fbpx

Совет на обвинители: Јанева треба да работи по закон, а не да води политика

-

Јавните обвинители и обвинителката Катица Јанева се избрани да ја вршат надлежноста во согласност со законот, а не да водат политика, реагираат од Советот на јавни обвинители на денешното соопштение на Јанева, во кое таа ги повикува обвинителите избрани во нејзниот тим да не дадат свечена изјава. Ваквата постапка на специјалната обвинителка од Советот ја оценуваат како „повторен непринципиелен притисок“ врз нив.

Од Советот, преку соопштение до медиумите, информираат дека обвинителите од тимот на Јанева биле информирани за нивниот избор и телефонски потврдиле дека ќе дадат свечена изјава в понеделник, 19 октомври, во 11 часот, во просториите на Советот.

Според Советот, вчера (15 октомври) на претседателот на Советот на јавни обвинители, Петар Аневски, му се јавила и Јанева, која го известила дека ќе дојде на свечената седница и побарала официјална покана.

„На 16 октомври, утрината, испратена е писмена покана до јавниот обвинител Катица Јанева, по што и телефонски е известена дека избраните јавни обвинители треба да носат тога на свечената заклетва и присуството повторно беше од нејзина страна потврдено. На 16 октромври, во претпладневните часови, од претставници на медиумите бевме информирани дека јавниот обвинител Катица Јанева се јавувала по телефон кај избраните јавни обвинители со укажување да не доаѓаат на свечената седница и да не дадат свечена изјава. Советот на јавни обвинители на Република Македонија ја цени ваквата постапка како повторен непринципиелен притисок врз Советот. При тоа истакнуваме, дека јавните обвинители и јавната обвинителка Катица Јанева се избрани да ја вршат надлежноста во согласност со законот, а не да водат политика“, стои во соопштението на Советот на јавни обвинители.

Во него се изнесени и детали од изборот на обвинителите, како и причините зошто дел од нив биле изземени од тимот предложен од специјалната обвинителка.

„Се прочита и допис од Основното јавно обвинителство Скопје во врска со петте кандидати што постапуваа по предметите оформени во врска со неовластеното следење на комуникациите, а тоа се јавните обвинители Ленче Ристоска, Артан Ајро, Трајче Пеливанов, Дарко Јакимовски и Снежана Бундалевска. За предложениот јавен обвинител Гаврил Бубевски имаше известување дека не постапувал по вакви предмети бидејќи се изземал од постапувањето поради конфликт на интереси што произлегуваат од фактот што полномошникот на Зоран Заев, адвокатот Филип Медарски, е негов кум. За јавниот обвинител Лиле Стефановска од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција се наведе дека таа заедно со друг јавен обвинител постапувала во кривичниот предмет во јавноста познат како Пуч“, соопштуваат од Советот.

Оттаму додаваат дека Советот избрал седум наместо 14 обвинители бидејќи било оценето дека според обемот на работа, нивниот број е доволен. Но, доколку е потребно, велат од Советот, тој би можел да се зголеми.

„Ова значи дека јавниот обвинител Катица Јанева ќе го извести Советот за таквата состојба, по што ќе биде закажана седница и ќе се одлучува по нејзиното барање. За да бидеме појасни, овие состојби со јавните обвинители беа изнесени од Советот веднаш по завршувањето на 96. седница на Советот. Досега никогаш не се случило јавен обвинител кој е избран да не присуствува и да не даде свечена изјава“, се вели во соопштението.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Полицијата насилно го задуши про-палестинскиот протест на Универзитетот Калифорнија

Стотици полицајци влегоа на кампусот на Универзитетот Калифорнија (УКЛА) денес во обид да го расчистат про-палестинскиот протестен камп, кој вчера беше нападнат од израелски поддржувачи, пишува Гардијан. Се проценува дека...