Шаќири: Полуматурантите да се фокусираат на стручното образование

Со диплома од средно стручно училиште полесно ќе можат да се вработат, но и ќе имаат добра основа за понатамошна академска надобразба, порача денеска министерот за образование и наука Јетон Шаќири

фото: Министерство за образование и наука (МОН)

Државата има дефицит на стручен кадар и доста работни места со солидни примања каде се бараат квалификувани работници се неисполнети. Со диплома од средно стручно училиште полесно ќе можат да се вработат, но и ќе имаат добра основа за понатамошна академска надобразба, порача денеска министерот за образование и наука Јетон Шаќири, апелирајќи полуматурантите да се фокусираат на средно стручно образование кое „нуди поголема веројатност за добра иднина“.

„Образовниот процес во средните стручни училишта е интересен и квалитетен, затоа што во најголемиот дел од нив всушност се спроведува концептот на дуално образование, кој го воведовме, го развиваме, спроведуваме и промовираме заедно со бизнис заедницата, со коморите, локалните самоуправи и со голема поддршка од Швајцарската амбасада“, рече Шаќири при посетата на скопското средно училиште „Георги Димитров“ и компанијата Ацески, заедно со швајцарската амбасадорка Вероник Улман и извршниот директор на Стопанската комора, Антони Пешев.

Шаќири потенцираше дека за учениците е обезбедена повеќе практична настава, за сметка на изучувањето теорија и тоа директно на работно место во компанија. Информираше дека годинава 450 компании ќе примаат ученици на практична обука, а ќе се доделат и околу 1.500 стипендии за учениците што ќе одберат дуално или воопшто средно стручно образование.

„Нека сето ова биде мотив за полуматурантите да одбираат средни стручни училишта и да си обезбедат подобра иднина за себе, а секој нивен успех понатаму, ќе биде и придонес кон напредокот на државата“, додаде министерот Шаќири.

Инаку, пријавувањето и запишувањето на учениците во средните училишта во учебната 2023- 2024 година ќе се врши во еден уписен рок со две пријавувања во месец јуни – на 20 и 21 јуни и второ пријавување на 27 и 28 јуни 2023 година, преку порталот за електронски услуги на Министерството за образование и наука со најава на учениците преку сопствените кориснички сметки на Schools.mk.

Во училиштата каде што ќе се пријават поголем број ученици од планираниот број кои ги исполнуваат предвидените услови, ќе се организира квалификациско тестирање по наставниот материјал од одредени предмети од осмо и деветто одделение.

Конкурсот предвидува речиси 30.000 слободни места во 937 паралелки, од кои 279 паралелки се предвидени за гимназиското образование и 658 паралелки во средните стручни училишта. Во соработка со општините и компаниите во земјава се обезбедени 6.475 слободни места во 259 паралелки во дуалното стручно образование.