В среда, во 11 часот, членовите на Анкетната комисија за скандалот со прислушувањето како сведок ќе го сослушаат премиерот Никола Груевски, в четврток Мартин Протоѓер и Зоран Ставрески, в петок Сашо Мијалков, на 14 декември ќе биде сослушана Гордана Јанкулоска, а на 15 декември Миле Јанакиески, соопшти денеска претседателот на комисијата, Петре Шилегов.

– Во текот на денешниот ден, како претседател на Анкетната комисија, преку целиот ден се обидував да направам координација со пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ за да можеме да го составиме редоследот на сведоците што треба да се појават од среда, па натаму на сведочење за анкетната комисија. За жал, не успеавме. Сè до давањето на оваа изјава, во архивата на Собранието на Република Македонија ниту еден од прозваните сведоци за сослушување не се произнесе писмено за кога може да присуствува на сослушувањето, т.е. да биде сослушан како сведок пред анкетната комисијата и бидејќи немаме никаква писмена конфирмација, како претседател на комисијата, на јавноста, но и на повиканите лица, во согласност со деловникот за работа, им го соопштувам редоследот на сослушување – изјави Шилегов.

Шилегов рече дека распоредот е јавен повик до лицата во посочените термини да се јават пред анкетната комисија и да дадат сопствена изјава за фактите, околностите и за содржината за објавените прислушкувани разговори.

Од извори од Комисијата дознаваме дека се уште не постои одлука дали сослушувањата ќе бидат тајни или отворени за јавност.

Според деловникот за работа на комисијата, сведоците можат да побараат таа да биде затворена за јавност, но, исто така, тоа можат да го побараат и членовите на комисијата со мнозинство гласови. Сведоците што ќе бидат повикани од Анкетната комисија немаат законска обврска да прифатат да сведочат.