fbpx

Руско ракетирање врз Херсон и Одеса, десетина загинати и повредени цивили

Во руското ракетирање на Херсонскиот регион загинаа седум лица, меѓу кои и бебе. Смртоносниот руски напад бил извршен врз неколку населени места

-

Најмалку седум загинати лица во Херсон и тројца повредени во Одеса е билансот на руските ракетни напади од изминатово деноноќие, јавува Гардијан. Во Одеса биле погодени супермаркет, образовна институција и станбена зграда во центарот на градот, а гувернерот на регионот Одеса, Олег Кипер изјави дека украинската противвоздушна одбрана успеала да пресретне 15 камикази дронови и осум ракети Калибр.

Во руското ракетирање на Херсонскиот регион загинаа седум лица, меѓу кои и бебе. Смртоносниот руски напад бил извршен врз неколку населени места, меѓу кои и селото Широка Балка, каде загинало цело четиричлено семејство, пренесува Гардијан.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски вети правда по руското бомбардирање кое уби седум лица, потенцирајќи дека ќе има одговор на руските злосторства.

Инаку, нов загрижувачки развој на состојбата во Црното море се појави откако руски воен брод испука предупредувачки истрели кон товарен брод во југозападниот дел на на ова море. Ова е првпат Русија да пука врз трговски брод надвор од Украина, откако таа претходно се повлече од историскиот договор за жито кој беше склучен со посредство на Обединетите нации.

Во јули, Русија го прекина учеството во договорот за жито во Црното море, кој и овозможуваше на Украина да извезува земјоделски производи преку Црното море. Официјална Москва соопшти дека смета дека сите бродови кои се упатуваат кон украинските води потенцијално носат оружје.

Во неделата, Русија соопшти дека нејзиниот патролен брод „Васили Биков“ пукал со автоматско оружје врз бродот „Сукру Окан“ под знамето на Палау, откако капетанот на бродот не одговорил на барањето да запрат поради инспекција.

Русија соопшти дека бродот се движел кон украинското пристаниште Измаил. Податоците покажуваат дека бродот моментално бил во близина на брегот на Бугарија и се движел кон романското пристаниште Сулина.

Притоа, припадници на руската војска се качиле на бродот со помош на хеликоптер Ка-29 и извршиле инспекција врз бродот, по што му било дозволено да го продолжат својот пат кон пристаништето Измаил.

Високиот советник на украинскиот претседател Володимир Зеленски, Михаило Подољак рече дека инцидентот е јасно кршење на меѓународното право, пиратско дело и злосторство против цивилни бродови на трета земја во водите на други држави. Тој додаде дека Украина ќе го избере најдобриот можен одговор.

Министерството за надворешни работи на Украина во официјално соопштение најостро ги осуди провокативните дејствија на Руската Федерација на 13 август во Црното Море во однос на турскиот товарен брод „Шукру Окан“, кој бил на пат кон пристаништето Измаил. Руската морнарица грубо ги прекршила Повелбата на ОН, Конвенцијата на ОН за поморското право и другите норми на меѓународното право и ја загрозила слободата на навигација и безбедноста на комерцијалниот брод во Црното Море.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Вучиќ кон Пикси откако автобусот се заглави во песок: „Тешки сме Драгане“

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека е договорено финалето на Лигата на Европа на УЕФА во 2028 година да се игра на Националниот стадион во Сурчин. Вучиќ на...