fbpx

Реакции за измените во Кривичниот законик: Тивка амнестија на осудените за криминал и корупција

Многу обвиненија и истраги за висок коруптивен – финансиски криминал сторен на штета на државата ќе се соочат со застареност, со предложените измени во Кривичниот законик, со кои се предвидува за неколку години да се намалат затворските казни за дела поврзани со злоупотреба на службена должност, реагираат невладините организации

-

Многу обвиненија и истраги за висок коруптивен – финансиски криминал сторен на штета на државата ќе се соочат со застареност, со предложените измени во Кривичниот законик (КЗ), со кои се предвидува за неколку години да се намалат затворските казни за дела поврзани со злоупотреба на службена должност и овластувања на функционери, службени и одговорни лица во јавни претпријатија и установи.

Со вакви предупредувања излегуваат невладините организации, но и политички партии, откако Владата до Собранието го достави предлог-законот за изменување и дополнување на КЗ, со европско знаменце.

Од Транспаренси Интернешнл – Македонија овие измени ги нарекуваат „тивка амнестија“ и се повикуваат на членот 3 од Кривичниот законик – „Задолжително применување на поблаг кривичен закон став 2“. Ова значи дека ако по извршувањето на кривичното дело е изменет законот, еднаш или повеќе пати, ќе се примени законот што е поблаг за сторителот, а одредени постапки ќе подлежат на застареност.

„Предложените измени се спротивни на заложбата за безусловна борба против корупцијата и за засилени санкции против лицата кои се обвинети или осудени за коруптивни кривични дела. Во овие моменти на силни внатрешни и надворешни укажувања се дека корупцијата, а посебно високата корупција е на високо ниво, а довербата во правосудниот систем од 0,4 % од граѓаните, е на најниско ниво во историјата на оваа држава, кога владее состојба на неказнивост и недостасува секаков вид на одговорност, во Собранието е доставен предлог на законско решение, кој треба да овозможи поблаг третман, поблаги санкции, ослободување од вина, оневозможена конфискација, за сторителите кои за сопствени цели ја злоупотребиле својата службена положба“, велат од Транспаренси Интернешнл – Македонија.

Со реакција се јавија од Блупринт групата за реформи во правосудството која ја сочинуваат „Македонско здружение на млади правници“, „Институтот за европска политика“, „Институт за човекови права“, „Коалиција сите за правично судење“, „Хелсиншки комитет“ и „Центар за правни истражувања и анализи“, од каде изразија сериозна загриженост и побараа законските измени да не се гласаат од пратениците или указот да не биде потпишан од претседателот Стево Пендаровски.

Од Блупринт групата нагласуваат дека Владата во предлогот нема образложение по кои стандарди и зошто се намалуваат казните.

„Сметаме дека ваквите интервенции во законот ќе бидат погубни за борбата против организиран криминал и корупција и дополнително ќе ја зголемат и така високата неказнивост за сторителите на кривичните дела. Битно е да се напомене дека во предлог текстот не е наведено зошто се намалуваат казните и по кои стандарди се предлагаат бидејќи во коресподентните достапни табели во релевантните документи на ЕУ воопшто не се спомнати и оценети двете спорни одредби“, велат од Блупринт групата и додаваат дека обидот да се протнат на мала врата вакви законски измени и решенија ќе ја намалат и онака ниската доверба во правосудството и ќе бидат погубни за борбата против криминалот и корупцијата.

„Ако ваквите предлози се донесат, тоа ќе има влијание и на намалувањето на рокот за настапување на апсолутна застареност, односно, лицата кои ги сториле овие дела во последните 10 до 15 години ќе имаат можност да избегнат кривична одговорност“, велат од Блупринт групата.

ВМРО-ДПМНЕ смета дека власта се подготвува за опозиција, од Алтернатива велат дека му се отвора патот на Груевски

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска изјави дека владата на СДСМ и ДУИ турка два члена од законот а тоа се измени на законот за злоупотреба на службена положба и членот за злосторничко здружување, бидејќи се спремаат за опозиција.

„Зошто се спремаат за опозиција? Затоа што вака на шверцерски начин со злоупотреба на европско знаменце ги носи измените во Кривичниот законик, генерално во два члена, а тоа се членот кој што го опфаќа делот за злоупотреба на службена положба и вториот член тоа е злосторничко здружување“, изјави Мицкоски, додавајќи дека е важно да се каже оти се спремаат за опозиција и криминалот коишто го правеа изминатите 6 години сакаат на овој начин да го сокријат.

Од партијата Алтернатива, пак, велат дека основната причина поради која се прават овие измени во Кривичниот законик е што е можно побрзо во Скопје да се врати Никола Груевски.

„Јавноста има право да знае, а премиерот Ковачевски и министерот за правда Лога имаат обврска да го објаснат ова, дека доколку помине овој предлог за измена на Кривичниот законик, а тие имаат мнозинство да го усвојат, потоа можат слободно да му извадат билет на Никола Груевски во еден правец од Будимпешта до Скопје и да го пречекаат со сите државни почести“, велат од Алтернатива.

Од партијата додаваат дека за сите предмети во кои е осуден или му се суди во отсуство на Груевски, ќе бидат прогласени за застарени, па така нему евентуално, може да му се суди за предметите „Тенк“ и „Насилство во Општина Центар“, кои не предвидуваат казна затвор од повеќе од три години.

„Она што се забележува е дека Предлог-измените на Кривичниот законик не се потпишани од министерот за правда, туку од неговиот заменик. Дали Алијансата за Албанците сака да си ги измие рацете и да каже дека не е виновна за услугата што му ја прават на Груевски? Ние очекуваме и министерот за правда, како и лидерот на АА, да излезат и да изјаснат дали се согласуваат со овие измени на Кривичниот законик“, велат од Алтернатива.

Кои се измените предложени во Кривичниот законик?

Со новиот предлог закон за измени на Кривичниот законик се предлага намалување на казните за кривичното дело Злоупотреба на службена положба и овластување; се брише ставот 5 од членот 353 кој ја санкционира злоупотребата на службената положба и овластувања при вршење јавни набавки или на штета на Буџетот и на јавните фондови за кој имаше казна од најмалку 5 години затвор, а максималната казна затвор за Злосторничко здружение се намалува од 10 на 3 години, а се укинува и проширената конфискација за нелегално стекнат имот.

Или подетално, во стариот закон членот 353 предвидуваше казна од најмалку три години затвор за службените лица кои при злоупотреба на службената положба прибавиле значителна имотна корист или нанеле значителна штета, но не беше предвидена горна граница. Сега, со затворска казна од една до четири години, се отвора можност многу дела побрзо да застарат.

Ставот 5 од членот 353 за Злоупотребата на службената положба и овластувања при вршење јавни набавки или на штета на Буџетот и на јавните фондови, предвидуваше најмалку пет години затвор. Во новиот закон се предвидува нов став кој единствено гласи дека „прибавената имотна корист се одзема“.

Казната за службеното лице или одговорно лице во јавно претпријатие или јавна установа кое несовесно постапува во своите овластувања и должности и со тоа прибавува значителна имотна корист или предизвикува значителна штета беше најмалку три години затвор, а со новите измени се предвидува намалување за ова дело од шест месеци до пет години затвор.

За делото Злосторничко здружување, пак, казната со постоечкиот закон е од една до десет години затвор, а со новите измени се предлагаат од една до три години затворска казна.

Владата образложи дека овие измени на Кривичниот законик произлегуваат од Националната програма за усвојување на правото на Европската Унија, со цел да се усогласи казнената област со најновите европски директиви и меѓународни стандарди во оваа област и да се редефинира казнената политика во пропишувањето на казните за кривичните дела.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Народната банка додели награди на млади истражувачи од областа на макроекономијата и банкарството

Народната банка, на денот на монетарната независност, 26 април, ја одржа годишната свеченост за доделување на наградата на млади истражувачи од областа на макроекономијата и банкарството. Овогодинешниот победник беше Никита...