Советот на јавни обвинители ги доставил до Основниот суд Скопје одлуките по барањето на специјалната обвинителка, Катица Јанева, за преземање на предметите „Маѓар телеком“, „Верушевски“, „Шпион“, „Поткуп“ и „Надеж“ во своја надлежност, соопшти денеска Кривичниот суд. Како што информираат оттаму, Советот одлучил дека за предметите не може да ги преземе СЈО и дека за нив се надлежни Основното јавно обвинителство Скопје, односно Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.

– Во првата одлука на Советот на јавни обвинители (СЈОРМ) е наведено дека Основното јавно обвинителство – Скопје е надлежно да постапува по предметите заведени под КО.бр.45/15, кој се води против обвинетиот З.В.(Зоран Верушевски н.з); КО.бр.55/15 против обвинетиот Г.В. (Горан Верушевски, син на Зоран Верушевски н.з.) и КО.бр.445/10 поврзан со „Маџар телеком“. Во втората одлука на СЈОРМ е наведено дека Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција е надлежно да постапува за предметите: КО.бр.66/15, поврзан со предметот во јавноста познат како „Поткуп“, КО.бр.91/13 односно предметот познат како „Шпион“ и два постапки кои сè уште не се водат пред овој суд и тоа: РО.бр.193/15 – за предметот во јавноста познат како „Надеж“ и РО.бр.93/10 – поврзан со „Маџар телеком“ – стои во соопштението од судот.

Во образложнието на Советот за одлуката, било наведено дека за преземање на овие предмети не било доволно Јанева само „декларативно да се произнесе дека е надлежна“, туку дека треба недвосмислено да докаже дека овие случаи се поврзани со незаконско следење на комуникациите.

„Во одлуката стои дека јавниот обвинител за да ги преземе предметите треба да наведе на што ја темели својата надлежност во сите предмети што се побарани, односно да наведе од кои разговори тоа произлегува, кога се водени тие разговори, помеѓу кои лица и да даде опис на содржината на разговорот. Советот на јавни обвинители наведува и дека доколку тоа не е така, во спротивно би можело да настапи хаотична состојба, каде што повеќе обвинителства би претендирале дека се надлежни за постапување по ист предмет, а тоа може да доведе до несогледливи штетни последици и по самата институција, а исто така и во постапката за гонење на сторителите на кривичните дела. Вака донесените одлуки ќе бидат припоени кон соодветните кривични предмети на овој суд за понатамошно надлежно постапување на судиите во судот, при што надлежниот судија ќе ја има предвид надлежноста на конкретното обвинителство“, велат од Кривичниот суд.