fbpx

Стојанова – Атанасовска: Ковид-19 сè повеќе ги напаѓа децата и прави лоша клиничка слика

-

Во ординацијата „Медико Марија“ секојдневно доаѓаат пациенти што се жалат на тегоби кои се типични за стомачен вирус, но подоцна се докажува дека всушност се работи за ковид-19, вели д-р Весна Стојанова – Атанасовска, доктор по општа и семејна медицина. Според она што во последниов период го забележала, сè повеќе на тегоби се жалат деца и тинејџери, за кои со тест се потврдува дека се ковид-позитивни. Само во текот на вчерашниот ден, за осуммина од нејзините пациенти се потврдило дека се позитивни, а од нив пет биле деца.

„Ковид-случаите почнуваат да се зголемуваат кај нас, и тоа повеќе меѓу детската популација. Во летниот период има стомачни вируси и тоа е нешто што е нормално. Но ова лето, сега, се појавуваат и нови симптоми, кои се покачена телесна температура, затнат нос, малаксаност, па ние докторите често знаеме да направиме превид, мислејќи дека се работи за стомачен вирус и го третираме така. Сега наложив на неколку дечиња – мои пациенти, оние кои ми беа сомнителни, да се тестираат, по што се покажа дека се позитивни на ковид. Тоа беа оние кои немаа сила и покрај дадената инфузија и лек за температура, и оние кои чувствуваа слабост во целото тело. Само вчера, во еден ден, добив 8 позитивни пациенти, од кои тројца се возрасни и другите пет се дечиња. Четворица од нив беа тестирани со брз рапид тест, а другите со докажан ПЦР тест“, вели Стојанова – Атанасовска.

Еден од пациентите е тринаесетгодишно момче кое се заразило од братучетка му, која е дојдена од странство, а која исто така имала симптоми. Докторката вели дека момчето имало солиден имунитет.

„И покрај третирање два-три дена со инфузии и терапија, на момчето му се влоши дишењето и сега е во Козле, повремено го ставаат на кислородна маска. Тоа е дете со солиден имунитет и дете кое немало никакви болести. Инаку другите пациенти, се група млади, тоа се другари кои биле на „Охрид колинг“ и таму се заразиле. Од тоа што го гледам можам да кажам дека вирусот прави многу лоши клинички слики. И деца развиваат температура, се покачуваат де-димери“,- додава докторката.

Таа вели дека вчера во ординација имала пациентка на триесетгодишна возраст, која живее во Белгија, но е на гости во Македонија. Се вратила од летување во земјава со лет од Турција, а уште при престојот таму добила покачена температура, но не се тестирала.

„Кога дојде кај мене буквално не можеше да стои, немаше сила. Се тестираше и излезе позитивна. Мислам дека главниот проблем е во тоа што нема контрола на собирите, но и при летовите, на границите, во автобусите, не се знае кој влегува во нашата држава. Од друга страна е и личната неодоговорност, луѓето чекаат да колабираат, па дури потоа преземаат мерки и се тестираат“ вели таа.

Во однос на вакцинирањето, Стојанова-Атанасовска смета дека е потребна масовна вакцинација, но е на став дека деца не треба да се вакцинираат.

„Ми се јавуваат родители загрижени, велат дека нивните деца им тренираат ракомет и други спортови, па во клубовите ги обврзувале да бидат вакцинирани, а се работи за деца на 12, 13 години. Тоа се деца под 15 години, а тие, според мене не спаѓаат во група која би требало задолжително да се вакцинира“, додава докторката.

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ОБСЕ/ОДИХР: Одредени портали се создаваат само за да добиваат државни пари за изборите

Изборите во Македонија беа добро организирани, но имаше остра реторика, а недостига и регулација во сферата на онлајн порталите. Ова е генерално оценката на набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР и на...