fbpx

СДСМ бара седница на Совет на град Скопје за аерозагадувањето, од ВМРО вината ја префрлаат кај владата

-

Скопје и утрово се наоѓа на 13-тата позиција во светот на веб-страната IQAir според степенот на загадување на воздухот, кој во моментов е категоризиран како нездрав. И мерењата на Државниот автоматски мониторинг систем за квалитет на амбиентален воздух покажуваат дека насекаде во главниот град среднодневните концентрации на ПМ-10 честички во воздухот биле над дозволената граница од 50 микрограми на метар кубен, иако аерозагадувањето над прагот на алармирање од 150 микрограми на метар кубен вчера било присутно единствено на мерната станица во Центар.

Лошиот квалитет на воздухот беше причина од партијата СДСМ денеска повторно да побараат од скопската локална власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ и нивната коалиција со Левица и Данела Арсовска да закажат итна седница на Советот на град Скопје, на која би се вовеле итни мерки за справување со аерозагадувањето.

„Скопје изминатите денови беше на врвот на листата на најзагадени градови во светот, што директно влијае врз здравјето на луѓето. Локалната власт на ВМРО-ДПМНЕ и нивната коалиција во Скопје со Левица и Арсовска не преземаат ништо за да го решат овој проблем“, стои во денешното соопштение на СДСМ.

Социјалдемократите порачуваат ВМРО-ДПМНЕ да не тера инает туку да ги прифати мерките и предлогот на СДСМ за вонредна седница на Советот на Град Скопје, бидејќи се работи за здравјето на граѓаните.

„СДСМ како одговорна партија предлага итно зголемување на бројот на автобуси на сите линии во јавниот градски превоз, воведување бесплатен превоз за сите граѓани во Скопје, зголемување на средствата за борба против загадувањето од градскиот Буџет, финансиска помош за училиштата за адаптирање на системот за затоплување на еколошки енергенси, изготвување акциски план за чистење на сите депонии во Скопје, чистење/миење на улиците и јавните површини со цистерни, како и безусловно интензивно постапување на инспекторите во вршењето на својата должност“, бараат од СДСМ.

Од ВМРО-ДПМНЕ денеска одговорија дека се потребни итни мерки за намалување на загадувањето, но прстот го вперија кон владата и градоначалничката Данела Арсовска, обвинувајќи ги дека се во коалиција. Од ВМРО-ДПМНЕ не одговорија на барањето на СДСМ за одржување на итна седница на Советот на град Скопје и на мерките кои ги предлагаат социјалдемократите.

„СДС и Арсовска само си ја префрлаат топката во врска со мерките кои треба да се преземат, но ништо конкретно нема. Плод на соработката Ковачевски Арсовска е директорот на ЈСП Александар Стојковски, кадар на СДС, кој го потпиша договорот за набавка на гориво 27 милиони евра без вообичаениот рабат, со што е оштетено претпријатието за 1,5 милиони евра. Доколку имаше рабат, ќе имаше 1,5 милиони евра повеќе во касата на ЈСП, пари доволни за да се покрие долгот кон приватните превозници, кои не сообраќаат веќе, и има помалку автобуси на улиците низ Скопје во ек на најголема загаденост во Скопје“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

За аерозагадувањето денеска реагираат и од „Зелен хуман град“, граѓанска иницијатива која има двајца советници во скопскиот градски совет. Тие обвинуваат дека македонските медиуми се преплавени со написи за менување на регулативата за индустријата да може слободно да увезува отпад за горење за да стане „поконкурентна“.

Од „Зелен хуман град“ тврдат дека индустријата е најголем загадувач и дека таа лобира за законски измени, со кои ќе ѝ се врати дозволата да увезува отпад за горење за да биде „поконкурентна“.

„На македонското општество му се неопходни научно-базирани и конзистентни чекори кон истата цел – нула отпад и енергетска независност. Истовремено, 24-часовна ригорозна надворешна контрола врз загадувачката индустрија со неселективни строги санкции за прекршувачите на законот. Единствено така можеме вистински да го решиме загадувањето и да ги заштитиме животите на нашите сограѓани“, велат од „Зелен хуман град“.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Борел и Вархеји: Изборите беа демократски спроведени

Во заедничка изјава, потпретседателот на Европската комисија и висок претставник на Европска Унија за надворешни работи и безбедносна политика Жозеп Борел и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји го поздравуваат...