fbpx

Незадоволство и критики во Грција за идејата за ограда на македонската граница

-

Идејата за жичана ограда на македонско-грчката граница предизвикува голема нервоза во Грција. Грчките медиуми пренесуваат дека поради ова и забавениот влез на мигранти, огромен број бегалци и мигранти остануваат заглавени во Грција, голем дел од нив во областа на градот Идомени. Локалното население и градската самоуправа се жалат дека веќе немаат капацитет за помош и бараат од грчката влада да реагира и да постави центри и прифатилишта за бегалците во овој пограничен регион.

Поставувањето ограда ги разбуди духовите и кај политичките партии. Пратеникот на Нова демократија и поранешен министер за внатрешни работи, Никос Дендиас, остро ја критикуваше владата на премиерот Алексис Ципрас што дозволила да се направи овој чекор.

– Јас ја предупредив владата дека ќе се заглават во Грција бегалците ако Скопје ја затвори границата, но владата беше целосно незаинтересирана – изјави Дендиас во интервју за радиото „Параполитика“.

Дендиас упати и директно пратеничко прашање до владата што планира да биде следниот чекор.

Пратеникот бара да се одговори дали грчката влада била претходно известена дека македонската планира да подигне ограда и дали овој чекор е во согласност со договорот од Брисел и што планира да направи за да се контролира оваа ситуација, секако во согласност со Европската унија.

– Како владата го гледа заглавувањето на илјадници мигранти во Грција од аспект на фактот на нивна заштита и згрижување, но и заштита на јавната и националната безбедност по нападите во Париз? – праша Дендиас, истакнувајќи дека политиката на отворени граници која со месеци ја следела владата на СИРИЗА е виновна што Грција е земјата во која ќе останат заглавени огромен број бегалци.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.