Стратегија за ментално здравје за младите: Најмногу се плашат од осаменост, отфрлање и изолација од пријателите

Најчеста форма на соочување со родителите е разговорот, но сè уште се користат дисциплински методи како одземање на предмети, игнорирање, омаловажување, па дури и шлаканици

Осаменост
фото: Sasha Freemind на Unsplash

Дигитално ментално здравје, рана интервенција на менталните нарушувања и превенција на насилството и злоупотребата на супстанции – ова се дел од целите во новата Национална стратегија за ментално здравје за млади што ја донесе државата, а ја подготви Националниот младински совет на Македонија на предлог од Министерството за труд и социјална политика (МТСП). Стратегијата е донесена за период од три години (2024-2026 година) и содржи Акциски план со низа мерки, активности, одговорни институции и конкретни рокови.

Младите не поминуваат доволно време со родителите, една третина немаат со кого да разговараат за проблемите

Четиринаесет проценти од младите изјавиле дека се соочуваат со здравствен проблем или попреченост, како развојни нарушувања, проблеми со ментално здравје, анксиозност и депресија. Мајката е доминантна фигура на која 50 проценти од младите многу често ѝ се обраќаат за поддршка, за разлика од таткото кој е на второ место, па дури потоа следуваат пријателите. Ова го покажало истражувањето што го спровел НМСМ за потребите на новата стратегија за ментално здравје.

Државните институции многу ретко се перципирани како место на кое младите се обраќаат за помош.

Дури 64 отсто во изминатиот месец имале несогласување со своите родители, најмногу заради училиштето, социјалните медиуми, финансиите и односите во семејството.

Четириесет отсто од децата истакнале дека најчеста форма на соочување со родителите е разговорот, но сè уште се користат дисциплински методи како одземање на предмети, игнорирање, омаловажување, па дури и шлаканици.

Алармантно, како што покажало истражувањето, е дека само 4,8 отсто од младите поминале онолку квалитетно време со своите родители колку што имале желба, додека 30 проценти воопшто не поминале квалитетно време со своите родители во текот на изминатиот месец.

Најголем страв со кој се соочуваат младите е осаменоста (40%), отфрлањето (33%) и изолацијата од пријателите (27%).

Предупредувачки, 15 отсто од младите посакале да го напуштат местото каде што сега живеат од неколку причини – немање поддршка од родителите, изложеност на емоционално насилство, принудување на присилна работа и друго.

Од позитивната страна, поголем дел од младите (68 проценти) се чувствуваат сакано и здраво, иако имало и такви кои се чувствуваат тажно, под стрес и нерасположено. Генерално младите се чувствуваат безбедно и тоа најбезбедно дома, а најмалку безбедно на интернет.

Алармира податокот што само половина од младите разговарале со некого за своите чувства кога се тажни и вознемирени, а 36 проценти немале со кого да разговараат.

Кога се изложени на дигитално насилство, 22 отсто од младите рекле дека разговараат со родителите, 15 проценти со пријател, 11 отсто со возрасно лица од училиште (наставник, педагог, психолог, додека 4 отсто не правеле ништо.

Не е изненадувачки што секој настан што влијае на различни нивоа на животната средина на младите, како што е семејството или училиштето, може индиректно да влијае на психолошката благосостојба на детето, како и да ја наруши или зајакне неговата отпорност. Податоците добиени на овој начин укажуваат дека повеќето млади се погодени од пандемијата на некој начин, или преку сопствените искуства или преку искуствата на блиските луѓе, се вели во Националната стратегија за ментално здравје за млади.

Еден од десет млади имале значителна вознемиреност и/или депресивни симптоми, што го надминува нивото на непријатни емоционални искуства што би се сметале очекувани за возраста. Секое седмо младо лице се соочува со значително ниво на симптоми на посттрауматски стрес.

Националниот младински совет бара доследна имплементација на Страгегијата

Националната стратегија за ментално здравје за млади 2024 – 2026 беше претставена на саемот „Начини до добро ментално здравје“ што се одржа вчера во организација на Националниот младински совет и Министерството за труд и социјална политика (МТСП).

Статистиките за менталното здравје, од НМСМ ги оценија како „навистина загрижувачки“ и побараа доследна имплементација на стратегијата.

„Спојот на иновации, светски трендови и реални потреби на младите во Стратегијата, бараат и проактивност и спремност на институциите да работат во насока на благосостојбата на младите. Сакаме преку доследна имплементација на истата, грижата за менталното здравје да ја направиме достапна за секоја млада личност во нашата држава“, изјави Филип Ивковски, претседател на НМСМ.

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, истакна дека цел на министерството е отворено да се зборува за менталното здравје за да се промени свеста и да се надмине стигмата, а младите да добијат поддршка од стручни лица за надминување на сите нивни проблеми и предизвици.

„Воедно денес ја најавуваме и првата активност во рамки на Стратегијата, а тоа е изградбата на советувалишен центар за деца и млади, кој ќе се фокусира токму на менталното здравје на младите“, изјави вчера министерката Тренчевска.

Во Националната стратегија за ментално здравје е наведена визија за промовирање и афирмација на ментална благосостојба, спречување и минимизирање на ментални болести и обезбедување пристап до висококвалитетна грижа за менталното здравје.

Притоа, меѓу најважните цели е зголемување на свеста за проблемите со менталното здравје кај младите, промовирање на рана интервенција и превенција од проблемите, обезбедување квалитетни и културно-чувствителни услуги за ментално здравје кои ќе бидат достапни за сите млади, без разлика на нивниот социо-економски статус или географска локација, но и соработка помеѓу секторите здравство, образование и социјални услуги.

Меѓу специфичните цели во Стратегијата е наведено и „Дигитално ментално здравје“, при што е превидено развивање и промоција на дигитални алатки за ментално здравје – мобини апликации и онлајн платформи за креирање лесно достапни ресурси, модули за самопомош и виртуелни мрежи за поддршка на младите.

Се предвидува и обучување на здравствените работници за да можат ефективно да ги користат дигиталните алатки за ментално здравје и да ги интегрираат во постоечките модули за испорака на услуги.

Превенцијата на насилство и на злоупотребата на супстанции, исто така се наоѓаат меѓу специфичните цели во стратегијата, при што се предвидени програми насочени кон младите во училиштата и поттикнување соработка со релевантните засегнати страни.

Стратегијата содржи и низа препораки до министерствата за образование, здравство и труд и социјална политика, како и до младинските организации.

Националната стратегија за ментално здравје за млади 2024 – 2026 може да се најде на овој линк.