fbpx

Ќе пукаат ли „бомби“ во кампањата: СДСМ крие, во ВМРО-ДПМНЕ се индиферентни

-

СДСМ не кажува дали во изборната кампања ќе ги користи материјалите од незаконското прислушување, односно т.н. „бомби“, но од партијата категорично тврдат дека не постои никаква забрана за нивна употреба. Дилемата, пак, дали може и смее да се користат прислушуваните материјали постои кај речиси сите соговорници со кои разговараше „Мета“ на темата дали медиумите и политичките партии можат да ги користат „бомбите“ за време на изборната кампања. За адвокатите нема ништо спорно во нивно повторно објавување или користење затоа што, како што велат, „во правото, јавниот интерес е најбитен“.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека „медиумите на СДСМ/Сорос“ секојдневно ги објавуваат „бомбите“ и никогаш не престанале да го прават тоа.

– Ако се објават нови прислушувани разговори, тогаш треба да се праша Зоран Заев дали ги предал сите материјали на Специјалното јавно обвинителство, како што тврдеше. Што се однесува до тоа дали ќе ги користат старите „бомби“ во кампањата, тоа е нивна работа, што сакаат нека прават – вели Иво Котевски, директор на центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ.

Адвокатот Звонко Давидовиќ тврди дека никаде не постои забрана за објавување на материјалите од прислушувањето.

– Можеме да разговараме само за моралната димензија. Инаку, никаде нема закон за забрана на објавување на прислушуваните разговори. Во правото е познато дека јавниот интерес е над сè – вели Давидовиќ.

Како и дали ад хок телото за медиуми ќе реагира ако се објавуваат старите или нови „бомби“, неговите претставници сè уште немаат заземено став.

– Досега сме немале таков случај. Ние поднесуваме прекршочни пријави, а прислушуваните разговори се во кривичното законодавство. Треба да се договориме како би постапувале – вели Цветин Чилиманов, член на ад хок телото за медиуми.

Во Договорот од Пржино од 2 јуни 2015 година стои:

Објавувањето на дополнителни материјали од прислушувањето ќе запре. По враќањето на СДСМ во парламентот, сите материјали кои ги поседува СДСМ или кој било друг чинител ќе бидат предадени на јавниот обвинител за негово итно постапување.

На 7 октомври 2015 година, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ поднесоа предлог-закон за мораториум на „бомбите“.

Во Законот беше предвидено медиумите да ги тргнат од своите веб-страници сите текстови поврзани со материјалите од прислушуваните разговори и повторно никогаш да не смеат да ги објават и да ги користат. Во спротивно, според предлог-законот, кривично ќе одговараат, со казни затвор од најмногу четири години.

Сепак, по притисок на јавноста и на амбасадорите на САД и на ЕУ, на 20 октомври беше повлечен предлог-законот, а како што тогаш изјави амбасадорот на ЕУ, Аиво Орав, тоа било договорено меѓу партиите.

На 19 мај годинава, Собранието сепак го изгласа Законот за заштита на приватноста, попознат како закон за „бомби“, кој, пак, е со одложена примена од 1 јули 2017 година.

Иако постои дилемата кај сите дали смее да се преобјавуваат старите и да се објавуваат нови, сепак до 1 јули 2017 година за оваа тема важат правилата од Кривичниот законик.

…Казна затвор до една година за тој што со употреба на посебни уреди неовластено прислушува или тонски снима разговор или изјава што не му е наменета, за тој што ќе му овозможи на неповикано лице да се запознае со разговор или изјава која е прислушувана или тонски снимана и за тој што тонски ќе сними изјава што му е наменета, без знаење на оној кој ја дава, со намера да ја злоупотреби или да ја пренесе врз трети лица или тој што таквата изјава непосредно ја пренесува врз трети лица.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...