Владата до Собранието го достави предлог-законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик, со кои се предвидува намалување на затворските казни за злоупотребата на службената должност и овластувања. Предложените законски измени се доставени до парламентот за да се разгледуваат по скратена постапка, а Комисијата за европски прашања на денешната седница од 13 часот ќе го разгледува доставениот предлог како единствена точка на дневниот ред.
Предложените измени на Кривичниот законик содржат 39 члена, а во образложението за нив се наведува дека по скратена постапка се менува членот 98-а за проширена конфискација со проширување на опсегот на кривични дела на кои се однесува овој член. Со членовите од 2 до 28 се менуваат пропишаните казни за кривичните дела против животната средина, со што се врши усогласување со наведените членови со Директивите на ЕУ во оваа област.
Сепак, помеѓу предложените измени во 39 члена, привлекува внимание промената на членот 353 од Кривичниот законик. Со измените, службените лица, кои при злоупотреба на службената положба прибавиле значителна имотна корист или нанеле значителна штета, од досегашната казна од најмалку три години затвор, се предлага да се казни со затворска казна од една до четири години, со што се поставува горна граница и се отвора можност за побрзо застарување на делата.
Дополнително во предлогот го нема ставот 5 од членот 353 во кој се предвидува најмалку пет години затвор за злоупотреба на службената положба и овластување при јавни набавки или оштетување на Буџетот, јавните фондови или други средства на државата. Наместо тоа, се предлага нов став со кој „прибавената имотна корист се одзема“.
Во членот 353-в, кој ја опфаќа темата за несовесно работење во службата, се предлага менување на казната за службеното лице или одговорно лице во јавно претпријатие или јавна установа кое несовесно постапува во своите овластувања и должности и со тоа прибавува значителна имотна корист или предизвикува значителна штета. Наместо досегашните најмалку три години затвор би му следувало од шест месеци до пет години затвор.
Се предвидуваат пониски казни и за злосторничко здружување. Наместо досегашните казни од една до десет години затвор, се предлагаат од една до три години затворска казна за оној кој ќе создаде група или банда за вршење кривични дела. Дополнително, припадниците на ваквите злосторски здруженија наместо досегашната казна затвор од шест месеци до пет години би добивале најмногу до две години затвор.
„Злоупотребата на службената положба и овластување веќе подолго време како инкриминација е критикувана и го има епитетот на реликт од казненото законодавство во поранешна Југославија. Главната забелешка е дека се работи за апстрактна инкриминација чие битие е бланкетно и сето тоа придонесува кон различно толкување во нејзината примена. Во прилог на ова стојалиште се и компаративните законици на
земјите од Европската Унија. Така на пример, КЗ на Германија не познава одредба која што има ваков карактер. Тоа не значи дека не се санкционираат различните облици на злоупотреба на службената положба и овластување. Argumentum a contrario, се конкретизираат најчестите конкретни облици на злоупотреба и притоа се пропишуваат казни кои зависат од квалитетот на неправото. Таков е концептот и на новиот КЗ на РСМ кој што во најскоро време треба да биде донесен“, се наведува во даденото образложение од Владата за предложените измени на Кривичниот законик.