fbpx

СЗО не планира да имплементира „договор за пандемија“ и да го одземе суверенитетот на земјите-членки

Во случај на нова пандемија, Светската здравствена организација (СЗО) подготвува меѓународен договор кој ќе помогне да се обезбеди поправедна распределба на здравствените ресурси низ богатите и сиромашните земји, како и да се подобри размената на податоци меѓу нациите

-

Светската здравствена организација (СЗО) подготвува меѓународен договор, кој ќе помогне да се обезбеди поправедна распределба на здравствените ресурси низ богатите и сиромашните земји, како и да се подобри размената на податоци меѓу нациите. СЗО со глобалниот план за пандемија, нема за цел да се меша во суверенитетот на државите, односно ќе „нема капацитет“ да ги принуди земјите-членки да се усогласат со мерките за јавно здравје, дури и ако евентуално се постигне договор. Во нацрт-договорот на СЗО за подготвеност за пандемии не се споменува каков било можен мандат за вакцина. Наместо тоа, тој е фокусиран на поправедна дистрибуција на вакцини и лекови меѓу посиромашните и побогатите земји. Во нацртот не се споменува ниту тоа дека организацијата да планира да издава дигитални пасоши и да ги следи движењата на луѓето, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

Анализираме објава на Фејсбук која тврди дека Светската здравствена организација била најголемото зло на светот, притоа изнесувајќи низа невистини во врска со глобалниот договор за подготвеност за пандемија.

СЗО НАЈГОЛЕМО ЗЛО ВО СВЕТОТ

СЗО ни е непријател – СЗО е под шепа на глобалистите/кабалистите – Повлечете се од СЗО – не дозволувајте домашни корумпирани полтрони политичари и извикани експерти, да ги предадат нашите судбини на оваа хиена!!!!!

„Глобалниот договор за подготвеност за пандемијата („договорот за пандемијата“) што во моментов го воспоставува Светската здравствена организација (СЗО) ќе го отвори патот за „фашистички пристап кон социјалното управување“. Корисници ќе бидат бескрупулозните корпорации и инвеститори кои биле добро послушни со одговорот на СОВИД-19. Ова ќе резултира со губење на човековите права и индивидуалната слобода.

СЗО ќе има ексклузивна и широка моќ да прогласи итност за јавно здравје од меѓународна загриженост (PHEIC) за каква било потенцијална или вистинска закана за проширени области, без разлика дали тие закани се биолошки, климатски…И тоа ќе го направи без валидни докази и исклучиво ќе одлучува за мерките и лековите кои ќе и се даваат на јавноста без информирана согласност.

Според предложениот договор, СЗО може, по своја волја, да повика пандемија, да прогласи PHEIC, а потоа да ги преземе овластувањата на националните влади да приведуваат граѓани, да го ограничат нивното патување, да бараат од нив да поседуваат пасоши за вакцина (присилно тестирање и вакцинација) и зголемување на цензурата на социјалните медиуми.

Доколку биде усвоен со просто мнозинство на 77-то Светско здравствено собрание во мај 2024 година, „договорот за пандемијата“ ќе стапи на сила во рок од 12 месеци за сите земји, освен ако некоја земја проактивно поднесе откажување или резервации во рок од 10 месеци.

Па да следиме што ќе се случи на овој датум и ако се усвои оваа тиранија, принудете ги властите да се повлечат од неа!!!!

Во случај на нова пандемија, Светската здравствена организација (СЗО) подготвува меѓународен договор кој ќе помогне да се обезбеди поправедна распределба на здравствените ресурси низ богатите и сиромашните земји и да се подобри размената на податоци меѓу нациите. Во јуни 2023 година, меѓувладиното преговарачко тело на СЗО (ИНБ) се состана за да разговара за предлозите за договор за подготвеност за пандемијата. Неговата цел е да го претстави конечниот нацрт на 77-то Светско здравствено собрание во мај 2024 година.

Досега, сè што е објавено е првиот нацр,  познат како „нула нацрт“ кој беше објавен во февруари и за кој треба да се разговара.

 

Дали СЗО може да се меша во суверенитетот на државите?

Објавата што ја анализираме тврди дека со глобалниот план за пандемија, СЗО има за цел да се меша во суверенитетот на државите:

Според предложениот договор, СЗО може, по своја волја, да повика пандемија, да прогласи PHEIC, а потоа да ги преземе овластувањата на националните влади…

Договорот за подготвеност за пандемијата се преговара меѓу 194 земји-членки на Светската здравствена организација, но самата СЗО не може да ја утврди содржината на договорите, пишува Дојче веле. Нацрт-текстот внимателно го нагласува суверенитетот на нациите, а од германското Сојузно Министерство за здравство изјавиле за ДВ дека:

Конечните договорени прописи се ратификувани од суверени нации, со цел да се добие национално правен ефект.

Педро Виљареал, експерт за меѓународно право, кој е специјализиран за глобално здравје и улогата на СЗО во Институтот за компаративно јавно право и меѓународно право „Макс Планк“, за ДВ изјавил дека:

Во актуелниот нацрт на договорот или договорот за подготвеност за пандемија, постои принцип кој нагласува дека државите го задржуваат суверенитетот во превенцијата, подготвеноста и одговорот на пандемијата.

Виљареал додал дека пакетот алатки на СЗО за интервенирање во националните работи е силно ограничен. Наместо тоа, СЗО е меѓународна организација задолжена за координирање на одговорите на појавата на заразни болести.

На пример, ги координира истражувањата за методите на лекување и вакцинирањето и разменува информации со земјите-членки. Може да дава препораки и да ги критикува државите кои не се придржуваат до мерките, но не може да наметнува дополнителни мерки како санкции, пренесува Дојче веле.

Професор Сара Дејвис, експерт за глобално управување со здравјето на Универзитетот Грифит, Австралија, изјавила за Ројтерс дека СЗО ќе „нема капацитет“ да ги принуди земјите-членки да се усогласат со мерките за јавно здравје, дури и ако евентуално се постигне договор.

Таа вели дека во случај земјите-членки да се одлучат за иден договор за пандемијата:

Тие ќе усвојат законодавство за спроведување на договорот на државно ниво, што, за повеќето земји, ќе бара парламентарна постапка.

Портпаролот на СЗО за Ројтерс изјавил дека има 194 земји-членки на СЗО кои носат „суверени одлуки“ и „улога на СЗО е да ги поддржи овие земји во преземањето активности за заштита и унапредување на здравјето на нивните граѓани“.

Како и со сите меѓународни инструменти, секој договор, ако и кога ќе биде договорен, ќе го одредат самите влади, кои ќе преземат какви било активности додека ги разгледуваат нивните национални закони и прописи, рекол портпаролот на СЗО.

 

СЗО не може да ги принуди луѓето да примат вакцина и да го ограничи нивното движење

Објавата, исто така, тврди дека СЗО со глобалниот план за пандемија има за цел да ги принуди луѓето да се вакцинираат и да го ограничи нивното движење.

Во нацрт-договорот на СЗО за подготвеност за пандемии не се споменува каков било можен мандат за вакцина. Наместо тоа, тој е фокусиран на поправедна дистрибуција на вакцини и лекови меѓу посиромашните и побогатите земји. За време на пандемијата со ковид-19, ова беше одлучувачко тесно грло: додека побогатите нации можеа многу побрзо да набавуваат вакцини, помалку богатите нации, претежно во глобалниот југ, останаа со празни раце, пишува Дојче веле во својата анализа.

Во нацртот не се споменува организацијата да планира да издава дигитални пасоши за да ги следи движењата на луѓето. СЗО наведува дека „ниту е вклучена во националната дигитална сертификација на личното здравје, ниту во собирањето лични податоци“. На државите останува да одлучат кои податоци ќе ги соберат, пишува Дојче веле.

За време на пандемијата, дигиталниот сертификат за ковид-19 на ЕУ, на пример, им овозможи на луѓето да докажат дека биле вакцинирани. Ова го олесни патувањето во различни земји. Дигиталниот сертификат ги запишуваше податоците за употребената вакцина, бројот на администрирани вакцини и болеста со која вакцината требаше да се бори. Ниту еден друг личен податок не бил зачуван долгорочно на една локација, додава Дојче веле во својата анализа.

Во изјава за Ројтерс, портпаролот на СЗО вели дека:

Секој договор, доколку се договорат земјите-членки на СЗО, би се очекувало да го вклучи почитувањето и унапредувањето на човековите права како основна компонента – вклучувајќи го и правото на здравје – и да ги олесни личните слободи.

Од ова можеме да заклучиме дека во случај на нова пандемија, Светската здравствена организација (СЗО) подготвува меѓународен договор кој ќе помогне да се обезбеди поправедна распределба на здравствените ресурси низ богатите и сиромашните земји, како и да се подобри размената на податоци меѓу нациите. СЗО со глобалниот план за пандемија, нема за цел да се меша во суверенитетот на државите, односно ќе „нема капацитет“ да ги принуди земјите-членки да се усогласат со мерките за јавно здравје, дури и ако евентуално се постигне договор. Во нацрт-договорот на СЗО за подготвеност за пандемии не се споменува каков било можен мандат за вакцина. Наместо тоа, тој е фокусиран на поправедна дистрибуција на вакцини и лекови меѓу посиромашните и побогатите земји. Во нацртот не се споменува ниту тоа дека организацијата да планира да издава дигитални пасоши и да ги следи движењата на луѓето. Поради сето ова, објавата ја оценуваме како неточна.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Промовирани новите полициски службеници, генерација 2023-2024

Денеска се одржа пригодна церемонија по повод свечената Промоција на нови полициски службеници - генерација 2023-2024 година, во Центарот за обука на МВР во Идризово, на која покрај раководството...