноцидот, злосторства против човештвото и воени злосторства, но само ако тие кривични дела се утврдени со правосилна пресуда. За тоа е предвидена казна од шест месеци до пет години.

БФХ апелираше пратениците да ги прифатат измените и ги повикаа државните органи да ги прифатат доказите утврдени пред Хашкиот трибунал и Меѓународниот суд на правдата во врска со злосторствата направени на просторот на поранешна Југославија во текот на 1990-тите години.

„Транспаренси интернешнел“: Албанија е една од четирите најкорумпирани земји во Европа

Во извештајот на „Транспаренси интернешнел“ објавен во средата се вели дека Албанија прави напори за борба против корупцијата, но сепак е една од четирите земји со најкорумпирана политичка класа во Европа.

Податоци покажуваат дека за разлика од Косово, Шпанија и од Молдавија, каде што корупцијата се смета за еден од трите главни проблеми, во Албанија тоа не е случај.

„Транспаренси интернешнел“ проценува дека албанските граѓани сметаат дека нивната политичка класа е меѓу најкорумпираните од земјите вклучени во анализата.

„Граѓаните на Украина, Албанија, Босна и на Романија се повеќе склони кон ставот дека пратениците се многу корумпирани“, стои во извештајот.

Албанија се смета за една од земјите каде митото во замена за јавни услуги е широко распространето. Албанија ги има добиено највисоките оценки во регионот и во Европа, што покажува дека културата на ситна корупцијата е широко распространета, рангирајќи се на исто ниво со Русија и оставајќи ги зад себе само земјите од Централна Азија.

Неовластено поседувал автоматска пушка и 200 парчиња муниција

Полициската станица oд Струга му поднесе кривична пријава на Р.Ш.(47) од струшкото село Лабуништа, кого го товари за недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи.

Пријавениот, пред три месеци, за сума од 300 евра, неовластено набавил огнено оружје, автоматска пушка „АК-47“ и двеста парчиња муниција – калибар 7,62 милиметри.

Пронајденото огнено оружје и целокупната муниција се одземени и предадени на вештачење во Министерството за внатрешни работи во Скопје.

Митинзите закажани: ВМРО-ДПМНЕ тргнува од Охрид, СДСМ од Прилеп, ДУИ од Липково

ВМРО-ДПМНЕ и ВМРО за Македонија традиционално од Охрид, СДСМ од Прилеп, ДУИ од Липково, а ФРОДЕМ од скопскиот хотел „Континентал“ тргнуваат во кампања. Ова се местата од каде партиските коалиции и партии што ќе учествуваат на парламентарните избори на 11 декември, ќе ја почнат изборната кампања, чиј почеток е в понеделник, на 21 ноември.

Табелава е графички приказ на тоа кога, каде, како и што ќе прават партиите и коалициите во наредниот период: 

 место  датум  кампања  што ќе се прави
 ВМРО-ДПМНЕ  Охрид  21.11.2016  интезивна  митинзи, спотови, средби
 СДСМ  Прилеп  21.11.2016 комбинирана  средби, спотови, митинзи
 ВМРО за Македонија  Охрид  22.11.2016  комбинирана  трибини, спотови, билборди
 ФРОДЕМ коалиција  Скопје  21.11.2016  комбинирана  средби со граѓани, трибини
 ДУИ  Липково  22.11.2016  караван  средби со граѓани

 

За да не се совпаднат во ист град, ВМРО за Македонија почетокот на кампањата го закажа за вторник, на 22 ноември, затоа што на 21 ноември, в понеделник, во Охрид ќе митингува ВМРО-ДПМНЕ.

Од владејачката партија најавија интензивна и богата кампања, која ќе опфати повеќе сегменти.

– Ќе одржуваме и митинзи, а ќе имаме и средби со граѓаните. Кампањата ќе ја водиме и низ електронските и низ печатени медиуми, а и преку спотови – ни изјави Иво Котевски, директор на центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ.

Од СДСМ велат дека кампањата ќе им биде стандардна – преку ден со средби со граѓаните, а навечер со митинзи.

– Ќе имаме стандардна кампања со многу средби со граѓаните, кои ќе бидат интензивни и ќе сакаме да допреме до сите луѓе – велат од опозициската партија.

Од ДУИ велат дека промоцијата на кандидатите ќе се случи в недела, на 20 ноември, со конвенција што ќе се одржи во 17 часот во спортскиот центар „Борис Трајковски“.

– Кампањата ќе ја почнеме од 22 ноември, вторник, најверојатно од Липково. Таа ќе биде комбинирана со митинзи и тоа во затворени простори, а ќе имаме и караван кој ќе ги посетува граѓаните во нивните места на живеење – информира Артан Груби од ДУИ.

Ден Дончев, шеф на изборниот штаб на коалицијата ВМРО за Македонија, вели дека кампањата ќе биде со трибини во затворени простори.

– Сè уште ги дефинираме активностите. Ќе имаме и спотови и билборди и средби со граѓаните – вели Дончев.

На сличен начин ќе дејствуваат и од ФРОДЕМ. Водачот на Коалицијата за промени и правда, Јове Кекеновски, вели дека во поголемите градови ќе имаат собири.

– Ќе имаме и средби со граѓаните, човек на човек, при што ќе ги посетиме во нивните домови и ќе им кажеме дека веќе нема место за страв и дека власта конечно ќе падне – вели Кекеновски.

Ниту една партија и коалиција не сакаше да каже дали кампањите им ги изработуваат специјализирани агенции за доноси со јавноста или се насочени кон сопствени ресурси. Не добивме одговор ниту на тоа кој им ги изработува спотовите иако сите потврдуваат дека видеозаписите им се веќе при крај.

Традиционално, за СДСМ спотовите ги изработува „Кино око“ и режисерите Роберт Насков и Александар Поповски, додека на ВМРО-ДПМНЕ изминативе десет години, колку што се на власт, најчесто кампањите им ги „изработува“ агенцијата „Маркет вижн“, а спотовите – „Томато“.

54 килограми дрога запленети на Ќафасан

Педесет и четиригодишниот Г. Ќ., жител на албанскиот главен град Тирана, е фатен на граничнииот премин Ќафасан, на излез од Република Албанија кон Република Македонија, со 54 килограми марихуана.

Шверцуваната дрога била пронајдена во товарно возило, откако при проверка скенерот открил седумдесет сомнителни кесички.

Лицето е веднаш приведено.

Кампања на „Мобилност“: „И мојот глас се брои“

За време на денешната кампања „И мојот глас се брои“, членовите на здружението „Мобилност“ сликовито посочија со кои проблеми се соочуваат додека се движат низ Тетово.

За да пристигнат до седиштето на нивното здружение, тие мораа да се движат по улица ризикувајќи ги своите животи. Тротоарите беа узурпирани од автомобили и од трактори на кои се продава зеленчук.

– Тротоарите се високи и не можеме да се качиме со нашите колички, а и да се качиме со триста маки, веднаш наидуваме на паркирани возила на тротоарите и мора пак да се симнеме на улица, каде продолжува нашата голгота – вели Абдимсамет Џини.

Членовите на „Мобилност“ велат дека ретко која институциија има направено рампи за инвалидизираните лица.

– Во последно време се соочуваме со проблеми со паркирањето во градот, а на патарините почнаа да ни наплаќаат билет – велат лицата со посебни потреби.

Претседателот на здружението „Мобилност“, Велибор Јакимовски, уште еднаш ги потсети институциите да преземат итни чекори за подобрување на инфаструктурата во градот, со што треба да се олесни движењето на инвалидизираните лица.

– Ако институциите конечно решат да ни излезат во пресрет на нашите барања во однос на подобрување на инфраструктурата, нека не го прават тоа без нас, затоа што ние најмногу ги знаеме нашите потреби – изјави Јакимовски.

Здружението „Мобилност“ има 700 члена.

Во Србија уапсени 10 луѓе кои продавале оружје

На подрачјето меѓу Апатин и Сомбор, откриена е и упасена група од 10 луѓе кои продавале оружје, изјави српскиот министер за внатрешни работи, Небојша Стефановиќ. Тој додаде дека е запленето големо количество оружје.

Стефановиќ рече дека се уапсени и организаторите на таа група.

Кај нив се запленети девет килограми пластичен експлозив, 20 килограми ТНТ и детонатори, 11 рачни бомби, 12 противтенковски бомби, 10 тромблонски мини, автоматско оружје, муниција.

– Се работи навистина за огромно количество оружје што го продавала таа група – изјави Стефановиќ.

Во 2015 година склучени повеќе бракови отколку претходната година

Бројот на склучените бракови во 2015 година, во споредба со 2014 година е зголемен за 2,7 отсто и изнесувал 14.186, а лани е забележено и незначително, но сепак намалување на бројот на разводите, покажува анализата на Државниот завод за статистика.

Најмногу бракови, 1.844 или 13 отсто, се склучени во август, а најмалку – 702 или 4,9 отсто во март.

Најчесто е стапувањето во прв брак со учество од 92,6 проценти за жените и 91,2 отсто за мажите. Во втор брак, со учество од 8,1 отсто и во трет брак, со учество 0,7 проценти во вкупниот број склучени бракови, почесто стапуваат мажите.

Просечната возраст при склучување прв брак е 26,2 години за невестата и 29 години за младоженецот.

Бројот на разводите во 2015 година бележи намалување од 0,5 отсто во споредба со 2014 година и изнесува 2.200.

Најмалку бракови, 74 или 3,4 отсто, во текот на годината се разведени во август, а најмногу, 205 или 10,5 отсто, во декември.

Според траењето на бракот, најголем број разводи – 498, се случиле од пет до девет години по склучувањето на бракот.

ДИК: Изборната кампања почнува в понеделник

Изборната кампања за предвремените избори за пратеници во Собранието на Република Македонија, закажани за 11 декември оваа година, ќе почне на 21 ноември, соопшти Државната изборна комисија.

Од ДИК потсетуваат дека од денот на распишување на изборите сè до почетокот на изборната кампања, радиодифузерите и печатените медиуми не смеат да емитуваат, односно да објавуваат платено политичко рекламирање.

„Од денот на распишување на изборите сè до нивното завршување, радиодифузерите, печатените медиуми и електронските медиуми (интернет-порталите) не смеат да емитуваат, односно да објавуваат реклами финансирани од буџетот на Република Македонија, од буџетите на општините и на градот Скопје и на сите други лица на кои со закон им е доверено вршење јавни овластувања“, стои во соопштението на ДИК.

За прекршителите на овие одредби, Државната изборна комисија ќе иницира поведување соодветни постапки во согласност со своите надлежности.

Национален форум „Време на предизвици“ во Струга

Невладината организација „Цивика мобилитас“ денеска во Струга организира национален форум под наслов „Време на предизвици“.

Форумот има цел да ја подобри интеракцијата и да придонесе во соработката меѓу граѓанските организации, другите актери на граѓанското општество и нивните конституенти, овозможувајќи простор за артикулирање на идеи, но и за заедничко планирање и за подготовка на акции.

Темата на носечката панел-дискусија на форумот е „Улогата на граѓанското општество во промоцијата на демократијата во Македонија“.

Ќе бидат презентирани платформите за човекови права, за граѓанска превенција и за здрав спорт за здраво општество, како и мрежата за миграции.

Исто така, ќе бидат проектирани повеќе документарни филмови посветени на важни општествени прашања, како што е тоа за миграциите, за жените и другите маргинализирани групи. Ќе бидат презентирани публикации и истражувања, но и организации и нивните активности.

 

Времето денеска сончево, но студено

Времето денеска во Македонија ќе биде сончево со умерена облачност. Претпладне по котлините ќе има услови за појава на ниска облачност и на слаба магла.

Утринската температура ќе се движи од минус 8 до 1 Целзиусов степен, а дневната од 5 до 12 степени.

Во Скопје се очекува слично време, претпладне со ниска облачност, а преку денот сончево со умерена облачност. Ќе дува слаб ветер од југоисточен правец. Утринската температура ќе се спушти до 4 Целзиусови степени, а дневната ќе се искачи до 8 степени.

Во наредните денови не се очекува промена на времето, освен во деновите од викендот, кога ќе има услови за слаб локален дожд. Дневната температура ќе бележи постепен пораст.