Германците не ги сакаат е-тротинетите, опасни се за сообраќајната безбедност

Нешто над 51 отсто од возрасните лица од Германија имаат прилично или дури многу негативен став кон електричните тротинети, додека 61 отсто од испитаниците мислат дека сообраќајната безбедност е влошена откако овие превозни средства биле дозволени на германските улици во 2019 година

Фото: Markus Spiske on Unsplash

Мнозинството Германци имаат ниско мислење за електричните тротинети, додека многумина никогаш не користеле вакво превозно средство, покажува анкетата спроведена од YouGOV во име на ДПА, пишува германската новинска агенција ДПА.

Нешто над 51 отсто од возрасните лица од Германија имаат прилично или дури многу негативен став кон електричните тротинети, додека 61 отсто од испитаниците мислат дека сообраќајната безбедност е влошена откако овие превозни средства биле дозволени на германските улици во 2019 година.

Само 5 отсто од испитаниците во анкетата гледаат подобрување на безбедноста, додека 25 отсто одговориле дека ќе нема промена.

Дополнителни 76 отсто од анкетираните мислат дека електричните тротинети треба да бидат паркирани во посебно дизајнирани места за нивно паркирање, додека 13 отсто сметаат дека може да се оставаат по улици и 12 отсто на тротоари како паркинг места.

Во моментов, не постојат посебно определени паркинг места за електричните тротинети што се изнајмуваат, кои во огромен број ги преплавуваат големите градови и населените места со средна величина, што пак особено предизвикува проблеми кај постарите лица и кај лицата со оштетен вид.

„Постарите лица имаат огромни проблеми“ како последица на непрописно паркираните тротинети, вели Јенс-Петер Крузе од Германското национално здружение на асоцијации на постари граѓани.

„Во некои случаи, електричните скутери се паркирани на таков начин што е целосно провокативен – по велосипедски или пешачки патеки“, објаснува Крузе.

„Ова е многу голема опасност за луѓето со оштетен вид, но исто така и за сите луѓе кои ги користат велосипедските патеки во темница“, додава тој.

„Германското здружение за слепи и лица со оштетен вид моментално започнува судски спорови во Бремен, Минстер и Берлин „за да се наметнат фиксни места за паркирање на тротоарите“, вели нејзиниот заменик-извршен директор Кристијане Молер.