fbpx

Граѓански организации и експерти предупредуваат на опасностите од новата спогодба на ОН за киберкриминал

Заедничката реакција беше поднесена до ОН од 20 невладини организации регистрирани според оперативните правила 8 и 9 на ОН. Меѓу нив се Access Now, Electronic Frontier Foundation, Freedom House, Human Rights Watch и други. Реакцијата беше потпишана од вкупно 89 организации и експерти, меѓу кои е и фондацијата Метаморфозис

-

Голем број граѓански организации и експерти ги повикаа државните делегации што учествуваат во завршната седница на ад хок Комисијата на Обединетите нации да сторат сѐ за предложената Конвенција за киберкриминалот да биде тесно фокусирана на борбата против киберкриминалот и да се спречи можноста таа да биде злоупотребена како алатка за нарушување на човековите права.

Во нивниот заеднички апел, потписниците – организации од целиот свет и експерти – повикуваат на отфрлање на нацртот на Конвенцијата ако во него не бидат внесени нивните сериозни забелешки. Потписниците на апелот нагласуваат дека Конвенцијата треба да биде поднесена за гласање само ако предлог-текстот се занимава само со зацртаната цел за борба против киберкриминалот без притоа да ги загрозува човековите права и основните слободи на оние што би требало да ги штити, односно граѓаните, и да не ги подрива напорите за подобрување на кибербезбедноста за постигнување „отворен“ интернет.

„Граѓанските организации посветија време и експертиза за подобрување на нацрт-текстот и на негово ускладување со постоечкото законодавство и стандарди за човековите права, со Повелбата на ОН и со владеењето на правото, како и со најдобрите практики за обезбедување правна сигурност во напорите за подобрување на кибербезбедноста. Нашите забелешки за предлог-текстот на Конвенцијата се темелат на нашето искуство и борбата за човековите права низ светот. Националните и регионалните закони за киберкриминалот се за жал премногу често злоупотребувани за неоправдани гонења на новинари и безбедносни експерти; за поттиснување на поинаквото мислење и на свиркачите; за доведување во опасност на бранителите на човековите права; за ограничување на слободното изразување; и за давање алиби за непотребните и несразмерните мерки за следење од страна на државните органи“, стои во Заедничката изјава за предложената спогодба за киберкриминалот поднесена пред завршната сесија на Ад хок Комисијата.

Најновиот нацрт на Конвенцијата што треба да биде финализиран во февруари 2024, не ги третира правилно многу од работите за коишто сме сериозно загрижени, порачуваат потписниците.

Заедничката реакција беше поднесена до ОН од 20 невладини организации регистрирани според оперативните правила 8 и 9 на ОН. Меѓу нив се Access Now, ARTICLE 19, Electronic Frontier Foundation, Freedom House, Human Rights Watch и други. Реакцијата беше потпишана од вкупно 89 организации и експерти, меѓу кои е и фондацијата Метаморфозис.

„Веруваме дека ако текстот на Конвенцијата биде усвоен во својата сегашна форма, ризикот од злоупотреби и прекршувања на човековите права ќе се зголеми експоненцијално и ќе нѐ остави со многу понебезбеден интернет“, велат потписниците.

Барањата на потписниците упатени до државните делегации во Ад хок Комисијата за Конвенцијата за киберкриминалот се:

-Да се ограничи опфатот на целата Конвенција на кривични дела зависни од киберсферата коишто се прецизно дефинирани и вклучени во нејзиниот текст;
-Да се стори сѐ Конвенцијата да вклучува одредби што ќе гарантираат дека безбедносните експерти, свиркачите, новинарите и бранителите на човековите права нема да бидат гонети за нивните легитимни активности и дека останатите активности од јавен интерес ќе бидат заштитени;
-Да гарантира дека експлицитните стандарди за заштитата на податоците и за човековите права – вклучувајќи ги принципите на недискриминација, легалност, легитимна цел, потреба и пропорционалност – ќе бидат вткаени во целокупната конвенција. Специфичните, експлицитни заштитни механизми, како принципот за претходно даден судски налог, мора да бидат применети при пристапувањето кон податоци или за нивно споделување, како и за спроведување прекугранични истраги и соработка во согласност со владеењето на правото;
-Да го вклучи родот во целата Конвенција и во секој нејзин член, во обидите да се спречува киберкриминалот и да се одговара на него;
-Да се ограничи опсегот на примена на процедуралните мерки и меѓународната соработка на кривични дела зависни од киберсферата што се внесени во членот на Конвенцијата што ги опишува кривичните дела;
-Да се избегне поддржување на одредбите за следење што може да бидат злоупотребени за подривање на кибербезбедноста и енкрипцијата.

Целосната листа на потписниците на Заедничката реакција може да се види тука.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Руско Министерство за одбрана: Соборени 68 украински беспилотни летала над Краснодар и Крим

Армијата синоќа пресретнала 68 украински беспилотни летала во јужниот руски крај Краснодар и Крим, соопшти руското Министерство за одбрана. Според тоа министерство, 66 беспилотни летала биле соборени над територијата на...