Бугарската потпретседателка Илијана Јотова денеска заминува во посета на Албанија, каде ќе се сретнела со претставници на бугарското малцинство, извести Бугарско национално радио (БНР).
Посетата доаѓа пред пописот на населението и живеалиштата во Албанија, кој се очекува да почне следната седмица. Првата активност на Јотова ќе биде средба со претставници на бугарската заедница во Голо Брдо.
Албанија во октомври 2017 година официјално призна постоење бугарско национално малцинство во земјата, а Бугарија и пред тоа, но посебно по признавањето, активно дејствува на терен меѓу населението, делејќи книги и учебници и давајќи стипендии за студирање во Бугарија на албански граѓани што се изјаснуваат како Бугари.
Претставници на македонското национално малцинство во Албанија обвинуваат дека Бугарија преку делење стипендии и помош сака да ги преобрати во Бугари луѓето што се сметаат за Македонци. Според БНР, во Албанија имало 35.000-45.000 луѓе со бугарски корени, а точната бројка ќе се дознаела со пописот кој ќе почне следната седмица.
По Голо Брдо, Јотова в сабота ќе го означи почетокот на новата учебна година во бугарското неделно училиште на Друштвото „Бугарите во Албанија“ во градот Елбасан.
Според официјалните податоци, во Албанија има три неделни училишта во коишто 260 деца ќе учат бугарски јазик во оваа учебна година.
БНР известува и дека во Бугарија има 200 студенти и 90 докторанди од Албанија „со бугарско потекло“.
Јотова во Тирана ќе се сретне и со ректорот на Тиранскиот универзитет, каде се предава и бугарски јазик, а во главниот град на Албанија таа ќе ја промовира и книгата „Бугарите во Албанија“ од Спас Ташев.
Во рамките на официјалната посета на Тирана, Јотова ќе се сретне со албанскиот претседател Бајрам Бегај, со двајца министри и со претседателот на парламентот, Линдита Никола, известува БНР.